Јеремиќ: Тие што беа дел од режимот на Груевски панично ги извлекуваат парите
Објавено во: Балкан 02 Декември, 2017
Искусниот српски политичар Вук Јеремиќ кој сега е лидер на Националната партија во ТВ гостување тврди дека луѓе блиски до срушениот режим на Никола Груевски се во паника и прават секакви напори да ги извлечат парите кои ги стекнале преку корумпираниот начин на владеење, а за тоа добиле и помош од српските власти.
Тој ги повика српските власти да поведат истрага за врската меѓу Воислав Спарвал директор на фирмата СЦМГ која го купила комбинатот 14-ти октомври од Крушевац со поранешната македонска власт.
– Тие се луѓе од тој режим, а пред сите е Сашо Мијалков, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање и „десната рака“ на Груевски, кои почнаа панично да извлекуваат пари стекнати со коруптивни активности во Македонија и да ги пласираат во разни шеми, преку даночните оази, Холандија, а во случајот со „14 Октомври“, преку Чешка, изјави Јеремиќ за ТВ Наша.
Тој посочи дека според српските закони, дирекните договори за купопродажба се дозволени само во „специјални случаи“, а „специјално во овој случај е тоа што годинава во Македонија е соборен диктаторскиот и длабоко корумпираниот режим на Никола Груевски, политичкиот брат близнак на српскиот претседател Александар Вучиќ“.
Вук Јеремиќ предупредил дека “во Македонија се води сериозна истрага, вклучувајќи и со меѓународно учество, како за Мијалков, така и за други лица од поранешниот македонски режим”.