Јанушев: Чавков е осуден, а за заменик-министерот кој не презел ништо, нема постапка
Објавено во: Македонија 15 Март, 2019
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека казните за „крвавиот четврток“ се драконски, а пресудите сметаат дека се претходно нарачани и напишани, без да се земат в предвид доказите.
Велат дека политичките пресуди од вкупно 211 години затвор се погребување на правото.
„Се потврди нашето тврдење дека казните ќе бидат драконски, не затоа што се праведни, туку спротивното, затоа што во овој случај се суди според политички мотиви, а не правни факти“, изјави генералниот секретар, Игор Јанушев.
Тој потенцира дека директорот на БЈБ, Митко Чавков, кој на 27 април 2017 презел мерки за ситуацијата да не ескалира, е осуден, а како што рече, за заменик-министерот на МВР, кој не презел ништо, нема постапка.
„Ние сме држава во која убијци на малолетни деца, како што е случајот со Смилковското Езеро, се на слобода, а на луѓе од 27 април им се суди за терористи“, додаде Јанушев.
Јанушев не ја коментира ослободителната пресуда за Игор Дурловски, како и за другите осудени лица.
На премиерот Зоран Заев му порача дека пресудите и прогонот нема да му помогнат.