24 Април, 2024
0.0363

КАКО ЌЕ ЗАВРШИ „БИТКАТА“ ЗА РАМКОВНО ВРАБОТЕНИТЕ - Јавен аплауз за Пауновски, Владата не отстапува дека Пазарна мора да ги задржи

Објавено во: Македонија 23 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Дел од рамковно вработените предизвикаа вистинска „вербална“ војна меѓу премиерот Зоран Заев и директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

Откако првиот човек на Пазарната инспекција рече дека нема да ги прими сите 35, туку само 12 од вработените што и се доделени на неговата институција, дури и по цена да биде разрешен, премиерот Зоран Заев, можеби и малку невообичаено за него, остро му возврати дека таа програма за вработување мора од сите да се спроведе, па дури и му забележа дека е многу гласен во последно време.

Фактор затоа праша во Владата што всушност оттаму ќе преземат, но го добивме истиот одговор како и она што го кажа премиерот, иако со малку посмирен тон од неговиот, а поентата е дека сите институции се должни да ги почитуваат владините одлуки, каде влегува и онаа за распределба на рамковно вработените.

Всушност, Фактор на Владата и ги постави следниве неколку прашања.

Прво, дали Владата смета дека по секоја цена мора да им се најдат работни места на граѓаните кои порано биле вработени според Рамковниот договор, без оглед што некои од нив ги немаат потребните компетенции и квалификации, и дали така како држава ќе создадеме квалитетна јавна администрација и функционални институции. Второ, се интересиравме и дали не постојат шанси на овие вработени да им се најде друга институција во која би биле корисни и зошто за нив се инсистира упорно да бидат сместени во ДПИ, кога оценката на директорот е дека не се соодветни. Третото прашање што го доставивме до Владата е, со оглед што премиерот му порача на Пауновски да не се води војна преку медиумите, дали тоа значи дерка директорот не смее да го каже јавно својот став за овој проблем. Баравме одговор и на прашањето дали, со оглед што директорот Пауновски рече дека и по цена да биде сменет, нема да го потпише решението за прием на тие вработени, дали Владата планира да го разреши директорот доколку тој и натаму одбива да потпише. И конечно, се интересиравме и дали ова ќе важи и за другите директори во сите институции каде што се и ќе бидат распоредени рамковно вработените.

Од Владата добивме скуден одговор, во кој се упатува дека нивната одлука мора да се почитува. Во дописот што ни го испратија нема појаснување какви ќе бидат нивните следни чекори и дали се планира разрешување на директорот Пауновски, кој, пак, е можеби првиот владин службеник што покажа дигнитет и се спротивстави на владин план за кој смета дека не е добар за државата.

Еве што всушност ни одговорија од Владата.

„Владата на Република Северна Македонија на 40-та седница го усвои Планот за распределба на административните службеници преку програмата К5.
Согласно Планот, опфатени се вкупно 1.349 вработени по К5 програмата, програма за правична застапеност, кои се распределуваат на конкретни работни задачи во вкупно 237 институции“, велат од Владата.

Натаму, нивниот одговор упатува на тоа дека тие вработени ги исполнувале соодветните услови, кои се потребни токму за институциите и местата каде што се распределени.

„Целта на Планот е вработените да бидат распоредени во друга институција од јавен сектор на соодветно место на исто ниво односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот за систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува“, објаснуваат од Владата.

И на крајот од својот одговор, оттаму се децидни дека „сите институции се должни да ги почитуваат одлуките“.

А, она што е интересно, е што вчера на оваа тема не се огласија ниту првиот вицепремиер Артан Груби, кој го предводи Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, како и министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири. Како што е познато, токму на Груби, односно на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое тој го предводи, како што рече и премиерот, му е дадено да го бере „гајлето“ за рамковно вработените.

Премиерот Зоран Заев, пак, вечара потенцира дека не гледа проблем што тие рамковно вработени се прераспределени во ДПИ, доколку тие сакаат да работат.

„Сакам да истакнам порака до сите оние директори што прават отпор, да не прават отпор. Зошто има потреба реално, а тоа се наши граѓани и секој да има шанса чесно да ја работи својата работа. Ако некому не му се работи, дали тие што ги преземаат сега, или тие што се досега вработени, да им се заблагодариме и да си одат дома. Така што, испраќам порака пред се до директорот на Државниот пазарен инспекторат, кој е доста гласен - треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите едни со други. Тоа не ни треба“, рече вчера премиерот Заев.

Пауновски, пак, како што изјави за Фактор, уште од подамна испратил писма со аргументи и до премиерот, и до вицепремиерот, во кое детално објаснил зошто неговата институција не може да ги прифати сите овие 35 вработени, туку може да прифати само 12 од нив.

„Досега немам добиено реакција на ова писмо, но можам да потврдам дека ниту премиерот, ниту било кој друг од Владата не ми се јавил да врши притисок врз мене за да го потпишам решението за нивно примање. Јас јавно кажувам дека тоа нема да го потпишам, па и по цена дури и да бидам сменет од функцијата директор на Државниот пазарен инспекторат. Јас сум политички дојден на таа функција и може и политички да бидам сменет, и нема да се лутам за тоа, но нема да попуштам на ниедна сила и тоа да го потпишам. Мора некој да застане на патот на ваквото однесување“, дециден е Пауновски во изјавата за Фактор

Тој нагласи дек доколку овие 35 лица беа правници или економисти, од ДПИ ќе ги обучувале и постепено ќе ги пуштале да работат како инспектори, прво како помлади инспектори, а потоа и ќе напредувале во кариерата.

„Но, од овие 35 лица, 12 се правници и економисти, и затоа нив без размислување ги прифативме и можеме да ги вклопиме во институцијата, и би биле префрлени во Тетово, Кичево, Гостивар, Струга, Охрид, и покрај тоа што нас, како што реков, повеќе ни требаат инспектори во Источна Македонија“, вели Пауновски.

После оваа своја бескомпромиска изјава, Пауновски од граѓаните во земјава доби буквално силен аплауз на јавна сцена, со бројни честитки за покажаниот дигнитет, цврст став и пораки така и да продолжи, како и размислувања дека кога такви би биле сите директори, нашата јавна администрација би била во многу подобра положба.

Како што е познато, првиот вицепремиер Груби, кој раководи со Министерството за политички систем, предложи план за прераспределба на рамковно вработените, што сега се вика К5 програма. Оние кои нема да ја прифатат работата, ќе добијат втора шанса, во друга институција. Ако и таа ја одбијат, трајно ќе го изгубат правото за вработување во државниот сектор.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Силувана малолетничка од Скопје, случајот во полиција го пријавил дедото

Силувана малолетничка од Скопје, случајот во полиција го пријавил дедото

ДО ДИК ДОСТAВЕНИ 233 ПРИГОВОРИ - до 15 часот излезеноста на изборите е 35,89 проценти

ДО ДИК ДОСТAВЕНИ 233 ПРИГОВОРИ - до 15 часот излезеноста на изборите е 35,89 проценти

ПОПОСКИ НАЈАВУВА НОВИ ВРНЕЖИ: дожд низ пониските места, снег на планините, еве ги деталите

ПОПОСКИ НАЈАВУВА НОВИ ВРНЕЖИ: дожд низ пониските места, снег на планините, еве ги деталите

ДИК: Најголема излезност е забележана во Новаци 42,87 отсто, а најмала е излезноста во Врапчиште 10,18 отсто

ДИК: Најголема излезност е забележана во Новаци 42,87 отсто, а најмала е излезноста во Врапчиште 10,18 отсто

БАЈРАМИ: Во Бучим гласач го покажал ливчето на набљудувач пред да го пушти во кутијата

БАЈРАМИ: Во Бучим гласач го покажал ливчето на набљудувач пред да го пушти во кутијата

БОЈМАЦАЛИЕВ: Не се забележани поголеми нарушувања или инциденти

БОЈМАЦАЛИЕВ: Не се забележани поголеми нарушувања или инциденти

МВР: Регистрирани се две фотографирања на гласачко ливче во Скопје и Штип

МВР: Регистрирани се две фотографирања на гласачко ливче во Скопје и Штип

ОДЗИВ ДО 11 ЧАСОТ: Гласале 12,78 отсто или 229.417 избирачи

ОДЗИВ ДО 11 ЧАСОТ: Гласале 12,78 отсто или 229.417 избирачи

ПРЕКИН ВО ОПАЕ: Се расипал биометрискиот уред

ПРЕКИН ВО ОПАЕ: Се расипал биометрискиот уред