24 Април, 2024
0.0313

ИНТЕРВЈУ ВЛАДИМИР МИЛЧИН: Едноумието падна, безумието ни тропа на порти

Објавено во: Македонија, Интервјуа 27 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Дијалогот деновиве се сведе на клетви и пцости... насилството врз неистомислениците почнува со закани, но завршува со физички напади, подметнати пожари. Фашизмот е на прагот - вели режисерот Владимир Милчин.

Во времето на груевизмот, како прв човек на Фондацијата отворено општество, во процесот на лустрација беше оквалификуван како „кодош“, а неговите претстави - „непријателски“. Денес, кога едноумието падна, како што вели самиот, раката на власта уште повеќе се издолжи продолжувајќи со насилството и закани врз неистомислениците.  Од режисерски аспект вели дека Македонија денес ја гледа некаде помеѓу жанрот гротеска и вeвчански карневал.

*Со децении сме заложници на приказната за европска Македонија. Додека чекаме да ни ги инсталираат европските вредности однадвор, има ли надеж да го почнеме процесот сами однатре?

-Се надевавме дека СЈО ќе биде моторот на европеизацијата на Македонија. Нè излажаа. Аферата „Рекет“ и она што следеше по неа дефинитивно ги урнаа сите надежи дека актуелната власт е посветена на европска Македонија и на слоганот „Нема правда, нема мир!“. Тој слоган подразбираше и казнување на криминалците од бившата, но и од сегашната власт, но и социјална правда. Најголемата партија во владејачката коалиција претендира дека е социјалдемократска! Всушност, сите големи партии кај нас работат во корист на олигарсите. И не го кријат тоа. Анѓушев е вицепремиер во актуелната влада. Нема надеж да ја почнеме европеизацијата однатре.

Парадоксално, една од причините за тоа е и промената на името и договорите со Грција и Бугарија, сè во името на преговорите со ЕУ, кои никако да почнат! Соочени сме со оспорување на идентитетот на Македонците во Македонија и македонските малцинства во соседството. За идентитетот и за јазикот не смееше да се преговара. Владата немаше мандат за тоа. Немаше мандат ни макијавелистички да ја злоупотреби амнестијата за да го добие пратеничкото мнозинство. Правна држава? Наместо да отвори нова страница во историјата, нè врати назад, во предасномска Македонија.

*Ги живееме можеби најагоничните години во поновата историја - изолација, сиромаштија, целосна ерозија вредностите, владеење на поданичкиот дух. Какви генерации подигнуваме во ваква атмосфера?

- Тие ги спакувале куферите или ги пакуваат. Оние со универзитетски дипломи конкурираат за магистерски или докторски студии, главно на универзитети на Запад. Тоа е шанса за поквалитетно образование, но и за подостоинствен живот, што подразбира и повисока плата. Занаетчии, постари и помлади, заминуваат на привремена работа во странство која честопати се претвора во постојан престој. Гурбет. Македонија се празни. Земја со неизвесна иднина. Речиси без иднина. Ние ни денес не знаеме колку жители има Македонија. И бившата и актуелната власт бегаат од пописот како ѓавол од крст.

*Останавме лишени за она што и` е потребно на секоја земја – сериозна алтернатива на владејачката политика. Македонија сè уште е заложник на  бизнис-елитите кои ги уцениваат политичарите. Кој е излезот од овој маѓепсан круг?

- Одговорот е во вашата констатација: „Македонија сè уште е заложник на бизнис-елитите кои ги уценуваат политичарите“. Со тоа што не станува збор за елити, туку за грст моќници кои безмилосно ги наметнуваат своите интереси и агенди, а партиите ги спроведуваат. Кој е излезот од овој маѓепсан круг? Револуција, би одговорил Карл Маркс. Но, поимот револуција кај нас беше злоупотребен. Резултатот беше само смената во фотелјите. А одговорот на прашањето го однесе ветерот, како во песната на Боб Дилан.

*Зошто интелектуалците молчат за оваа целосна деградација на една земја и што се случи со слободната мисла во Македонија?

-Не молчат сите. А тие што молчат, молчат поради разни причини. Некои молчат зашто се конформисти, некои се дефетисти, некои се поткупени, а некои се уморни. Некои се калкуланти, а некои се апологети. Но, има и замолчани. Раката на власта во бескрајната транзиција се издолжи. Едноумието падна, безумието тропа на нашите порти. Дијалогот се сведе на клетви и пцости, насилството врз неистомислениците почнува со закани, но завршува со физички напади, подметнати пожари… Фашизмот е на прагот.

*Син сте на големиот актер и режисер Илија Милчин. Дали ова беше товар или привилегија? На што ве научи тој?

-Откако ја завршив првата година на белградската Академија за театар, филм, радио и ТВ, мојот професор Хуго Клајн ми го покажа писмото во кое татко ми го преколнувал да ме обори на приемниот испит. Со најдобри намери. Илија се плашеше дека ќе си ги натоварам на грб сите негови непријатели. Беше прав. Си создадов и нови непријатели, некогашни и актуелни политички и полициски функционери кои имаа свои извршители во медиумите. Есента 1977 година Државната безбедност ми отвори досие од идеолошки причини - анархолиберал, националист, учесник во студентските демонстрации 68-та.... Ме следеа, ми ја читаа поштата, ме прислушуваа. Груевистите го злоупотребија и фалсификуваа тоа досие за да ме елиминираат како кодош. Јас бев директор на Фондацијата отворено општество – Македонија. Неколку мои претстави беа организирано нападнати како „непријателски“ и „деструктивни“. Не беа забранети, но исчезнуваа од репертоарот. На 17 април 2015 година, во паркчето зад Арапска куќа бев од зад грб физички нападнат од маскирано лице кое извика: Сега ќе видиш, Соросово куче! Илија се плашеше да не ме снајде нешто како неговото исклучување од КПМ педесеттите години поради „поставувањето западни автори“  како Артур Милер, Тенеси Вилијамс.

*Честопати ве гледам дека шетате низ Скопје со своите миленичиња. Како во неколку збора би го резимирале она што го гледате наоколу? И што би менувале?

- Секој ден, наутро и приквечер, шетаме низ центар, по кеј или низ парк. Скопје 2019 не се разликува од Скопје 2014. Отстранувањето на железната ограда околу владината зграда и на споменикот на Ќосето се исклучоци. Старата чаршија исчезнува. Хоризонтот ни е ограничен со новоградби чии димензии се насилство, од градилиштата се шири прашина, фасадите се распаѓаат и се гледа стиропорот, се распаѓаат плочките на скалите кои водат во Главната пошта, насекаде отпадоци, искршени клупи и канти, исчкртани бисти на народни херои… Натпревар на негрижа и вандализам. Што би менувал? Би ја натерал локалната самоуправа да излезе од канцелариите и да се соочи со реалноста.

*Вашата последна претстава е работена според истиот текст со кој дипломиравте. Што ве наведе да го поставите овој текст токму сега?

-Кога пред речиси 50 години на мојот професор Хуго Клајн, член на Британското кралско шекспировско друштво, ученик на Фројд, левичар кој четири години му шетал на Гестапо под нос, му соопштив дека сакам да го режирам „Пантаглез“, тажниот водвиљ за револуцијата, тој ме предупреди дека тоа е ризичен зафат, но ме поддржа. Сфати колку ми значи. Дипломскиот „Пантаглез“ го режирав неполни две години по утописката пролет ’68. Тогаш од Париз до Белград ечеше: „Да бидеме реални, да го бараме невозможното! Ако и боговите се оковани, ќе ги ослободиме и нив!“ Но, во август 1968 година, тенковите на Варшавскиот пакт ја окупираа Чехословачка и ја убија надежта за изградба на Дубчековиот социјализам со човечко лице. Зошто денес му се вратив на „Пантаглез“? Зашто надежта е одново убиена. Денес владеат олигарсите. Некои од нив се бивши функционери на безбедносните служби. Ова особено важи за бившите „социјалистички“ земји. Здивениот капитализам го загрозува опстанокот на човештвото. И ние го урнавме груевизмот во името на правдата, но правда не добивме. Се промени власта, но владеењето не.

*Еден од актерите во претставата рече дека ако ги променевте имињата на ликовите во актуелни домашни личности, претставата ќе ви ја забранеа. Поканивте ли политичари на премиерата и какви беа нивните реакции?

-На моите премиери ги канам најблиските. Вкупно дваесеттина роднини и пријатели. Меѓу нив нема политичари. Политичарите им ги препуштам на директорите. Зошто не ги променив имињата на ликовите? Зашто верувам во моќта на театарот да овозможи препознавање преку асоцијации. И зошто ги почитувам авторите, особено мртвите? Од нив не можам да побарам дозвола за таква интервенција која би била адаптација на оригиналниот драмски текст.

*Дали од она што сега и се случува на Македонија би можела да се направи добра претстава и кој жанр би била таа?

-Нашето секојдневие е претстава над претставите. Бездна која зјапнала меѓу реториката и реалноста. Од жанровите кои ни се познати тоа би била гротеската. Од заборавените, забрануваниот средновековен карневалски жанр „сотија“ -игра на лудите. Нешто како вевчанскиот карневал пред да биде партиски злоупотребен.

Мимоза Петревска Георгиева

ФОТО: Вангел Тануровски

Можеби ќе ве интересира

СЕ ОГЛАСИЈА ОД СДСМ: БОГДАНКА КУЗЕСКА: Уверени сме дека граѓаните и денеска и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина

СЕ ОГЛАСИЈА ОД СДСМ: БОГДАНКА КУЗЕСКА: Уверени сме дека граѓаните и денеска и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина

ВМРО-ДПМНЕ: Нема место каде професорката Силјановска не води најмалку 2:1

ВМРО-ДПМНЕ: Нема место каде професорката Силјановска не води најмалку 2:1

Тошковски: Мирни и демократски избори без поголеми инциденти

Тошковски: Мирни и демократски избори без поголеми инциденти

„ДОЛГООЧЕКУВАНАТА ПОБЕДА ДОАЃА НА НА 8 МАЈ, СО КОЈА ДУИ ОДИ ВО ОПОЗИЦИЈА“: Таравари бара гаранции за секој глас

„ДОЛГООЧЕКУВАНАТА ПОБЕДА ДОАЃА НА НА 8 МАЈ, СО КОЈА ДУИ ОДИ ВО ОПОЗИЦИЈА“: Таравари бара гаранции за секој глас

ЖЕСТОКИ ДЕБАТИ, СЕ СКАРАА ЗИКОВ И ЛАТАС - кој ја заостри националистичката реторика на овие избори

ЖЕСТОКИ ДЕБАТИ, СЕ СКАРАА ЗИКОВ И ЛАТАС - кој ја заостри националистичката реторика на овие избори

И ДЕНЕС МОЖЕ ДА ИМА ПОБЕДНИК: Еве како

И ДЕНЕС МОЖЕ ДА ИМА ПОБЕДНИК: Еве како

СЕ ОГЛАСИЈА И ОД ДУИ: „Покажавме демократска зрелост, како што ја личи земја членка на НАТО“

СЕ ОГЛАСИЈА И ОД ДУИ: „Покажавме демократска зрелост, како што ја личи земја членка на НАТО“

„НЕМАМ ЗАБЕЛЕШКИ, ОСВЕН ДЕКА ДВАЈЦА КАНДИДАТИ БЕА ФИНАНСИСКИ ФАВОРИЗИРАНИ ЗА МЕДИУМСКО ПОКРИВАЊЕ, А ДИЈАСПОРАТА НЕ МОЖЕШЕ ДА ГЛАСА“ - прва изјава на Јакимовски

„НЕМАМ ЗАБЕЛЕШКИ, ОСВЕН ДЕКА ДВАЈЦА КАНДИДАТИ БЕА ФИНАНСИСКИ ФАВОРИЗИРАНИ ЗА МЕДИУМСКО ПОКРИВАЊЕ, А ДИЈАСПОРАТА НЕ МОЖЕШЕ ДА ГЛАСА“ - прва изјава на Јакимовски

ОВОЈ ИЗБОРЕН ДЕН Е ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ НА ОВАА ВЛАСТ: Муцунски ја одржа првата прес конференција, еве што соопшти

ОВОЈ ИЗБОРЕН ДЕН Е ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ НА ОВАА ВЛАСТ: Муцунски ја одржа првата прес конференција, еве што соопшти