29 Март, 2024
0.0269

Каматите на минусите и на картичките двоцифрени, штедењето неатрактивно

Објавено во: Економија 19 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Каматата по која банките купуваат записи во Народната банка паднала за дури 10 процентни поени или за 76 проценти во последните 15 години, но дали исто толку паднале и каматите на кредитите кои банките им ги даваат на граѓаните за тој период и колку се намалиле во истото време приносите за штедењето во македонските банки. Народната банка ја намали основната камата неделава и ја спушти до 3 отсто, најниски во историјата, доека во март 2002 година оваа камата изнесувала 13 отсто. Спуштањето и зголемувањето на оваа камата Народната банка ја прави водејќи се од актуелната економска ситуација и ризиците. Тоа пак е сигнал за банакарите кога ги одредуваат каматите на своите производи, дали кредитни или тие за штедење.

 Падот на каматите не е ситуација само во земјава, а тоа во изминативе пет години се случува на глобално ниво. Светот сега позајмува пари речиси без камати, додека тие за штедењето беа и негативни. Сепак економските аналитичари велат дека кај нас ситуацијата е малку поразлична. Од една страна падот на каматите на кредитите не толку голем особено кај минусите на картичките и кај потрошувачките кредити, а падот на каматите на депозитите пак не значаше прелевање на парите на граѓаните на друго место, во недвижнини или во акции на пример.

ЌЕ СЕ НАМАЛИ ШТЕДЕЊЕТО

Професорот Никола Поповски и поранешен министер за финансии вели деканајновото намалување ќе предизвика мали надолни промени кај каматните стапки на банките, но дециден е дека ова може да предизвика намалување на штедењето.

„Компаниите можат да сметаат на нешто пониски камати на нивните заеми од банките. Сепак, ваквата промена на каматните стапки едновремено се заканува и да го намали нивото на штедењето од страна на населението бидејќи идното намалување на каматите на нивните орочени депозити односно штедни влогови може да ги дестимулира да штедат. Тоа би се одразило на квалитетот на депозитната база на банките“, вели Поповски.

Според него, опасноста што во услови на ниска конкурентност во нашиот банкарски систем, каде што има преголема доминација на три банки, е да се случи банкарските камати кон корпоративниот сектор и кредитите на населението пропорционално помалку да се намалат од оние на орочените штедни депозити.

„Со тоа мерката на НБРМ може да се сврти во корист на банките, а не и во корист на економијата во целина. Од друга страна ваквите настани, пак, можат да влијаат штедењето на населението повеќе да се насочи кон инвестирање во хартии од вредност, на пример инвестирање во акции на берзата, отколку кон банките, со што би се остварил повисок принос, што исто така би било позитивен ефект“, вели Поповски.

КАКО СЕ НАМАЛУВАШЕ ОСНОВНАТА КАМАТА

Инаку Народната банка врши корекција на основната камата за прв пат по повеќе од една година, или тоа го стори последен пат лани во февруари кога ја намали камата на благајничките записи за 0,25 проценти или од 3,5 на 3,25 отсто. Тоа пак беше втор пат таа година или за само ден месец да изврши ваква корекција. Понатаму цела мината година каматата изнесуваше 3,25 проценти што беше најниско ниво во историјата. Сега повеќе не е така. Тогашните корекции исто се должеа на сигнали дека економијата се стабилизира особено по политичката криза во 2016 година кога пак намаесто олабавување имаше затегнување на политиката на Народната банка.

Гледано по години, падот делумно почна од 2010 година, цела 2011 беше четири проценти, а од средината на следната година НБМ одлучи да ја спушти до 3,25 проценти.

Месец/година

Висина на камата

Март 2002

13

Март 2003

9,60

Март 2004

8

Март 2005

10

Март 2006

6,78

Март 2007

5,30

Март 2008

5,85

Март 2009

7

Март 2010

7,26

Март 2011

4

Март 2012

4

Март 2013

3,42

Март 2014

3,25

Март 2015

3,25

Март 2016

3,25

Март 2017

3,25

Март 2018

3

Поповски смета дека сегашната одлука можеби е малку задоцнета

„Предизвикана е од два фактори: прво, опстојувањето на високата ликвидност на банкарскиот сектор и едновремено скромниот раст на неговите кредити кон компаниите и населението; и второ, сè уште високата дискрапанца меѓу каматните стапки во еврозоната и во домашната економија чија парична единица е фиксно врзана со еврото. Двата фактори, во крајна инстанца, не обезбедуваат подобри перформанси на македонската економија и не влијаат на растот на економијата, односно на БДП. Иако политиката на НБРМ е прилично конзервативна и претпазлива, сепак мерката беше нужна“, вели Поповски.

КАМАТИ ДО ВРВ

Ако се анализираат каматите на кредитите кои домашните банки им ги даваат на домаќинствата може да се заклучи дека од 2005 година наваму тие се намалуваат, но падот сепак не резултирал во исклучително ниски камати. Така во 2005 година каматите на денарските кредити биле околу 12 проценти, сега во 2018 година се 5,95 проценти. Намалувањето е двојно, но останува фактот дека каматите кои граѓаните ги плаќаат за минусите и за кредитните картички се исклучително високи. Така во јануари 2018 година за негативните салда на тековните сметки граѓаните плаќале годишна камата од 11,34 проценти, додека каматите на картичките биле во просек 10,28 проценти.

Граѓаните реагираат

„Сите викаат паднале каматите, сега кредитите биле евтини, но ние не гледаме ништо од тоа. Јас ја имам кредитната картичка веќе десет години и каматата, имам чувство, воопшто не се намалила, вели скопјанецот Гаврил М.

А како се движеле каматите на депозитите. Статистиката на Народната банка покажува дека во јануари каматите на денарските депозити изнесуваат во просек 2,15 проценти. Пред 15 години биле пет отсто, иако во 2009 година, во кризата за денарските депозити банкарите даваа камати од над 7,5 проценти.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

БОГАТАШИТЕ И НИВНИТЕ ТЕЛЕФОНИ - ANDROID ИЛИ IPHONE: Овие видови мобилни ги користат Гејтс, Закерберг, Бафет и Безос

БОГАТАШИТЕ И НИВНИТЕ ТЕЛЕФОНИ - ANDROID ИЛИ IPHONE: Овие видови мобилни ги користат Гејтс, Закерберг, Бафет и Безос

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

ДУИ со експанзија во угостителството

ДУИ со експанзија во угостителството

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!