Катругалос: Eдно прашање влијае на друго и затоа не можеме со сигурност да говориме за договор
Објавено во: Балкан 21 Мај, 2018
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, во интервју за државната телевизија ЕРТ вели дека на средбата со посредникот Метју Нимиц ќе се разговара за сите прашања, затоа што според него се наоѓаме на чекор пред постоење договор.
Тој објаснува дека едно прашање влијае на друго и затоа не можеме со сигурност да говориме за договор и дека „ништо не е договорено, ако не се договори сѐ“.
„Постојат имиња на масата од господинот Нимиц, познати се имињата, но на средбата на министрите за надворешни работи падна и последното име предложено од скопската страна. Сега кога ќе се сретат во Њујорк двајцата министри за надворешни работи, во координација со Нимиц паралелно ќе се разговара за сите прашања затоа што се наоѓаме точно на чекор пред да постои договор“- вели Катругалос во интервјуто.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, алтернативниот министер за надворешни работи одби директно да го коментира последниот предлог за „Република Илинденска Македонија“, објаснувајќи дека не сака и нема да спомене ниту една точка од преговорите, „затоа што преговорите не се водат преку медиумите“, но повтори дека во однос на името Грција бара географска или временска одредница, но и да има две конкретни карактеристики.
Тој додава дека идеално за Грција би била географска или временска одредница, „но и овие работи се прашање на толкување“.
Говорејќи за постигнатиот напредок, Катругалос го спомена прифаќањето на ерга омнес име и уште еднаш го повтори неговиот став дека е воздржан оптимизам за можноста за договор.