25 Април, 2024
0.0299

Интервју со Георгиев: Потребно е да бидеме подготвени за странските инвестиции

Објавено во: Економија 25 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Граѓаните и фирмите често имаат забелешка дека предолго се чека услугата од некоја институција, дека предолго трае комуникацијата меѓу институциите кои треба да споделат потребни податоци за да овозможат некоја услуга, дека се комплицира сечиј живот со шетањето од една до друга институција за да се обезбедат потребни документи и податоци. Ова се само дел од примерите од секојдневниот живот кои современиот свет ги решава со дигитализацијата на јавните услуги  за што во интервју за Фактор зборува Љупчо Георгиев, Мајкрософт менаџер за Македонија. Тој објаснува како на современа технолошка платформа се развиваат квалитетни, ефикасни и безбедни е-услуги и што тоа значи за привлекувањето инвестиции и економскиот развој на земјата.

Георгиев: Наједноставно кажано дигитализацијата значи задоволни граѓани, ефикасна јавна администрација и успешни фирми. Целта на дигитализацијата е да со олесни комуникацијата на граѓаните  и компаниите со јавната администрација.

Прашањето е како да се постигне таа цел? Со добра инфраструктура, а во понудата на е-услуги инфраструктурата подразбира креирање на една база, каква што е платформата на Мајкрософт, и на таа платформа  секое министерство, секоја институција која им нуди јавни услуги на граѓаните и фирмите, е претставена со посебна апликација. Сите тие апликации се меѓусебно поврзани.

Она што ќе го донесе таквата поврзаност во рамки на една база е заштеда на ресурси, првенствено време. Секој документ што е во хартиена форма треба да биде електронски за кога ќе отидете во било која институција да бидат веднаш достапни на јавниот службеник, да не се шетате од шалтер на шалтер за да ги соберете сите потребни информации со цел да го остварите правото на добивање јавна услуга.

Како функционира и кои се предностите на технолошка платформа на Мајкрософт?

Георгиев: Технологијата е корисна само ако ни помага да намалиме трошоци и да зголемиме ефикасност, да даде поддршка во менувањето и унапредувањето со цел да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните и компаниите. Промените директно се чувствуваат во начинот на кој се следат состојбите, се пријавуваат и решаваат проблемите. Бенефитите се највидливи во доменот на оптимизација на сообраќајот и одржување на патна инфраструктура, координација на здравствените услуги, лесен пристап до податоци за издавање дозволи, инспекциски надзор, енергетска ефикасност и јавна безбедност.  Веројатно во образованието и пазарот на труд најмногу се чувствува потребата од фаќање приклучок со „четвртата револуција“. Кадарот е клучен за развој на економијата. Во 21 век училиштата и просторно и програмски не ни се подготвени да продуцираат кадри кои ги бара новата состојба на пазарот на труд. Едни професии изумираат се појавуваат нови, светот се менува, а образованието со децении останува исто. Нашата главна сила се младите, а новите генерации размислуваат дигитално, очекуваат дека сѐ можат и треба да завршат од своите паметни телефони.

Во услови кога очекуваме евроатлантските интеграции да ни го отворат пазарот за нови странски инвестиции не смееме да се доведеме во ситуација да немаме едуциран кадар за тоа. Ако немаме едуциран кадар, квалитетни јавни услуги, ефикасно судство, здравство и слично многу лесно може да ни се случи странските инвестиции едноставно да не заобиколат затоа што не сме подготвени. Иднината е дигитално општество, а на неговото создавање мора да гледаме не како на трошок туку како на инвестиција која повеќе од сигурно ќе ни се исплати и тоа на многу пократок рок отколку што претпоставуваме.

Кои земји во регионот ја користат технолошката платформа за развој на своите јавни услуги и до каде се во процесот на дигитализација?

Георгиев: Мајкрософт веќе 20  години е партнер на владите во регионот помагајќи им на лидерите да ја зголемат ефикасноста, да ги намалат трошоците и да го подобрат квалитетот на услугите за граѓаните.

Сите држави во регионот ја користат платформата и во соработка со Мајкрософт се на одличен пат кон дигитална трансформација на јавниот сектор, сите ги имаат сфатено предностите на е-услугите и што значи менаџмент на држава во 21 век. Дигитализацијата на јавниот сектор подразбира развој на стопанството односно приватниот сектор. Клучен момент е нашата земја да фати приклучок додека сеуште не е процесот отиден толку напред па да не можеме да се прилагодиме.

 Имајќи го предвид исксутвото на многу земји кои своите јавни услуги ги развиваат на технолошката платформа на Мајкрософт, како дигитализацијата се одразува врз секојдневниот живот на граѓаните и фирмите?

Георгиев: Владите ширум светот веќе ги забележуваат огромните заштеди кои се резултат на имплементацијата на е-услуги за граѓаните. На пример, Велика Британија проценува намалени трошоци од 42 милиони фунти како резултат на намалено време на чекање и пониски трошоци за обезбедување на услугата. Има многу успешни приказни во светот но би издвоил две кои се од земјите во регионот на Југоисточна Европа и ја покажуваат вистинската природа на дигиталната платформа за е-услуги.

Чешкиот град Оломук со 700 вработени во јавната администација си постави цел да го забрза добивањето на услуга, да го намали времето на чекање и да го олесни пристапот и менаџментот на документи. Благодарение на дигиталното решение од било која точка на државата може лесно да се пристапи  до сите податоци и документи, а со тоа се подобри и ефикасноста на вработените. „Загрепски холдинг“ овозможува, комунални, транспортни, енергетски и комерцијални услуги за Град Загреб. Се работи за збир од различни јавни претпријатија кои користат различни платформи што претставувало безбедносен ризик и предизвикувало проблеми за централизираното управување. Решението кое го имплементираат е комбинација од Windows 10, Office 365, Azure, Enterprise Mobility + Security  со што се подобрува ефикасноста, услугите централизирано се менаџираат, а безбедноста е на највисоко ниво со што граѓаните се позадоволни од јавните услуги што ги добиваат.

Што во пошироки рамки значи ефикасен дигитален систем на јавни услуги? Колку тоа се одразува на економскиот раст на една држава и конкурентноста на глобалниот пазар?

Георгиев: Ако зборуваме од аспект на инвестиции, со самото влегување во ЕУ и НАТО ние треба да исполниме одредени стандарди кои се во поодмината фаза на дигитализација. Не смееме да одложуваме и чекаме, мора да преземеме чекори кои зборуваат дека ние сме безбедна земја за инвестиции. Секој што ќе сака да инвестира сака да знае дека има стабилен судски систем, инфраструктура, едукативен систем кој продуцира квалитетни кадри, добар здравствен систем односно да знае дека сѐ што како поддршка јавниот сектор ќе треба да му го пружи на оној кој влегува и инвестира тука е ефикасно и штеди време и пари. Во иднината нѐ носат само промени.

Што ваквиот систем на е-услуги значи од аспект на безбедноста на податоците?

Георгиев: Клучната предност на технолошката платформа на Мајкрософт е безбедноста.  Мајкрософт инвестира огромни средства во јакнење на безбедноста, заштитата од сајбер-напади и сајбер-криминал.  Следно, ваквата инфраструктура е компатибилна односно лесно може да се имплементира секоја апликација и да комуницира со другите, во позадина имаме вештачка интелигенција, анализа на огромна количина на податоци, а од друга страна е лесна за користење. Во Мајкрософт може да зборуваме само за врвни стандарди за безбедност на податоците. Заштита на личните податоци на сите граѓани и точни овластувања на секој службеник до кои податоци во системот има пристап. Од друга страна супервизорите на јавните службеници имаат овластување да видат кај кој вработен има застој во процесирање на предметите или потреба од помош со цел да се заврши работата и со тоа се стремиме кон поефикасна јавна администрација и задоволни граѓани. Во нашиот фокус централно место имаат луѓето и веруваме дека пружајќи им поддршка на државите ги подобруваме условите за живот на сите.

Р.Ф.


Можеби ќе ве интересира

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра