Ивица Дачиќ за малку избегнал терористички напад
Објавено во: Балкан 23 Мај, 2019
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, за малку ќе станел жртва на терористичкиот напад во Сомалија.
„Ние на тоа се навикнавме, нас нѐ бомбардираа“– рекол тогаш Дачиќ, а пренел Танјуг.
Дачиќ зборувал со Танјуг од Атина, каде неговиот авион принудно слетал поради дефект.
Во моментот кога се случи терористичкиот напад во престолнината на Сомалија, Дачиќ се наоѓал во претседателската палата, каде разговарал со претседателот на таа земја.
Како што изјави Дачиќ, а пренесе „Танјуг“ се слушнала силна експлозија, а во меѓувреме му било кажано дека во нападот има повеќе мртви и повредени.
По нападот, српскиот министер за надворешни работи полетал од Сомалија кон Србија, но авионот на Владата на Србија поради дефект принудно слетал во Атина.
Дачиќ додаде дека мета на нападот бил екс-министерот за надворешни работи на Сомалија.
Во експлозијата на автомобил-бомба загинаа најмалку 12 лица покрај безбедносен пункт во главниот град Могадишу.
Експлозивот во автомобилот го активирал бомбаш самоубиец, а засега има 12 загинати, меѓу кои и шестмина припадници на безбедносните сили и една жена – висок претставник од армијата. Останатите петмина загинати се цивили, а при нападот се повредени и двајца членови на сомалискиот парламент.
Одговорност за нападот презеде исламистичката група Ал Шабаб, која е огранок на терористичката мрежа Ал Каеда во земјата.