28 Март, 2024
0.0283

ИНТЕРВЈУ ЗАЕВ: Во буџетот ќе недостигаат 2,2 милијарди евра, сега сите мора да стиснеме заби

Објавено во: Македонија, Интервјуа 29 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Подобро сите да стиснеме заби два месеци, со цел секој да може да има приход, отколку да се доведе во прашање генералната исплата на платите. Вака лидерот на СДСМ ги правда предлог мерките за надминување на економската криза од коронавирусот, кои неговата партија минатата недела јавно и ги соопшти на јавноста, а сега очекува за нив да се изјасни и Владата. Во интервју за Фактор, Зоран Заев, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, искрено говори дека поради кризата, во буџетот на земјава се очекува приходите да се намалат за 60 отсто, што може да значи недостиг од 2,2 милијарди евра. Дури и државата да најде 1,2 милијарди евра преку кредити, една милијарда евра мора да се обезбеди од дома, преку заштеди. Затоа се неопходни овие мерки, меѓу кои намалување на платите на функционерите, но и на сите вработени во јавниот сектор до ниво од минималната плата од 14.500 денари. Заедно со другите предложени мерки, меѓу кои и обезбедување од Владата по една минимална плата за април и мај за вработените во фирмите погодени од крзата, бескаматните кредити, по 7.000 денари помош за домаќинствата чии членови немаат работа или се ангажирани во неформалната економја..., лидерот на СДСМ верува дека е мжно да се преброди првиот удар од кризата. Во интервјуто тој вели дека очекува Владата да ги прифати овие предлози, за кои нагласува дека се само првични и ќе следуваат и нови...

Излеговте со серија мерки, кои, како што рековте, партијата ги подготвила во соработка со врвни експерти. Во јавноста, сепак, најмногу одекна и доминира најавата за кратење на платите на целата администрација. Зошто таков радикален чекор, над 100 илјади луѓе да ги сведете на минималец од 14.500 денари?

Заев: Сите наши капацитети и целиот фокус е насочен кон заштита на здравјето на граѓаните и успешно соочување со економските последици од оваа глобална здравствена пандемија. Свесни за сериозноста на ситуацијата, а во духот на солидарноста секој да го понесе товарот за економската криза да трае што пократко, како одговорна партија, како одговорни политичари, подготвивме пакет на сериозни економски мерки.

Целта на овие мерки е да се сочува секое работно место, да им се помогне на работниците, на стопанствотото, на граѓаните и да обезбедиме приход за секој човек. Мерките имаат за цел навремено да им помогнеме и на фирмите, да ја задржиме нивната ликвидност, за да нема отпуштања на работниците и да обезбедиме приход за сите граѓани. Ова ќе ја одржи јавната потрошувачка, но и приходите во буџетот.

Првичната помош е околу 200 милиони евра и ова е само првиот дел од пакет мерките. Имаме мерки за секоја фирма, да не ги отпушта работниците, државата да помогне со 14.500 денари минимална плата. 

Свесни сме дека плаќањето на кредитите  преставува проблем во овој период и токму поради тоа имаме и мерки за одложување на плаќањето на кредити на најмалку три месеци. Се запира и извршувањето.

Вториот дел од предложените мерки се однесува на заштедите, бидејќи, за справување со последиците од економската криза поради коронавирусот ќе бидат потребни и мерки за штедење, бидејќи ќе недостасуваат средства.

Ние оваа економска криза ја дочекуваме на здрави нозе. Во изминатите 2,5 години, преку нашите мерки, успешно ја стабилизиравме македонската економија. Од -1,8 отсто во време на ВМРО-ДПМНЕ, економијата, преку политиките на СДСМ порасна на 3,6 отсто.

Граѓаните мора да знаат дека поради мерките за заштита на здравјето и спречување на ширење на вирусот економиите во целиот свет се во тешка состојба. Вчера беше прогласена и светска рецесија.  

Јас знам дека нема да биде лесно, но ние во повеќе наврати во овие 2,5 години покажавме дека можеме да се носиме со сериозни предизвици и ќе покажеме дека можеме да се носиме и со овој глобален предизвик.

Поради мерките за заштита на граѓаните, приходите на државата паднаа драстично и ние имаме обврска пред граѓаните да го кажеме тоа, да се знае, но во исто време и да предложиме мерки за амортизација.

Според наши проценки, ќе недостигаат околу 60 отсто од приходите на државата, бидејќи граѓаните не трошат, некои фирми се затворени на одредено време или хибернираат, транспортот е преполовен и нема толкава наплата на ДДВ. Не се плаќаат ниту дел од сметките, бидејќи граѓаните штедат за нивното здравје. Сите овие работи што ги набројав имаат значително влијание на буџетот на државава.

Намалување за 60 отсто на приходите може да значи недостаток на 2,2 милијарди евра за да ги финансираме сите расходи проектирани во Буџетот. Ние и да најдеме 1,2 милијарди преку кредити, сепак ќе треба да скратиме и една милијарда од дома. Тоа е реалноста и јавноста и граѓаните треба ова да го знаат.

Мерките за намалување на платите во јавниот сектор, почнувајќи од премиерот, министрите, директорите, за кратење на непродуктивните трошоци се само еден дел од чекорите за справување со кризата, која ако потрае сигурно ќе не натера и на други чекори.

Но тоа е солидарноста, сите заеднички да го понесеме товарот. Оние со повисоки примања солидарно ќе се откажат од поголем дел од платите, оние со помали примања од помалку.

Но, за да може секој да добие плата, мора да обезбедиме соодветна ликвидност и полнење на буџетот. Подобро да стиснеме заби два месеци за секој да има приход, отколку да се доведе во прашање генералната исплата на платите.

Пак ќе повторам, ние имаме предвидено повеќе месечни олеснувања за граѓаните, како ослободувањето од плаќањето на кредитите, запирање на извршувањата и слично. Сега е време е за солидарност и заедничка акција. Имаме капацитет, имаме знаење, можеме да се избориме со коронавирусот и можеме да се справиме со економските последици. 

Останувате ли до крај на овој став, или сте подготвени за поинакво крајно решение?

Заев: Она што јас и економскиот тим на СДСМ го подготвивме како мерки и го ставаме на располагање на Владата. Таа треба да одлучи дали ќе ги прифати во целост или ќе има одредени измени.

Јас се уште верувам дека ова е најефикасниот и најкраткиот пат кој ќе нè извади од кризата.

Тоа треба и мора да биде пат на солидарност и меѓусебно помагање. Тоа треба да биде заеднички споделен товар од сите, затоа што ова нè допира сите. Секој човек е важен и така треба да се однесуваме. Ова е борба за здравјето на секој човек, ова е борба да се сочува секое работно место и да се обезбеди приход за секој човек. Сите сме дел од проблемот и сите треба да бидеме дел од решението, со кое ќе ја пресретнеме економската криза а ефектите од неа да бидат што помали.

Каков ефект врз вас за ова прашање имаат жестоките реакции од синдикатите, кои велат дека на овој начин ќе удрите по најсиромашните слоеви од јавниот сектор, кои и онака досега имаа пониска од просечната плата?

Заев: Ние сме демократско општество и секој има право да го каже своето мислење, став и да даде предлог. Но, поради специфичноста на ситуацијата, сметам дека треба искрено да се настапува пред граѓаните. Ако се погледнат мерките може да се види, дека сосема спротивно, целта на нашите мерки е да се спречи губење на работни места, да се спречи луѓе да немаат приход, да останат и без работа и без егзистенција, но и да не се загрози одржливоста на буџетот. 

Целата оваа ситуација, прво со здравствената, а потоа и со економската криза од коронавирусот, не е пријатна за никого. Јасно е дека никој не сака да му се нарушат редовните месечни примања, но затоа секој треба да сфати дека со ова дел од товарот носиме сите, но воедно им помагаме и на оние кои поради тоа што не работат заради коронавирусот, се соочени да не добијат никава плата во следните месеци.

Мораме да мислиме на сите, и тие да добијат барем минимална плата, за да имаат што да трошат, да си обезбедат храна за себе и своите семејства во овие кризни времиња.

Ред е во духот на солидарноста секој да помогне на секого. Работникот од јавниот сектор да му помогне на работникот во приватниот, на пример. Затоа што администрацијата се финансира доминантно од приватните бизниси. Никој не може да дознае колку кризата ќе трае и какви последици ќе остави врз светската економија. Затоа, подобро е два месеци да се издржи и да се стиснат заби, отколку да се доведеме во ситуација, државата да нема пари да ги финансира основните функции.  

Повторно ќе кажам, време е за солидарност, време е секој од нас да помогне во надминување на кризата, а најголем дел од товарот секако да понесат оние најбогатите.

Зошто мерката не се однесува само на функционерите што имаат плати над 1.000 евра, туку беше неопходно да се опфати целата администрација?

Заев: Веќе споменав, мерката се однесува на сите во јавниот сектор, од премиерот, министрите, пратениците до сите избрани и именувани функционери на централно и локално ниво. Секако дека во оваа мерка влегуваат и оние вработени во администрацијата кои добиваат повисоки плати, но влегуваат и претседатели и членови на Совети на општините и претседателите и членовите на управните и надзорните одбори во институциите кои нема да добијат надоместок за месеците април и мај. Се кратат и трошоците за патувања, за набавка на мебел, автомобили...Важно е да се скрати секаде онаму кадешто може да се скрати за кризата да трае пократко, а негативните економски ефекти од неа да бидат што помали.

ОЧЕКУВАМ ДЕКА МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА ЌЕ БИДАТ НА ЛИНИЈА СО НАШИТЕ

Премиерот Оливер Спасовски на еден брифинг рече дека партиите и коморите можат да дадат список со свои барања, но на крајот, сепак, какви мерки ќе донесе, одлучува Владата. Дали очекувате дека Владата ќе ги прифати Вашите мерки?

Заев: Очекувам Владата да ги разгледа внимателно предлозите, да ги анализира и да се произнесе. Секако, Владата го има последниот збор и ние ќе ја поддржиме во одлуките. Лично очекувам мерките што ќе се донесат да бидат на линија на предложеното, што значи на линија на солидарноста, да бидат мерки со кои ќе му се помогне на секој граѓанин, секој работник и ќе му помогнат на стопанството.

Досега, според она што го обзнани Владата, се обезбедени кредити од околу 600 милиони евра. На чии врати ќе тропнете за обезбедување на остатокот од парите?

Заев: Досега се усно обезбедени толкав фонд на средства, тоа е оној инструмент за премостување додека не преземеме следни чекори, како на пример еврообвзрница, за веднаш да вбризгаме пари во економијата. Секако останува отворена опцијата за еврообврзница, а во вториот бран, понатаму, на располагање ни стојат и домашните комерцијални банки, државните записи кои доколку се процени може да се активираат онака како што ќе се јавува потреба. Мора да имаме на ум дека ова е глобална криза и дека големите држави ги земаат големите пари, зборуваме за стотици милијарди евра, така што нема да биде лесно да се дојде до поволни кредити, но верувам дека ќе се успее. Навреме се започнати процедурите, навреме треба да се преземаат и економските мерки и навреме треба да се започне со соодветните заштеди.

Во Буџетот сигурно има непродуктивни трошоци. Имате ли проценка колку пари можат да се добијат ако драстично се скратат тие?

Заев: Непродуктивните трошоци веќе се кратат, според информациите што ги имам, веќе се ослободуваат нешто над 7 милијарди денари, се следат овие процеси и соодветно се преземаат мерки. Но, во вакви услови тоа нема да биде доволно, тоа е само еден дел од заштедите. Според првичните проценки, ќе недостасуваат над 60 милијарди денари, така што тие непродуктивни трошоци ќе се скратат, ќе се скрати се што значи одлив пари надвор, но сепак ќе треба многу повеќе за да се обезбедат средства со кои полесно и побрзо ќе ја минеме кризата од коронавирусот. Имаме издржани предлози, верувам дека ќе успееме.

ГОЛЕМ БРОЈ ФИРМИ, ОСОБЕНО НАЈГОЛЕМИТЕ, ВЕЌЕ И ПОМАГААТ НА ДРЖАВАТА

Велите дека најголемиот дел од товарот треба да го понесат најбогатите. Во државава се уште постојат компании и фирми кои работат со профт. На кој начин ќе ги приволите да се откажат од дел од својот профит за и тие да бидат солидарни со останатите во надминување на последиците од кризата?

Заев: Државата нуди механизми за олеснување на работата на фирмите за да ги сочуваме работните места и да обезбедиме плати. Но секако нуди и механизми големите фирми да покажат солидарност и сега во криза на дело да ја претстават својата општествена одговорност. Мило ми е што голем број фирми, особено оние најголемите веќе тргнаа да и помагаат на државата. Гледаме дека однапред се плаќаат обврските кон државата, сведоци сме на сериозни донации за здравството и борбата против коронависрусот, на намалување на цени кои во моментов се трошат најмногу и тоа е добро. На секој поединечно е колку и како ќе помогне во овие тешки времиња, а тоа е детерминирано секако и од можностите на фирмите. Убеден сум дека примерот што го дадоа бројни компании ќе биде следен и од другите.

Во пакетот мерки нудите вработените во сите приватни фирми погодени од кризата да добијат од Владата минимална плата за април и мај, а фирмите треба да си ги платат придонесите. Ваква помош имаат шанса да добијат сите што имаат нето плата помала од 40 илјади денари. Дали верувате дека ова е доволно за да им се помогне на фирмите?

Заев: Верувам да, затоа што оваа помош оди директно кај работниците, кај оние вработени во сектори кои дваесетина денови немале никаква активност, не создавале приходи, немаат промет и чесно и фер е да им се помогне во тие два месеци, бидејќи можно е да останат без работа. Тоа, покрај помош за работниците е помош и за фирмите, и тоа сериозна помош во време на намален приход да не ги мислат своите вработени кога ќе дојде први во месецот и ќе треба да поделат плата. Секако, на фирмите на располагање им се и други можности како на пример бескаматните кредити кои ќе почнат да ги отплаќаат дури после шест месеци, кога ќе бидат застанати на нозе, а целиот кредит со нула отсто камата ќе можат да го вратат на 24 месечни рати.

Предвидувате и помош за домаќинствата чии членови немаат работа, или се дел од неформалната економија, во износ од 7.000 денари. Ќе можат со нив да преживеат, ако се знае колку се високи режиските трошоци?

Заев: Мора да имаме на ум дека со оваа криза погодени се десетици илјади семејства, цели стопански гранки се на колена или се замрени целосно и кога зборуваме за фер и солидарност тоа го мислиме на сите. Пред се на граѓаните, на работниците. Освен износот од 7.000 денари се исплаќа и енергетски додаток за тие луѓе да ги платат сметките. Сето ова доаѓа во период кога кредитите се одложени, кога извршителите се стопирани, а сметките им се подмирени од државата. Ако велиме дека е фер оној кој во администрација работи и на крајот ќе добие 14.500 денари плата, фер би било и овие лица да добијат 7.000 денари. Секако, доколку се обезбедат доволно средства, може да се размислува и за зголемување на овој износ.

Нудите две минимални плати за вработените во медиумите. Кој се ќе биде опфатен со оваа помош?

Заев: За сите информативни дејности, медиумски куќи, владата да обезбеди помош, по една минимална плата од 14.500 денари по вработен за месеците април и мај, тоа е нашиот предлог. Свесни сме дека во овој период медиумите имаат клучна улога во заштитата од коронавирусот, а пазарот на огласувачи можеби е помалку активен од претходно и затоа сите што ќе побараат ваква помош од државата ќе ја добијат. Да им дадеме шанса на овие првични мерки за да може да размислуваме и за понатаму и за нови опции и решенија.

Во тек е аплицирањето за бескаматни кредити од три до 30 илјади евра за микро, малите и средни претпријатија од најпогодените сектори. Дали верувате дека ова ќе биде доволно да го пребродат првиот бран, бидејќи, според најавите, работата им виси на најмалку 30 илјади луѓе?

Заев: Ако оваа мерка се искомбинира со мерката што значи помош во една минимална плата за секој вработен, тоа значи влез на сериозни средства во едно претпријатије. Секако потребна е пожртвуваност и од самите претпријатија, и сопствениците да покажат солидарност, да извадат пари и самите себеси да си помогнат, да им помогнат и на нивните вработени а со тоа да и помогнат и на економијата. Ова се првични мерки вредни 200 милиони евра што е еден од најголемите пакети на помош по глава на жител во регионот. Секако ќе следуваат и нови мерки во зависност како ќе се движи оваа економска криза. Но бескаматните кредити со грејс период, исплатата на по една минимална плата од вработен, запирање на ратите на кредитите, немањето извшрни решенија три месеци, се сосема доволен пакет да се издржат првите удари од економската криза.

НА КРАЈОТ НА МАЈ ИЛИ ПОЧЕТОКОТ НА ЈУНИ МОЖЕ ДА ОЧЕКУВАМЕ ЗАКРЕПНУВАЊЕ

До кога очекувате дека ќе трае ваквата кризна состојба, и кога би можела полека да почне да заздравува економијата?

Заев: Досега нашите институции добро се справуваат со оваа глобална пандемија. Навремено се преземаат заштитни мерки, се делува соодветно, понавремено од многу држави во регионот, па и во Европа. Во оваа прилика би сакал уште еднаш да се заблагодарам на сите што се вклучени во борбата со коронавирусот, здравстените работници, лекарите, полицајците, службениците, сите.

Она што го најавува стручната јавност е дека пикот на здравствената криза би бил кон крајот на април, по што се очекува намалување и стабилизација на состојбата. Во такви околности веќе кон крајот на мај или почетокот на јуни можеме да зборуваме за опоравување и на економијата, процес кој нема да биде лесен, но со преземените мерки со право може да очекуваме тоа да се случува доволно брзо за да продолжиме онаму каде застаневме пред кризата. Потрошувачката да порасне, да се придвижи повторно економијата, платите откако ќе се вратат во нормала, да продолжат да растат со истото темпо како и претходно.

Земјава најверојатно во јуни ќе ги стартува преговорите со Европската Унија. Оваа вест, поради актуелната криза, не го доби вистинскиот третман во јавноста. Конкретно, на економски план, какви за нас ќе бидат бенефитите?

Заев: Во време на огромна здравствена криза во светот, до нас стигнаа позитивните вести што ги очекувавме безмалку 30 години. Нашата татковина стана членка на НАТО и почнува преговори со ЕУ. Не е сеедно што ова не успеавме да го прославиме на начин како што доликува, но знам дека во овие невообичаени времиња, секој од нас е среќен за ова што го постигнавме и им честитам на сите граѓани на овој историски успех. Тоа значи сигурна и стабилна иднина, но и економска стабилност и предвиливост, она што е многу важно во овие околности. Веќе ги гледаме првите придобивки од ЕУ. Обезбеден е првичен пакет меѓу 66 и 70 милиони евра помош за справување со кризата со коронавирусот и тој пакет ќе расте во месеците што доаѓаат. Само со почетокот на преговорите за нас како држава на располагање ни стојат 2 милијарди евра за следните неколку години од фондовите. Да не го заборавиме и НАТО, пазар од 4 милијарди евра годишно на кој сега и ние и нашите компании ќе имаат слободен пристап. Да ја победиме и оваа криза, допрва ќе ги чувствуваме придобивките од ЕУ и НАТО на економски план.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

АКО ПОБЕДИ СДСМ БИ РАБОТЕЛ И ЗА НИВ КАКО ЕКСПЕРТ - Стојанче Ангелов кажа дека би барал плата од 5.000 евра

АКО ПОБЕДИ СДСМ БИ РАБОТЕЛ И ЗА НИВ КАКО ЕКСПЕРТ - Стојанче Ангелов кажа дека би барал плата од 5.000 евра

ПРЕДИЗВИК ЗА МЛАДИТЕ РАБОТНИЦИ: Kaко да се издвојат од конкуренцијата?

ПРЕДИЗВИК ЗА МЛАДИТЕ РАБОТНИЦИ: Kaко да се издвојат од конкуренцијата?

„ПОСЛЕ МОЕ 30-ГОДИШНО ЧЛЕНСТВО КАЖУВАМ, СДСМ ТРЕБА ДА ЗАМИНЕ ВО ИСТОРИЈАТА“ - Весна Ангелова со искрен став за матичната партија

„ПОСЛЕ МОЕ 30-ГОДИШНО ЧЛЕНСТВО КАЖУВАМ, СДСМ ТРЕБА ДА ЗАМИНЕ ВО ИСТОРИЈАТА“ - Весна Ангелова со искрен став за матичната партија

„ОВА ЛИ СЕ ТИЕ КОИ СЕ ЗАЛАГААТ ЗА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО И ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ“ - професорката Најчевска со критика за Меџити

„ОВА ЛИ СЕ ТИЕ КОИ СЕ ЗАЛАГААТ ЗА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО И ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ“ - професорката Најчевска со критика за Меџити

ПОМАЛКУ ДОКТОРИ И МАГИСТИРИ НА НАУКА, НО И СПЕЦИЈАЛИСТИ – опаѓа интересот за доусовршување, трендот не е нов

ПОМАЛКУ ДОКТОРИ И МАГИСТИРИ НА НАУКА, НО И СПЕЦИЈАЛИСТИ – опаѓа интересот за доусовршување, трендот не е нов

МОТИВИТЕ ЗА УБИСТВОТО НЕ СЕ ПОВРЗАНИ СО НЕГОВАТА ПРОФЕСИЈА - приведени се двајца за убиството на матичниот доктор во Железара

МОТИВИТЕ ЗА УБИСТВОТО НЕ СЕ ПОВРЗАНИ СО НЕГОВАТА ПРОФЕСИЈА - приведени се двајца за убиството на матичниот доктор во Железара

ЕВЕ КАКВО ВРЕМЕ НЕ ОЧЕКУВА ПРОЛЕТТВА - Славчо Попоски со прогноза за следниве месеци

ЕВЕ КАКВО ВРЕМЕ НЕ ОЧЕКУВА ПРОЛЕТТВА - Славчо Попоски со прогноза за следниве месеци

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Партиите се подготвуваат за изборите, Тошковски загрижен за изборниот процес во ИЕ 6

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Партиите се подготвуваат за изборите, Тошковски загрижен за изборниот процес во ИЕ 6

КУМАНОВЕЦ „ОЛЕСНЕТ“ ЗА 800 ЕВРА: Му дале бижутерија лажејќи го дека е дијамант

КУМАНОВЕЦ „ОЛЕСНЕТ“ ЗА 800 ЕВРА: Му дале бижутерија лажејќи го дека е дијамант