ЈСП конечно го пушти во продажба хартиениот билет за едно возење
Објавено во: Економија 17 Февруари, 2020
ЈСП конечно во употреба го пушти билетот за едно возење кој може да се купи директно во секој автобус или во билетарниците на ЈСП. Одлуката беше донесена лани во септември, а продажбата требаше да започне во ноември.
Билетот ќе чини 50 денари, хартиен е со вграден безконтактен чип, односно се валидира безконтактно на постоечките валидатори. Цената на останатите видови билети останува непроменета.
„Веруваме дека со воведувањето на билетот за едно возење значително ќе се олесни користењето на јавниот превоз за граѓаните кои ретко го користат јавниот превоз или се од градовите од внатрешноста, олеснителна околност ќе биде за странци, воопшто, за сите оние кои не се во можност или не сакаат да ги користат опциите за користење јавен превоз со „Скопска“ или мобилен телефон“, велат од ЈСП.
Со враќањето во употреба на билетот за една употреба најмногу корист ќе имаат граѓаните од внатрешноста но и туристите кои досега не можеа да ги користат услугите на автобусите во главниот град .