Како се избирани луѓето за прислушување?
Објавено во: Македонија 12 Февруари, 2019
Во УБК прислушувањето било поделено по професии.
На судење за предметот на СЈО – „Таргет-Тврдина“ денеска сведочеше вториот сведок на Обвинителството, Звонко Костовски, инженерот во УБК, кој ги извади прислушуваните материјали од МВР.
Тој вели дека надвор од судските наредби се ставани за следење броеви групирани по професии: новинари, политичари, бизнисмени.
Костовски објасни дека „на маркирачот на телефонските броеви му се дава ливче со број, псведоним и име на таргетот за следење“. Сведокот кажа дека по барање на поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, наместо во корисничките имиња да стојат дел од иницијалите на репродуцирачите на материјалите, во системот „Најс“, кој го наследил стариот систем „Вернит“, стоеле имиња што никако не се поврзани со лицата кои ги обработувале материјалите.
Според обвинението на СЈО, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски се следени 4.286 телефонски броеви. Комуникацијата е следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани се повеќе од 20 илјади граѓани.