24 Април, 2024
0.0285

Интервју Николај Крастев: Бугарско вето за Македонија ќе биде грешка, тоа му одговара само на руското влијание

Објавено во: Македонија, Интервјуа 08 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Односите меѓу Македонија и Бугарија во очи на почнувањето на преговорите за членство во ЕУ и можното вето повторно се доведени во прашање, особено по контроверзиите кои ги предизвика навредливиот памфлет на Бугарската акдемија на науките и уметностите. Во бугарското општество се почести се личностите кои апелираат на разумно носење на одлуки и сакаат да се гради пријателство меѓу двете соседни земји. Секако, заглавување на Македонија, а со тоа и оставање простор за ширење на српското, руското и влијанието од останатите соседни земји не е во линија на бугарските интереси. За тоа дали дојде до заладување меѓу Скопје и Софија и дали треба да стравуваме од бугарско вето разговаравме со долгогодишниот новинар и аналитичар Николај Крастев. Тој во неколку наврати бил дописник од Македонија, како и од Белград и Москва за БНР и е одличен познавач на состојбите на Балканот. Крастев за залага историјата да не ја отпроварува сегашноста и да се остварат заедничките цели, особено за инфрастрктурно поврзување преку Коридорот 8, но и зголемена комуникација, инвестиции во економијата и културна и медиумска размена.

Фактор: Што мислите за контроверзниот документ на БАНУ со кој се обидува да го дефинира македонскиот јазик како западнобугарски дијалект па дури го нарекува и северномакедонски. Дури и во Договорот од Преспа јазикот е наречен македонски јазик. Доаѓаме до една ситуација кога практично Грција го признава македонскиот јазик, но не и Бугарија. Зошто служи овој документ и зошто сега е пласиран. Дали се работи за внатрешно политички потреби во Бугарија или се гради една нова позиција кон Македонија?

Крастев: Јас мислам дека тој став е за внатрешно политичка употреба кој во моментов не е потребен, да се говори за тоа дали македонскиот јазик е западнобугарски, дали е северномакедонски јазик. Тоа е целосно непотребно на дневниот ред на односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Напротив ние денес треба да се движиме напред да воспоставиме едно сериозно партнерство, затоа што Бугарија и Македонија имаат заедничка иднина. Инаку јазикот е јасен за Република Северна Мaкедонија, тој е таков каков што е според Уставот на вашата земја, јазикот е кодифициран 1945 година, независно од тоа дали на некого му се допаѓа во Бугарија или не, јазикот е факт. Секако, има дискусии за тоа како е создаден јазикот внатре во македонското општество, дали имало политичко влијание од Србија, се знае дека постоеле три комисии кои заседавале во тоа време. Ова е тема која треба да се решава внатре во македонското општество, не гледам што може да донесе документот на Бугарската акдемија на науки и уметности по оваа тема, освен дополнително да се оптоваруваат односите меѓу Софија и Скопје. Како биле наречени говорите на базата на која е кодифициран македонскиот јазик од преродбениците, исто така е внатрешно прашање.

Фактор: Откако се потпиша Договорот за добросесдство помеѓу Македонија и Бугарија забележавме подобрување на односите, имаше зачестени посети како на Борисов така и на Заев во тоа време, дури забележавме и раст на трговската размена. Но, гледаме дека во изминатиот период имаме одредено заладување најпрво на персонално ниво меѓу Борисов и Заев, а потоа и на државно ниво. На што се должи ова заладување на односите?

Крастев: Јас не верувам дека има заладување на односите меѓу премиерот Борисов и поранешниот премиер Заев, напротив сметам дека тие се нормални. Сепак, не е и јасно зошто Заев одложи една своја посета додека беше премиер. Можеби и да има заладување, но јас тоа не го гледам. Можеби одредени спорови повторно се наметнаа и тоа може да влијае на односите, што мене не ми се допаѓа. Нема поблиски држави на Балканот од нашите две соседни држави и ние треба да гледаме напред, а не во минатото.

Фактор: Веќе добивме зелено светло од Европскиот Совет за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија, но и поради кризата со корона вирусот има мало задоцнување на овој процес, меѓутоа сите политички фактори велат дека тој ќе започне. Може ли да стравуваме од можно бугарско вето во започнувањето на преговорите доколку одредени сегменти од Договорот за добрососедство не се спроведат или барем не се спроведат онака како што наложува бугарската страна?

Крастев: Јас мислам дека нема основа да очекувате дека Бугарија ќе наложи блокирање на почетокот на преговорите преку вето. Да, во Бугарија има различни луѓе, да, во Бугарија има кругови кои се поврзани и со Русија и со Србија кои не посакуваат Република Северна Македонија да продолжи напред кон Европската Унија. Да, има политичари како поранешниот бугарски претседател Прванов и неговата партија АБВ кои настојуваат и продолжуваат да ја застапуваат идејата за Анекс на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година. Но, тоа се тие кругови и центри на руското влијание. Такви центри на руско влијание има и во Македонија кои пречат најпрво на подобрување на односите меѓу нас и го попречуваат стабилизирањето на Балканот. Тоа за мене е најголемиот проблем во овој момент.

Фактор: Делумно активни се комисиите за историја помеѓу бугарските и македонските историчари кои треба да работат на усогласување за начинот на кој ќе се толкуваат настаните од минатото и кои ќе треба да влезат и во учебниците. Се забележува ли политичко влијание и мешање врз нивната работа. Дел од експертите се пожалија дека се прават обиди да се изврши политичко влијание и велат дека треба историјата треба да и се препушти на историчарите, а политиката на политичарите. Какви се вашите согледувања?

Крастев: Во Бугарија, за жал, се гледа едно успорување по однос на Комисијата за историја по однос на Северна Македонија и има отежнување на работата. Тоа лично не ми се допаѓа бидејќи во Договорот кој беше потпишан всушност имаше многу подлабока содржина освен да се говори само за работата на историските комисии. Поважни се одредбите да се работи на инфраструктурни проекти и поврзување, бизнисот да се развива, економиите да ни се зближат, да станеме уште поблиски, да имаме заеднички културни настани, да се зближат медиумите меѓу нашите две страни. Тоа треба да биде водечко. Во моментов не е неопходно да се говори за закоченоста на Комисијата за историја и дополнително да се отежнува ситуацијата, затоа што кај вас, според последните информации, следат парламентарни избори на 5 јули. Стравувам дека токму тие кругови на руското и српското влијание па и на грчкото влијание се обидуваат да ја нагласат работата на Комисијата отколку што таа има влијание. Да, историјата е важна, јас сум и историчар, но за мене е важно да не спориме за минатото или до периодот до 1945 година. Нашите односи продолжуваат и по тоа и се навистина интересни во сите периоди. Во овој момент не треба да и се дава предимство на комисијата, историјата да им ја оставиме на историчарите, да нема нова Берлинска страна меѓу нас, и да гледаме кон иднината.

Фактор: Неопходно е за суштинско поврзување меѓу двете земји е да се изгради Коридорот 8 кој е практично во целосен застој од двете страни на границата, ниту имаме градежни активности за железничкото и автопатско поврзување. Далеку сме од патување за два часа од Скопје до Софија. И натаму овој дел од Балканот останува слепо црево, па дали тука има влијание од регионалните сили и од оската Белград-Атина?

Крастев: Се разбира дека има. Затоа кажав дека според мене во моментов е многу важен еден регионален момент кога се разговара за размена на територии меѓу Србија и Косово. Тоа создава голема загриженост. Мене ми останаа во впечаток изјавите на претседателот Пендаровски пред неколку недели кога кажа дека идејата за поделбата на Косово е многу лоша за иднината на Балканот. Ја видовме потоа и многу острата реакција на Србија која што значи дека таа во моментов е нервозна и се брза да го реши косовското прашање. Но, за тоа не сакам бугарско-македонските односи да станат заложници на поголеми регионални процеси. Тоа го видовме преку француското „НЕ“ за Македонија за започнување на преговорите во ЕУ, што беше сигнал или толкување дека нема простор за членство се додека билатералните проблеми во регионот не се решат. Секако, овие прашања треба да бидат разрешени, но за да бидат решение треба да има спокој и мир, без притсок врз двете страни. Изградбата на Коридорот 8 е од исклучителна важност бидејќи ќе го поврзе Црното со Јадранското море, ќе ги придвижи инвестициите и економската соработка, како и да ги придвижи политичките процеси на Балканот.

Фактор: Се развива ли критичка мисла во Бугарија пред се кога е во прашање ставот кон Македонија и минатото како и сегашните односи. Би ја споменал колумната на професорот Денко Малески која наиде на жестоки реакции кај нас, но имаше и позитивни коментари кои што велеа, без оглед дали неговите ставови се базирани на историски факти или не, дека тоа е добар исчекор за подобрување на односите. Кај нас се создава долго време аномизитет кон Бугарија токму поради навредливите ставови и изјави кои доаѓаат од ваша страна. Постои ли таков вид на самокритика и во бугарското општество од академските, медиумските и јавните кругови да наметнат една нова реторика кон Македонија?

Крастев: Да во Бугарија често се критикува дека во Северна Македонија никој не ги признава историските факти. Јас се изненадив од признанието на господинот Малески кој не е само советник на претседателот Пендаровски туку и прв министер за надворешни работи дека ние сме биле еден народ. Што ние да очекуваме, уште кој од вашата страна треба да каже нешто подобно. Се разбира, дека Македонија е факт на балканската политичка мапа. Факт е дека наместо да сме адвокат на Македонија на нејзниниот пат кон НАТО и ЕУ, ние продолжуваме со оспорувања па затоа сме во една таква ситуација Скопје да има подобри односи со Грција и со Србија, а со Бугарија да нема таков однос и да има заладување како што велите вие. Нема потреба од таков вид на поделби во македонското општество затоа што Бугарија треба да биде во добар однос со сите страни во Северна Македонија. Објективизирањето на историјата е многу важно како за вас така и за нас.

Фактор: Сведоци сме на пандемија со која нашите генерации не се соочиле досега, која донесе голема економска криза. Се наметнаа бројни рестрикции со воведувањето на вонредната состојба и се ограничи движењето на граѓаните. Исто така гледаме засилена информациска кампања од различни центри кои сакаат да се шират лажни вести. Ќе има ли тектонски геополитички поместувања. Што ќе значи ова за европското сојузништво и на кој начин треба да соработуваат Македонија и Бугарија по овој предизвик?

Крастев: Европската Унија беше исправена пред еден многу голем предизвик со пандемијата на КОВИД-19 и тоа доведе до определени внатрешни проблеми како што беше критикувањето од страна на Италија на општата европска политика на солидарност, давањето предност на руската линија на помош. Во Србија видовме дека се благодарни на Кина и Русија, но не и на ЕУ, иако авионот кои полета во Кина да ја подигне помошта беше финансиран со европски пари, но за тоа не се пишуваше во српските медиуми.

Ова е голем предизвик, мислам дека Европа ја научи својата улога, особено за солидарноста, но и да бидеме поподготвени бидејќи ја потцени заканата за јавното здравје и сега гледаме дека сосема различни се нештата со воведување на протоколи за справување со ваков вид на кризи. Не мислам дека ќе има значителни поместувања во ЕУ. Во економска смисла се создаваат два круга во ЕУ кои се претставници на две различни гледишта. Едните се да се трошат повеќе пари за да се стимулира економскиот раст, а другите пак сакаат да се штеди за да се одржи животниот стандард. Европската економија за жал беше силно погодена од последиците на КОВИД-19, па затоа се предложуваат посебни мерки. Решението на Брисел да внесе 750 милијарди евра во европската економија покажува дека Европа знае како да се справи со кризата.

Бугарија и Македонија имаат заеднички пат во Европската Унија кој треба да го изодат. Искрено кажано, не верувам дека има спротиставеност на целите на Скопје и на Софија. Единствено што ме загрижува е начинот на кој опозициската ВМРО-ДПМНЕ говори за европската ингеграција. Тоа ме плаши, бидејќи е возможно ВМРО-ДПММЕ да побара промена на Договорот за добрососедство со Бугарија што тука не наидува на позитивни реакции. Се смета дека нападите кон Бугарија кои доѓаат од медиумите се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Се надевам дека бугарската дипломатија тоа ќе го согледа и нема да му придодава големо значење, бидејќи во Македонија постојат и чесни медиуми со искрени намери.

Насоката во која се движат Македонија и Бугарија е точна и правилна иако може да направиме уште многу заедно.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП