20 Април, 2024
0.0272

Како наближува референдумот – руските пропагатори зовриваат

Објавено во: Колумни 07 Септември, 2018

Добивај вести на Viber

Присуството на Македонија во светските медиуми е инцидентно. Впрочем и нема некоја поголема причина да биде тоа присуство зачестено. Македонија ја споменуваат во зловреме или како што беше пред некој месец ја споменаа за потпишаниот договор со Грција, навестен како неопходност пред повеќе од дваесет години. Така било, така е и така ќе биде. На разочарување на многумина во земјава, кои сметаат дека Македонија е центарот на светот и дека очите на светската јавност се вперени во него. Така беше со години и во Русија. Се до оној момент, последниве три до четири години, кога руската пропаганда ги издигна настаните кај нас на ниво да им се дава должно внимание. Се разбира со пропагандни анализи или коментари. Наменети пред се за руската публика.

Така беше и деновиве. Вчера на пример, во медиумите Македонија беше спомената дури два пати. Прво со изјавата на генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг дека „НАТО ја чека Македонија“ да стане 30-та членка. А потоа и со веста-честитката на американскиот претседател Доналд Трамп до претседателот Ѓорге Иванов по повод нашиот национален празник.  Сето ова е знак дека Русија, нејзините пропагандисти, сакаат да ја претстават Македонија како уште една држава која бесповратно заминува во „спротивниот табор“. И, тоа проследено со информации за историјата на односите на Македонија со НАТО. За да се констатира дека „после приемот на Македонија во НАТО, надвор од Алијансата ќе останат само две балкански земји: Србија и Босна и Херцеговина“.

Последнава констатација е факт. Но Русите долго време мислеа дека тоа се илузии. И правеа обиди да не спадне книгата на две букви. На пример планот Б-4, за четири воено-неутрални земји на Баланот. Како иницијатива започната од „проруски“ партии и движења од Црна Гора, Србија, Македонија...За потоа да стане и дел од официјалната политика. Најнапред од политиката на Државната дума и Советот на Федерацијата, за потоа кон неа да се приклучи и руското министерство за надворешни работи. Погрешните проценки на руските дипломати во државите предвидени да станат дел од Б-4 само ја избламираа руската дипломатија. Онаа дипломатија, која на повисоко ниво е една од најдобрите во светот, беше поразена на Балканот. Најпрво, со многу перипетии, во НАТО замина Црна Гора. Пропагандните игри околу Македонија, и покрај тоа што беше јасно дека земјава сака во НАТО и ЕУ и на тој пат ја поддржуваат над две третини од населението, беа безуспешни.

И сега кога е јасно дека земјава е на прагот на НАТО и ЕУ, пропагаторите од руските медиуми веќе не зборуваат за „линии на делби“, за „големи албании“, за „нелегитимна власт“...Сега пропгандно оружје е цинизмот и застрашувањето. Па се вели дека Македонија ќе спадне на три букви. И онака е мала, па картографите не можат нејзиното цело име да го напишат на карта, сега ќе ја пишуваат како РСМ. Демек не е тоа Русија која зазема една шестина од картата на светот.Ова ме враќа дваесетина години наназад. Син ми учеше во единаесети клас во Москва. На еден час по географија тој зборувал дека Русија е земја во развој, а не високоразвиена држава. Цел клас се кренал против него. Наставникот го повикал да дојде до географската карта на светот и да ја најде Македонија и да ја покаже. Македонија била означена со бројка. А во долниот агол на картата можеле да се прочитаат државите чии имиња не можеле да бидат впишани на неа. Сите ликувале. Го кажувам ова како појаснување за оние кои треба да научат една карактеристика на Русите. За нив Русија е најголема, најбогата, најсилна во светот...

Пропагаторите како да се свесни за резултатите од референдумот, па очекувајќи тие да бидат познати на 30 септември, велат дека „власта ќе направи се да ги исполни нивните очекувања“. Се мисли на ЕУ и НАТО. Се вели дека мнозинството, макар и незначително, во Македонија е за НАТО, не од што треба, туку „а што сме ние полоши од Црна Гора?“. На пропагаторите не им се допаѓа референдумското прашање. Тврдат дека народот е против преименувањето на државата. Што им одговара на нивните ставови. „Тоа што интеграцијата во застареното НАТО и накривената ЕУ – е пустота, Македонците, ако биде можно така да се нарекуваат, ќе дознаат подоцна“, се вели во еден коментар на Спутњик-можеби главен пропаганден медиуми на Русија. Па се додава: „А референдумот, очигледно тоа ќе биде нивното последно „пукање по македонски“. За да се погоди(влезе) и таму и ваму, во смисла во два зајака. Јас дури би рекол – Заев“.

Пукање по македонски во Русија е израз од литературата, но најверојатно е дојден од нашиве простори. Тоа значи пукање со две раце, од два револвера. Патем да кажам дека освен „пукање по македонски“, таму има уште еден израз во кој се споменува македонско. А тоа е „бомба македонка“, изложена во Музејот на револуцијата во Москва. Добро е што коментаторот не ја користи „бомбата македонка“ за остварување на неговата цел-погодувањето во Заев. Односно пораз на референдумот и заминување на премиерот Зоран Заев од политиката. Очигледно сега на удар на пропагандата е токму Заев. Во еден друг текст истиот автор за Заев вели: „Тој би се откажал и од сопствените иницијали, ако некој е заинтересиран за нив“. Ова во светлината на договорот со Грција.

Во овие писанија никаде ги нема проруските елементи во Македонија. Да не кренала Русија раце од нив. Или пак и' е доволен фактот што ќе се одржи референдум за кој дури се залагаше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Ни збор за Бачев и ко. Ни по имиња, ни по патриотски сили...Се што пишува се само пропагандни страшила. Човек да се плаши да помисли дека неговата земја треба да влезе во НАТО. А и ако влезе тогаш одново страв. Овој пат од Русија. „Не од тоа што е страшна. Туку поради тоа што во нивна средина ако сакаш да живееш – умеј да се плашиш. Инаку, ќе немаш ни респект, ни почитување, ни дотации“, вели коментаторот.

Нашиот одговор до него е да си погледне во сопствениот двор. Да не зоврива многу околу референдумот во државава. Да си побара други пропагандни цели. А за Македонија многу да не се грижи. Ние одиме по зацртаниот пат од деведесеттите години- НАТО и ЕУ. Подобро со време да се занимава со Србија и Босна и Херцеговина. Како одат работите за некоја година и рускиот центар за вонредни состојби во Ниш ќе може да стане нова НАТО база на Балканот.


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок