30 Октомври, 2020
0.0221

ИНТЕРВЈУ СВЕТОЗАР ЈАНЕВСКИ: Сега на луѓето им треба оптимизам, за економијата е нужна многу поголема поддршка

Објавено во: Економија, Интервјуа 29 Мај, 2020

Се соочуваме со криза која е без преседан и нема да заобиколи ниту еден сектор. Се откажуваат деловни договори, се губат традиционалните пазари, се намалува инвестициската активност. Затоа се неопходни многу похрабри и поефикасни одлуки од оние што ги донесе Владата, кои ќе обезбедат далеку поголема поддршка за економијата, за таа да опстане и да се спасат што повеќе работни места. 

Во ексклузивно интервју за Фактор, по подолг период во кој не можеа да се слушнат неговите јавни ставови за економските прилики во земјава, еден од најпопуларните и врвни македонски бизнисмени, Светозар Јаневски, сосема искрено говори за големата загуба која за стопнството ја донесе корона кризата. Смета дека оваа техничка Влада нема простор за маневар за носење одлуки кои би му помогнале позначајно на бизнисот, па избори треба да се одржат час поскоро за да се надмине ваквата лимбо ситуација. За Фактор, Јаневски открива дека при кроењето на мерките Владата не ги прифатила сите сугестии на бизнисмените, кои главно биле во насока дека мора да се обезбеди што поголема помош за економијата. Затоа и на третиот сет мерки не гледа како на предизборна корупција, туку како на нужност за да се врати оптимизмот и да се зголеми јавната потрошувачка. Разговаравме и за одлуката да се поштеди од кратење на платите јавната администрација, за која смета дека не е сосема коректна кон оние што останаа без работа во приватниот сектор, а за богатите во земјава не мисли дека останаа заобиколени од кризата. Во интервјуто за Фактор, Светозар Јаневски, кој својата бизнис кариера ја стартуваше во светот на пивото, но се покажа дека е подеднакво успешен и во винската индустрија, не крие дека „Тиквеш“ е една од најпогодените од кризата, бидејќи неработењето на угостителските објекти ја намали продажбата за околу 70 отсто. Разговаравме и за аквизицијата на француската винарија преку која и македонските потрошувачи можат да уживаат во врвните француски вина, за стратегијата, за идните планови...

Господине Јаневски, Владата веќе донесе три сета економски мерки за да им помогне на погодените компании и на граѓаните да ги надминат последиците од економската криза. Што сметате, дали овие мерки се добри и дали навистина ќе вродат плод онака како што замислува и ветува Владата? 

Јаневски: Мојата првична оценка за мерките што досега ги презеде Владата, за да ги намали економските штети и да обезбеди поддршка за социјално загрозените граѓани кои ги загубија своите работни места и имаат намалување на платите, е дека тие нема да бидат доволни. Се соочуваме со криза која е без преседан и која нема да заобиколи ниту еден економски сектор и дејност. Истовремено, никој се уште нема дефинитивен одговор колку оваа криза ќе трае. Целиот свет се соочува со можност од нови бранови од заразата, кои можат да се случат оваа есен и зима, што секако ќе донесат уште поголеми економски штети. Бизнисот се соочува со откажување на деловните договори, со губење на традиционалните пазари, а инвестициската активност насекаде во светот се намалува. Сметам дека вистинската сила на кризата ќе ја почувствуваме после околу шест месеци. 

Во вакви околности, неопходни се многу поефикасни и похрабри одлуки. Најголем број од земјите одлучија да обезбедат што поголема поддршка за економија сега, за да може таа да опстане и да се спасат што повеќе работни места. Кај нас тешко се прифаќа ваквиот начин на размислување. Кога се одлучува за обемот на помошта, се размислува тесноградо. 

Истовремено, треба да бидеме свесни дека оваа техничка влада има ограничен простор за маневар да донесува одлуки, а сударот меѓу опозицијата и позицијата е погубен за земјата, затоа што во прв план, наместо интересот на граѓаните и економијата, се става личниот и партискиот интерес. Затоа треба што поскоро да се разреши ваквата „лимбо“ состојба, час поскоро мора се спроведат избори и да се избере влада која ќе носи одлуки и решенија што ќе имаат подолгорочно дејство. 

Дали бизнисот беше прашан за овие мерки, и што вие како стопанственици и сугериравте на Владата? Кои мерки, според Вас, требаше да се донесат, и кои би можеле да имаат поголем ефект за да заживее стопанството кое беше силно погодено од корона кризата? 

Јаневски: Да, нас како претставници од бизнис заедницата ни беа презентирани мерките што се предложени, што не значи дека сите наши сугестии беа прифатени. Треба да се обезбеди што поголема помош на економијата, на бизнисот. Мора да сфатиме дека по секоја цена треба да се бориме за спас на економијата, таа да преживее, затоа што запирањето на циклусот во економијата ќе значи запирање на целокупниот „крвоток“ во земјава, затоа што без приливите во буџетот што ги обезбедува бизнисот нема да може да се финансира ниедна јавна и државна функција. Сметам дека Македонија како мала економија, може да биде флексибилна. Со брзи, ефикасни мерки и солидна помош кон приватниот сектор можеме да ја спасиме економијата и да ја направиме поефикасна во однос на другите. 

Притоа, поддршката треба да биде насочена кон секторите од домашната економија кои имаат потенцијал за раст и за зголемување на вредноста на извозот, како што се на пример земјоделството и прехранбената индустрија. Исто така, треба да се поддржат и поголемите компании кои ја влечат економијата напред и од кои може да се очекува да направат позначителни позитивни промени. Тоа се компании кои со својата работа врзуваат голем број други компании во синџирот на креирање на домашниот производ и се смета дека на одреден начин се двигатели на развојот. И релевантни светски извори велат дека е неопходно да се поддржат ваквите компании.

Многу од критичарите во овој трет сет на мерки гледаат еден вид предизборна корупција на Владата, односно на владејачката СДСМ, која силно се подготвува за парламентарни избори некаде на почетокот на јули. Дали и Вие препознавате такви елементи во најновите владини потези, со кои многу категории ќе добијат одредена сума средства? 

Јаневски: Неизбежен факт е дека пандемијата ја затекна земјава на самиот старт на изборната кампања за претстојните предвремени парламентарни избори. Но, во вакви вонредни околности, кога целокупното функционирање на нормалните животни текови е загрозено, мора да се гледа низ призмата на врвни приоритети. За да се заштити јавното здравје запреа голем број на економски активности, а останатите се соочуваат со сериозен пад по неколку параметри. 

Оттука, лично сметам дека мерките што ги креира Владата, а се финансираат од јавните пари, односно од Буџетот, мора да ја заштитат виталноста на компаниите и да ја зголемат јавната потрошувачка, преку субвенционирање на граѓаните. Од аспект на човек кој работи и создава во реалниот сектор, најважно е мерките да се покажат ефикасни и да бидат еден „бајпас“ за економијата и граѓаните во овие моменти. 

Многу е рано да се зборува за ефекти, реални оценки ќе можеме да дадеме кон крајот на пандемијата, но паметни влади во вакви моменти преземаат одговорност, тоа е  основна и најважна функција на секоја влада. Ако мерките се засновани на популизам, а тоа бргу ќе го покаже нивната имплементација, последиците ќе бидат лоши за сите, а најмногу за политичарите. Во вакви времиња е потребна мудрост и искуство. 

Еве ќе дадам еден пример, Европската комисија донесе Инструмент за опоравување на економијата, во вредност од 750 милијарди евра. Оттука, мерките што се носат за спас на економијата, не смеат да бидат козметички и предизборни, туку темелни и суштински. Ако многу посилни економии од нашата носат вакви мерки, тогаш ние треба да работиме на анализа со сериозна вклученост на реалниот сектор, за да може да се понудат и нов сет на мерки што ќе ја подобри кондицијата на економијата. Со оглед на тоа дека економијата е жива материја, важно е политичарите да отворат поинтензивен дијалог со бизнисмените и мерките да се надополнуваат и надоградуваат согласно потребите. 

Господине Јаневски, во јавноста можат да се слушнат забелешки, особено од левичарските кругови, дека богатите во земјава во оваа криза останаа некако нечепнати. Односно, се остави тие да и помогнат на државата со нивните донации за Министерството за здравство. Дали не сметате дека е дојдено време да се размислува за повторно и побрзо враќање на прогресивното оданочување? 

Јаневски: Пандемијата ни покажа дека луѓето, кога се соочуваат со заедничка опасност, се исти. Ситуацијата во која се најде светот ја поттикна  солидарноста помеѓу луѓето. Сведоци сме на многу инвентивни начини што ги споија луѓето, преку креативни идеи. Не се согласувам дека оваа криза заобиколи некого. Напротив. Сметам дека сите се погодени. Но, јас сум човек кој сака да гледа предизвик и можност во вакви кризни времиња и затоа најголемиот дел од моето време го поминав во проценка на новите потенцијали и извлекување на поуки. Сега на луѓето им треба оптимизам, а тоа можеме да го постигнеме со поттикнување на јавната потрошувачка и со раздвижување на економијата. Кризата не треба и не може да биде изговор за мерки кои нема да продуцираат резултати како што се очекува. Тоа е популизам, а економијата не се раздвижува со популизам.

Дали, пак, од друга страна, сметате дека јавниот сектор, кој практично остана со истите плати кои ги добиваше и досега, иако многумина беа ослободени од работните обврски, не требаше сепак да добие одредено намалување на платите, и практично да се солидаризира со оние што останаа без работа во овој кризен период? 

Јаневски: Како човек кој долги години е на управувачка позиција во реалниот сектор, можам да кажам од лично искуство, дека во вакви моменти, ако и мислите добро на својата компанија, или на државата, некогаш мора да носите и непопуларни мерки. Така ќе успеете да поминете со помали штети низ кризата. Во вонредната ситуација Владата требаше да преземе мерки со кои ќе обезбедеше еднаква позиција за што поголем дел од општеството. Имено, администрацијата остана со исти месечни примања, но не се донесоа скоро никакви мерки за вработените во угостителството и туризмот кои ги стопираа своите економски активности како резултат на одлуките на Владата за затворање на овие дејности за да се заштити јавното здравје. Кога се носи таква одлука, која секако е оправдана, мора да се мисли и на економскиот аспект, односно како овие сектори да излезат што помалку оштетени од оваа ситуација.

Владата го донесе ребалансот на буџетот, со кој буџетскиот дефицит ќе се продлабочи за 470 милиони евра и веќе ја издаде еврообврзницата, која ќе тежи 700 милиони евра. Дали нема да натрупаме како држава голем долг, кој потоа многу тешко ќе го враќаат идните генерации? 

Јаневски: Постои непишано правило кое вели дека колку што е пострашна кризата, толку треба да се похрабри решенијата за излез од неа. Од втората светска војна до денес, светот не се соочил со поголема криза од оваа, така што и одговорот и решенија што се нудат мора да бидат на исто рамниште. Во услови кога опстанокот на речиси целата економија е доведен во прашање, не е паметно да се прашувате дали да ги употребиме сите „лекови“, туку треба да направите колку што можете повеќе за економијата да ја преживее оваа криза. Сите анализи и прогнози на светските финансиски институции укажуваат на тоа дека по завршување на кризата, откако ќе се воспостави повторно рамнотежа меѓу понудата и побарувачката, ќе се остварат далеку повисоки стапки на раст отколку пред кризата. Но, за да може да се оствари тоа, неопходно е по секоја цена да не се дозволи да пропадне здравиот дел од бизнисот што има потенцијал да повлече напред откако кризата ќе заврши. Значи, сосема оправдано е сега да се вложува што е можно повеќе во економијата и во обезбедување на нејзиниот опстанок. На тоа не треба да се гледа како на трошок, туку како инвестиција во уште подинамичен развој во иднина. Неопходните финансиски средства за ваквата инвестиција во идниот развој мора сега да ги обезбеди државата, преку буџетот и преку задолжување. Сметам дека доколку сега државата вложи паметно и повеќе во стопанството, тоа ќе и врати неколкукратно повеќе откако кризата ќе заврши. 

Како Вашата компанија „Тиквеш“ е погодена од корона кризата, дали и колку забележувате намалување на продажбата и приходите, со оглед што локалите и рестораните не работеа два и пол месеци? Дали побарувачката од граѓаните ги надомести овие изгубени приходи? 

Јаневски: Винската индустрија е една од најпогодените од кризата со оглед на фактот дека виното се консумира најмногу при семејни веселби, дружење со пријатели и во ресторани и кафулиња. Препорачаните мерки за социјално дистанцирање, затворањето на рестораните и кафулињата, како и општата состојба во која се наоѓавме изминатите два месеци, ја намали продажбата на вино за над 70 отсто на ниво на индустрија. Со оглед на фактот дека ВВ „Тиквеш“ е најголема и водечка компанија во земјава, падот кај нас е најизразен. Дополнително, сите прослави се одложени, а вообичаено луѓето во такви прилики купуваат вино. Ниту побарувачката во супермаркетите не беше зголемена, така што се соочуваме со сериозен пад што ќе се одрази на резултатите во годишните анализи. Тешко дека ќе можеме да ги надоместиме овие месеци во следниот период од годината, со оглед на тоа што неизвесноста е се уште присутна. Винската индустрија е важна индустриска гранка во македонската економија, и очекувам поголема државна поддршка која ќе ги амортизира штетите.

Кажете ни нешто повеќе за Вашиот бизнис со винската индустрија. Во јуни лани компанијата „Тиквеш“ промовираше четири нови видови француски вина. Како тие поминаа на македонскиот пазар? 

Јаневски: Да, заедно со останатите три вина од француската винарница што беа претставени на македонскиот пазар, сега оваа линија има седум различни вина во кои можат да уживаат и македонските потрошувачи, запознавајќи се со вкусови и сорти кои не се карактеристични за нашиот регион и да дознаат повеќе за светот на виното. Љубителите на виното одлично ги прифатија.

Но, купувањето на „Château de Gourdon“ има многу подалекусежно и пошироко значење. Тоа е стратешко поврзување со француските винарници. Овој потег ни ги отвора вратите за натпревар со најдобрите, а тоа се француските вина, кои уживаат највисока репутација на светско ниво, но сега од едно ново рамниште. Истовремено, ни нуди можности да учиме и да стануваме подобри и поуспешни. Едноставно, светската винска сцена е многу поблиску и подостапна кога ја гледате од француска перспектива. Преку купувањето на „Château de Gourdon“, „Тиквеш“ во пакет добива можности за комуницирање и за продажба во светски рамки. Тоа е долг пат, но доколку „Тиквеш“, а особено нашите млади луѓе покажат способност да се адаптираат и да се снајдат во новите услови и предизвици, тоа ќе отвори широки хоризонти и потенцијали за развој во светски рамки. Така што, поврзувањето на француската винарница со брендот „Тиквеш“ е еден нов импулс за развој, едно ново ниво.

Кои се плановите на компанијата за наредниот период. Каква ќе биде клучната стратегија? 

Јаневски: Нашата долгорочна стратегија е обезбедување врвен квалитет и најголема вредност за потрошувачите во сите одделни линии на производи од портфолиото на „Тиквеш“. Остануваме посветени на ваквата определба, како и на развојот на винската култура во земјава, едукацијата на различни нивоа и развојот на винската индустрија. Затоа продолжуваме со инвестиции во лозарството, во винската едукација, во развојот на човечкиот потенцијал.

Истовремено, за да обезбедиме подобри резултати, ние континуирано работиме и на освојувањето на странски пазари и тоа останува наша долгорочна цел. Стратегијата во овој дел се разликува од пазар до пазар, па дел од неа беше и аквизицијата на винарница во Франција, а ќе продолжиме да работиме на други стратешки партнерства и активности што ќе ни овозможат пристап на различни пазари и поголемо присуство на нашите вина на нив.

По случувањата во Србија, дали планирате проширување и нови аквизиции во регионот? 

Јаневски: Ние постојано разгледуваме можности и во регионот и надвор од него, кои би биле компатибилни за нашиот бизнис и за неговиот понатамошен развој и успех. Доколку има можност и оцениме дека е таа поволна за позицијата и идниот развој на „М6“ и „Тиквеш“, секако дека сериозно ќе се посветиме на нејзината реализација. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

„Алкалоид“ со 175 нови вработувања, двојно зголемени инвестиции од над 1,1 милијарди денари и раст на консолидираните продажби од 8 отсто во првите девет месеци

„Алкалоид“ со 175 нови вработувања, двојно зголемени инвестиции од над 1,1 милијарди денари и раст на консолидираните продажби од 8 отсто во првите девет месеци

Угостителите пропаѓаат: Се прикучија кон барањето за смена на директорот на Агенцијата за промоција на турзмот

Угостителите пропаѓаат: Се прикучија кон барањето за смена на директорот на Агенцијата за промоција на турзмот

Субвенции за струја за семејствата погодени од Ковид: Се бараат пари

Субвенции за струја за семејствата погодени од Ковид: Се бараат пари

Која банка има добивка од 23 милиони евра до крај на септември?

Која банка има добивка од 23 милиони евра до крај на септември?

Зошто вицепремиерот Фатмир Битиќи не поднел Анкетен лист за имотната состојба во Антикорупциска?

Зошто вицепремиерот Фатмир Битиќи не поднел Анкетен лист за имотната состојба во Антикорупциска?

Светски позната компанија вработи 100.000 луѓе пред празниците

Светски позната компанија вработи 100.000 луѓе пред празниците

188 амандмани на ребалансот, толку поднесе ВМРО-ДПМНЕ

188 амандмани на ребалансот, толку поднесе ВМРО-ДПМНЕ

МАКПЕТРОЛ: Нејасно е зошто РКЕ има негативен став кон либерализација на пазарот на нафтени деривати

МАКПЕТРОЛ: Нејасно е зошто РКЕ има негативен став кон либерализација на пазарот на нафтени деривати

РКЕ: Компаниите не доставија анализи зошто бараат зголемување на маржите за нафтените деривати

РКЕ: Компаниите не доставија анализи зошто бараат зголемување на маржите за нафтените деривати