Јилдирим: Погрешно е друга земја да го одредува името на една земја
Објавено во: Балкан 12 Февруари, 2018
Tурскиот премиер Бинали Јилдирим на прес-конференцијата со македонскиот премиер, Зоран Заев, во Анкара изјави дека е погрешно Грција да го диктира официјалното име на Македонија.
„Погрешно е друга земја да го одредува името на една земја“ – рече тој.
Сепак тој се надева дека двете соседни земји ќе го разрешат спорот во пријателски дух, пренесе „Асошијетед прес“.
Заев вели дека најдоброто решение е она што ќе го поплочи патот на Македонија кон НАТО и ЕУ.
„И претседателот Ердоган и премиерот Јилдирим и целата Влада, всушност и сите институции во Турција се големи пријатели на Република Македонија. Ние денеска разговаравме за ова прашање. Турција како пријател секако поддржува решение што ќе биде прифатливо за двете страни. Тоа е решение што е единствено возможно за нашиот пат кон НАТО и ЕУ“ – рече Заев.
Турските инвестиции во Македонија изнесуваат милијарда и триста милиони долари, но правиме заложба трговската размена да достигне една милијарда евра, рекоа премиерите.
Ердоган претходно изјави дека Грција не е фер, и дека тие ќе ги поддржуваат Македонците кои ги сметаат за браќа.