Како Заев и Мицкоски планираат да го спречат иселувањето?
Објавено во: Македонија 26 Март, 2019
Премиерот Зоран Заев на тв дуелот изјави дека за да се спречи иселувањето преземал храбри чекори и решил дека е доста да се калкулира за политичките кариери, туку мора да се направи нешто за државата, односно да се реши спорот со Грција.
Заев призна дека иселување имало во времето на ВМРО-ДПМНЕ, но и сега постои.
„Како ќе има инвестиции без НАТО и ЕУ? Како ќе има НАТО и ЕУ без Договорот од Преспа?“, праша Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека тоа што Заев го кажува не е точно, и како пример ги наведе земјите од регионот кои се во НАТО, а вели дека кај нив иселувањето не е запрено.
Mицкоски наведе дека има земји кои не се членки на НАТО и ЕУ, но имаат повеќе инвестиции од нашата земја. Според него, најважно е правната држава да функционира.