ИЗВРШИТЕЛИ, СУДИИ, НОТАРИ, БАНКАРИ - против сите нив маршираа „Стоп за грабежот“
Објавено во: Македонија 08 Август, 2020
Извршители, кои сега повторно без проблем можат да работат, но и нотарите, како и креаторите на високи банкарски каматни стапки, корумпираните судии и нефункционалниот судски совет.
Против сите овие денеска на протест се дигнаа од неформалното Здружение на граѓани „Стоп за грабежот“.
Тие маршираа од пред министерството до правда, па до комплексот судови во Скопје, а нивниот протест, како што велат, е против сите кои го ограбуваат народот и сите кои го поддржуваат истиот грабеж.
На прес-конференција тие побара повторно извршителите да се вратат во рамки на судот. На тој начин, како што велат, ќе имаме поправични судења и поправични процеси и ќе дојдеме повеќе до правда. Бараат и ветинг на судиите.
„Бараме ветинг на судиите затоа што во самата судска власт имаме криминални судии. Имаме и во Судскиот совет, кој формално постои и не ги надгледува судиите, односно не си ја работи работата. Тоа е се формално. Судиите и во Оновен 1 и Основен 2, Судскиот совет, обвинителите и Советот на обвинителите не си ја работат работата“, изјави Ана Глигорова, член на „Стоп за грабежот“.
Горан Новаковски од здружението, пак, изјави дека пријавил 213 судии, пред се, до Американската амбасада. Бара Републичкиот судски совет да закаже јавна седница за претставката што ја доставил за работењето на судиите. Врз основа на неговата претставка поднесена е иницијатива за измена на Законот за судии и обвинители до Адвокатска комора и до Министерството за правда.
Ова здружение во неколку наврати излегуваше на протест минатата година упатувајќи поплаки за извршни решенија од извршители.