Добивај вести на Viber
Даночните „рајски“ места веќе не се засолниште од даночните органи. Имено работна група од Канада подготви извештај за Владата, во кој се наведува дека граѓаните на оваа држава држат 170 милијарди долари во 12 офшор зони, пишува „Ottawa Citizen“.
Ова претставува околу 10% од бруто домашниот производ на земјата, проценуваат од организацијата „Канаѓаните за фер даноци". Трите најпопуларни дестинации се Барбадос, каде се кријат 59 милијарди долари, Кајмански Острови со 30 милијарди долари и Луксембург со 20 милијарди долари.
Пресметките на организацијата покажуваат и дека од 2005 година па наваму износите кои се сокриени на овие места се удвојуваат.
Прашањето за борбата со офшор зоните во Канада е сериозен, истакнува „Ottawa Citizen“, цитирајќи податоци дека помеѓу април 2006 и март 2012 година во земјата има само 44 лица кои се осудени за даночно затајување во офшор зона. Отворање на сметка во ваква област не е нелегално се додека не е поврзано со криење на приходи од даночните органи.
Само пред еден месец поради истекување информации беа откриени тајни банкарски сметки на фирми и поединци во офшор зоните. Меѓу погодените се бизнисмени, познати личности и политичари од Канада, САД, Индија, Пакистан, Кина, Иран и поранешните комунистички држави.
Проценките се дека во такви области се скриени 32 трилиони долари.