Јовановска заминува од Агенција за вработување, Дејан Павлески нов директор на Агенција за странски инвестиции
Објавено во: Економија 23 Октомври, 2020
Билјана Јовановска заминува од директорската позиција во Агенцијата за вработување. На нејзино место е именуван Абдуш Демири кој е дипломиран економист. Владата менува дел од третиот ешалон на извршната власт.
Арбен Виља е разрешен од должноста в.д. директор на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот. На негово место како в.д директор е поставен Дејан Павлески - дипломиран инженер по електротехника.
Според информации, Аљајдин Хавзиу е разрешен од должноста
директор на Државниот инспекторат за труд. Нов вршител на должност директор на Државниот инспекторат за труд е Јована Тренчевска - дипломиран социолог. Досегашниот заменик директор на Државниот завод за
индустриска сопственост Горан Герасимовски сега станува директор на институцијата, на местото на Сафет Емрули.
Владата заклучила да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација (М – НАВ) АД Скопје, за член на Управниот одбор да го избере Фахрудин Хамиди.
Со заклучок од оваа седница на Надзорниот одбор на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје му е препорачано, од должноста член на Управниот одбор на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје да го отповика Орхан Муртезани, а за член да го избере Аднан Азизи (дипломиран на Филолошки факултет).
Владата го именуваше Марјан Кицев за член на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, како претставник од репрезентативниот синдикат член на Економско социјалниот совет.