КАНАЃАНИТЕ СЕ ПОДГОТВУВААТ ЗА НАЈСИЛНОТО НЕВРЕМЕ: „Фиона“ стигна на источниот брег-дуваат урагански ветрови
Објавено во: Свет 24 Септември, 2022
Канада се соочува со еден од најсилните бранови на бури досега, додека бурата „Фиона“ го продолжи својот пат кон канадскиот брег на Атлантикот, објави Гардијан.
Силната бура „Фиона“ веќе се спушти во источниот дел на земјата, а ветровите имаат и ураганска сила, пренесува Ројтерс.
Американскиот Национален центар за урагани (NHC) соопшти дека центарот на Фиона, сега класифициран како посттропски циклон, се движи низ Нова Шкотска, носејќи со себе ветрови и силен дожд.
Се додава дека бурата делумно ослабела додека се движела на север.
Во 11 часот по локално време, бурата беше на околу 255 километри североисточно од Халифакс, а ветровите достигнуваа брзина и до 150 километри на час, објави NHC.
Иако се очекува постепено слабеење на невремето во наредните денови, извесно е дека „Фиона“ и натаму ќе има ураганска сила до вечерва, додаваат од НХЦ.
Канадскиот премиер Џастин Трудо го одложи денешното патување во Јапонија, каде што требаше да присуствува на погребот на убиениот поранешен премиер Шинзо Абе, бидејќи треба да добие извештаи и поддршка од владините агенции за вонредни состојби, изјави портпаролката на премиерот Сесил Рој.
Во провинциите Нова Шкотска и островот Принц Едвард, каде живеат повеќе од 150.000 луѓе, како и во делови од Њуфаундленд, беше прогласено предупредување за ураган.