29 Март, 2024
0.0267

Интервју Стефан Богоев: Стоп за квазиурбанизацијата - За чист воздух и зелен Карпош

Објавено во: Македонија 07 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Од скопските општини трката на локалните избори во општина Карпош ќе биде една од најинтересните за следење бидејќи СДСМ ќе се обиде да си го врати својот бастион каде некогаш владееше, но потоа дојде до „куршлусот“ со Стевчо Јакимовска кој како сол на рана уште коалицираше и со најлутиот политички ривал ВМРО-ДПМНЕ. Сега Стефан Богоев доби шанса од СДСМ да ја предводи битката и тој најавува дека оди на сигурна победа и не е важно што е актуелен пратеник бидејќи долго време се подготвувал за ваков предизвик. Карпош е една од најважните скопски општини која во последните години имаше меѓу највисоките стапки на загаденост што се должи на хаотичната урбанизација, па затоа разговаравме со Стефан Богоев и неговите идеи за управување на локално ниво.

Фактор: СДСМ реши Вам да Ви ја даде довербата и да застане зад Вас како кандидат во општина Карпош, пред Анте Поповски и Душко Весковски, кои беа доста активни. Што ќе значи тоа за изборната кампања, очекувате ли сплотеност во настапот против актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски?

Богоев: Сплотеноста ја имало и ќе ја има. Со Анте и со Душко јас сум личен пријател и сопартиец, речиси десетина години. Заедно сме поминале многу, заедно срушивме режим, од кој и Јакимовски е дел. Тие се способни и квалитетни луѓе со одлични идеи за Карпош. Тие идеи ќе бидат инкорпорирани во конечната програма. Слободно можам да заклучам дека во Карпош владее сполотеност и енергија која ќе ги врати зеленилото, здравиот дух, урбаниот живот во општината и цврсто и одлучно ќе се справи со урбаната мафија на Јакимовски и Груевски. Нашата заедничка цел е карпошани повторно да живеат квалитетно, а не да се гушат во загаден воздух и криминал од градежната мафија.

Фактор: Иако сте меѓу помладите политичари, долго време сте во СДСМ. Дали критиките кои СДСМ ги имаше за младоста на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ сега може да послужат како паралела?

Богоев: Младоста ми дава сила и енергија за посветено и со полн капацитет да се справам со клучните проблеми во општината и безрезервно, во секој момент, да бидам на располагање на моите комшии и сограѓани карпошани. Имам тим кој е составен од луѓе стручни во делот на заштита на животната средина, просторното и урбанистичкото планирање, но и луѓе кои долги години професионално работат или работеле во општината, кои што темелно ги познаваат проблемите. Три ипол години сум пратеник во Собранието на Република Македонија, а четири години претседател на младината на СДСМ која брои повеќе од 16 000 членови. Магистрант сум по применета економија, а дипломирав финансии со стипендија, поради високиот просек. Младоста ми е повеќе плус, отколку минус на личното конто. Сакам да докажам дека ние младите, поддржани од мудроста и искуството на повозрасните, знаеме како да ги решаваме проблемите на граѓаните, имаме авангардни и прогресивни идеи кои се надвор од калапот на здодевниот политички естаблишмент.

Фактор: Вие сте пратеник, добивте мандат од граѓаните. Дали ќе поднесете оставка штом започне изборната кампања?

Богоев: Горд сум што како пратеник успеав да ги издигнам на површина прашањата и проблемите од интерес на младите, да бидам иницијатор за укинување на екстерното тестирање и Кембриџ програмата, како и да ја отпочнам идејата за Младинска гаранција. Од собраниската говорница активно, повеќе од три години, се борев против режимот на ВМРО ДПМНЕ и сите заедно успеавме да го срушиме.

Се подразбира дека јас повеќе нема да бидам пратеник. Затоа што, барем во следните четири години, заедно со карпошани ќе се фокусираме на враќање на животот во Карпош. Оставките се дел и од партиската стратегија, со цел да не се закочи процесот на реформи, бидејќи немаме комотно мнозинство во Собранието. Во парламентарните тела, во моментот, течат процедурите со кои ќе ја укинеме радиодифузната такса, ќе ги обештетуваме стечајците и ќе ја зголемуваме минималната плата. Зборот си е збор и ова мора да го им го испорачаме на граѓаните.

Во секој случај, не планирам тоа да ми биде резервна варијанта. Одиме на сигурна победа и, ведаш потоа, да се фатиме со сериозна и посветена работа во Карпош. Доста беше, се загушивме!

Фактор: СДСМ не може да го прости потегот на Јакимовски кој коалицираше со ВМРО ДПМНЕ. Освен тоа, што ќе биде Ваш и мотив на Вашите поддржувачи за победа во општина Карпош?

Богоев: Мојот единствен мотив е Карпош повторно да биде зелена, здрава, еколошки свесна, но и модерна и напредна општина. Немам намера да се фалам со пет-шест сантиметри асфалт или неколку бекатон плочки. Тоа е тековно, основно и нормално за очекување. Карпош го гледам како општина која што максимално ќе ги користи алтернативните, обновливите извори на енергија. Општина која ќе го евидентира / каталогизира, ќе го заштити и значително ќе го надогради зеленилото, како и општина во која нема да царува квазиурбаниот криминал за сметка на зеленилото и чистиот воздух. Со една реченица: буквално да се врати животот во Карпош, во секоја смисла.

Фактор: Со каква програма ќе настапите, кои се итните проблеми кои треба да се решат во Карпош? Која е Вашата визија за понатамошен развој на општината?

Богоев: Програмата се темели на современи и, пред сè, одржливи решенија. Решенијата произлегуваат од проблемите кои што граѓаните ни ги истакнуваат секојдневно при секоја средба или кафепиење, проблеми за кои што протестираа и критикуваа. Она што сметам дека е приоритетно е итна ревизија на деталните урбанистички планови, за кои и јас и граѓаните имаме сериозни сомнежи дека кријат криминал. Потоа, бездруго тоа е заштита на сите зелени површини и забрана за нивно претворање во градежно земјиште, нешто што до сега се злоупотребуваше. Конечно, тоа е итното лоцирање и мапирање на загадувачите на воздухот и поднесување на иницијатива за брзо и темелно решавање на овој проблем, во соработка со централната власт.

Карпош после четири години го гледам како општина со тројно зголемено зеленило, со достоен и квалитетен воздух, со ултра модерни училишта и училишни дворови, организирани во зони за здрав живот и рекреација; како општина со целосно решен проблем за паркирање преку зелени, еко паркинзи, паркирање кое што ќе остане бесплатно, а притоа нема да биде на сметка на уништување на зеленилото и како општина препознатлива по здравиот дух и максималната искористеност на алтернативните извори на енергија. Општина со оптимално организирано урбанизирање, без урбана мафија и безбедна за сите граѓани. Убеден сум дека Карпош ќе биде број еден општина по сите параметри во Македонија и пошироко. Имам визија, имам сериозен и искусен тим зад мене за сето ова да се оствари.

Фактор: Очекувате ли Стевчо Јакимовски да настапи заедно со ДПМНЕ на овие избори и колку тоа ќе значи поголем предизвик за СДСМ и вашата коалиција?

Богоев: Без разлика како Јакимовски и ДПМНЕ ќе настапат, факт е дека тие се заедно, како тенџерче и капаче. Тоа го знаат и граѓаните, нив можете еднаш да ги измамите, втор пат - тешко. Ако некои пред четири години беа измамени дека е независен, овој пат маските паднаа. Падна маската на Јакимовски, а зад неа – се  наоѓа Груевски. Како и да настапат, Карпош ќе победи, а тие ќе бидат поразени. Потоа следува и целосна ревизија на финансиското работење на општината, на јавните набавки и на ДУП-овите. Сè што е криминално направено од страна на Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде изнесено пред лицето на правдата. Во Карпош повеќе нема место за криминал.

Фактор: Што претставува Карпош за Вас, каков дух им треба на жителите како значаен дел од Скопје?

Богоев: Да не звучи како фраза, ама за мене Карпош го претставува моето минато, мојата сегашност и мојата иднина. Во Карпош го поминав детството, тука сум школуван, израснат и планирам да останам. Моето цело семејство се стари карпошани, исто како и моите најблиски пријатели. Редно време е да си го средиме нашиот дом, нашиот Карпош и да го вратиме здравиот, урбаниот и комшискиот дух на општината. Доста дишевме отровен арсен и гледавме како се редат високи згради во секое паркче, како лего коцки. Време е да никнат дрвја и паркови во нашиот Карпош, за да го победиме квазиурбаното сивило. Тоа значи да живееме, а не да преживуваме. Карпош да биде општина за сите!

Фактор: Локалната власт често потфрла кога е во прашање директната врска со граѓаните кои ретко се известуваат за важни промени. Како ќе гарантирате вклученост на граѓаните во процесот на носење одлуки?

Богоев: Ова, всушност, е и еден од темелите на мојата програма. Планирам, како прв меѓу еднаквите, јас но и сите советници и клучни луѓе во општинската администрација да бидеме цело време достапни за нашите сограѓани и комшии. Планирам секоја недела средби со граѓаните од урбаните заедници, да ги кажат своите проблеми и да испиеме по едно комшиско кафе. Тоа ќе мора да го прават и советниците и раководителите на клучните сектори во општината. Покрај тоа, преку отворени телефонски линии како и преку социјалните мрежи, да сме на располагање во секое време. Достапноста, директната врска со граѓаните и взаемното пријателство, се гаранција дека никогаш повеќе нема да се прават матни работи во доцните ноќни часови, зад грбот на граѓаните. Оние кои ме познаваат знаат дека сум секогаш лесно достапен и комуникативен. Таков и ќе останам. Впрочем, токму младоста ми дава сила и енергија да бидам таков.

Фактор: Што очекувате од битката за град Скопје. Потврдено е дека Шилегов ќе "трча" со дресот на СДСМ, а се чека потврда за кандидатурата на Коце Трајановски кој остава впечаток кај многу гласачи дека вредно работи. Ќе бидат ли пресудни гласовите на Албанците?

Богоев: Гласовите не ги делам на албански, македонски, турски, ромски или слично. Гласот е глас, граѓанинот е граѓанин. Во трката за Скопје, пресудно за поразот на Трајановски ќе биде криминалот од Скопје 2014, загадениот воздух кој сите нас скопјани со години нè труе и масакрирањето на зеленилото кое Трајановски, Јакимовски и останатите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ го правеа во изминатите години. Сметката на крај некој ќе мора да ја плати. Доволно ја плаќаа граѓаните, сега ќе ја платат Коце Трајановски и Стевчо Јакимовски.

Во деновите што доаѓаат следува на јавен увид сериозно направена програма за Скопје, со трајно и одржливо решение за јавниот превоз, со решавање на загадувањето и со искористување на еколошките и обновливите извори на енергија.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ДАЛИ БИ ГО ПОСЕТИЛА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА: Билјана Ванковска даде одговор

ДАЛИ БИ ГО ПОСЕТИЛА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА: Билјана Ванковска даде одговор

ДУДУШ КАЖА ДЕКА ГО ИЗБРКАЛЕ ОД СДСМ: Го пофали Ахмети и го нарече татко на нацијата

ДУДУШ КАЖА ДЕКА ГО ИЗБРКАЛЕ ОД СДСМ: Го пофали Ахмети и го нарече татко на нацијата

На Бујар Османи му е предложено да се кандидира за генерален секретар на НАТО?

На Бујар Османи му е предложено да се кандидира за генерален секретар на НАТО?

Тошковски: Приведено уште едно лице за убиството на докторот

Тошковски: Приведено уште едно лице за убиството на докторот

Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Андоновски: Не е проблем превработеноста, туку нефункционалноста на администрацијата

Андоновски: Не е проблем превработеноста, туку нефункционалноста на администрацијата