Каква порака испрати Ердоган до граѓаните на БиХ?
Објавено во: Балкан 20 Мај, 2018
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во БиХ изјави дека Турција ќе продолжи да дава секаква помош за БиХ и дека никогаш немала скриена намера кон оваа земја.
Тој се сретна со претседавачот на претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ
„Имавме конструктивни разговори. Разговаравме за политички, културни, туристички и транспортни прашања, што можеме да направиме и како да ги подобриме односите“- рече Ердоган.
Тој изрази задоволство што по три години повторно се наоѓа во БиХ и дека постои желба соработката во сите тие области да биде унапредена.
„Многу е важно да се потпише договор за слободна трговија, како и да стапат на сила сите договори за кои преговорите продолжуваат. Нашите претставници ќе продолжат со преговорите и ќе ги охрабриме нашите бизнисмени да ја поддржат БиХ“- вели Ердоган.
Тој изрази надеж дека турските компании ќе работат повеќе во БиХ и дека патот Белград-Сараево ќе претставува пример за градење и поддршка на инфраструктурата.
Ердоган истакна дека Турција никогаш нема да ја остави Босна и Херцеговина сама на патот кон ЕУ.
Изетбеговиќ рече дека Турција и БиХ имаат одлични односи.
„Турција е со нас во нашите аспирации кога станува збор за членството во НАТО, во ЕУ, кога станува збор за економијата“- рече Изетбеговиќ.
Според Изетбеговиќ, најважниот проект за кој разговарале денеска е патот Сараево – Белград.
Тој рече дека е потпишано и писмо со намери, со кое се дава поддршка на билатералната соработка меѓу БиХ, Србија и Турција.
По состанокот во Претседателството на БиХ и разговорите помеѓу делегациите на двете земји, најавено е дека турскиот претседател, во придружба на домаќинот, ќе положи цвеќе на шехидските гробишта Ковачи.
Автобуси со приврзаници на Ердоган од утрово пристигнуваат во Сараево. Претежно станува збор за Турци кои доаѓаат од Германија, Австрија и Холандија.