22 Април, 2019
0.0218

КИНЕСКИТЕ КРЕДИТИ ПОД ЛУПА НА СЈО: Како се градат автопатите низ Македонија?

Објавено во: Економија 26 Април, 2016

Потегот на Специјалното јавно обвинителство кое што вчера  прати инспектори во Агенцијата за државни патишта во врска изградбата на автопати со кинески компании, отвори сомнеж како склучувале договори, дали во постапката биле заштитени домашните подизведувачи, што се случувало со провизиите? Засега нема официјална информација од Агенцијата за државни патипта, а од СЈО потврдија дека е отворена предистрага. Минатата година лидерот на СДСМ Зоран Заев објави прислушувани материјали во кои како што тврди зборуваат екс премиерот Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и договараат како кинеска компанија да ги гради автопатите на исток и на запад. Според објавените телефонски разговори, како се договара провизија од 5 проценти или 25 милиони евра и иако во план било да се изберат две фирми, потоа се одбира само кинеската компанија да ги гради двата автопати Миладиновци –Штип и Кичево-Охрид. Еве дел од т.н „бомби“ што ги објави СДСМ а поврзани со изградбата на овие два патни правци: Разговор меѓу Груевски и Јанакиески НГ: Кажи ми сега за овие жутиве, каква е динамиката? Кога они доаѓаат, кога поднесуваат и кога се преговорите? МЈ: Значи, на 29-ти во 10 им е кажано, може да го пролонгираме. Начелно тогаш им е кажано дека треба да достават понуда. НГ: Да не го пролонгираме, а?... За ова ти колку предлагаш? МЈ: 5 на целото. НГ: Што 5 на целото? МЈ: 5%. НГ: Не, не у точен износ колку? МЈ: Па сега зависи колку ќе биде, помеѓу 15 и 18. НГ: Ти како, како процент збореше таму или како бројка точна? МЈ: Па...тие го спомнаа тоа, и генерално си е океј вака тоа. 5 на тоа што ќе помине. Тоа зависи од понудата, ама помеѓу 15 и 18 би се движело, согласно некои проекции колку би понудиле. НГ: Ќе ти прифатат толку? МЈ: Ако му кажиме ќе прифатат, да, не е тоа ништо. И на другото е толку. НГ: Да не е многу бе, а? Да не се претера, претера новинарството. МЈ: Еве ја одев по некоја аналогија од претходното... Кога СДСМ ги објави разговорите, владејачката ВМРО ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата и соопштија дека  целиот процес за избор на компанијата за изградба на двете делници се одвивал на највисоко професионално ниво. За договорот за изградба на патиштата се изготви посебен закон За изградба на двата автопатишта Владата зема кредит од 580 милиони евра од кинеската „Ексим банка“, со рок на  отплата од 20 години, пет години грејс период и 2 % каматна стапка. Владата со пари од буџетот учествува со 10 отсто. Изгадбата на автопатиштата беше најавена на голема врата како најкрупен инфраструктурен проект. Договорот за изградба со кинеската компанија „Синохидро“ се реализираше со посебен Закон што во 2013 -та година се изгласа во Собранието. Кога се носеше законот за договорот за изградба на автопатите, пратениците од опозицијата се изјаснија дека ќе гласаат за законот и оти генерално даваат поддршка за изградбата на патиштата, но ги критикуваа цените за изградба на километар автопат и поволностите дадени за компаниите кои ќе ги градат. Тогаш опозицијата обвини  дека проектот е коруптивен и оти Владата неколкупати нелогично го зголемила износот на инвестицијата за автопатиштата. Во моментов изградбата на автопатиштата се одвива непречено. Автопатот Скопје – Свети Николе – Штип  чини 206 милиони евра е во должина од 53 километри,  а автопатот на делницата Кичево-Охрид  е вреден 374 милиони евра и долг 56,7 километри. Во договорот има и одредба со која се предвидени десет проценти за дополнителни непредвидени работи. Изградбата почна во 2014 година, а рокот за изградба е три години. Половина од компаниите подизведувачи кои учествуваат во изградбата на делниците се македонски, а 51 отсто од материјалите за градба се од Кина. Според економистите вака анализираните кредитни линии се поволни, но сметаат дека “евтините“ кредити најчесто содржат дополнителни влијанија, кои главно се однесуваат на давање на тендерска предност, набавки и други форми на исплатливи бизниси. Дел од експертите за инфраструктура веќе предочија дека дополнителен сомнеж врз целиот проект е тоа што не беше траспарентно објавен договорот за изградба на автопатите за да се направи споредба дали парите предвидени за изградба соодвествуваат со предвидените градежни работи и дали сумите договорени со кинеската “Синохидро” се реални. -Водењето на целата процедура на преговори дава сомнеж за сомнителна зделка, ако веќе така се договарале во четири очи, а не со транспарентност на фирмите. Не ја имаме документацијата на увид за да коментираме околу сумите, треба да се знае која варијанта е избрана и на какви терени се работи, колку објекти се предвидени, затоа што секоја измена на варијанти во себе крие можност за манипулации, изјави неодамна  универзитетскиот професор Вулнет Палоши. Проектот го следеа и контроверзии. Па така лани на веб страната  на кинеската компанија, сумите предвидени за изградбата на овие два патни правци беа за околу седум пати пониски од оние кои ги договорила Владата. Потоа сумите исчезнаа, а веб страната стана недостапна. И сега на веб страната сумите ги нема. Дел од поранешните антикорупционери уште кога се објавија опозициските бомби посочија дека се отвора сомнеж како се водат јавните набавки и како се трошат јавните пари и го  посочи Јавното обвинителство и Комисијата за спречување корупција да го испитаат случајот за т.н кинески провизии. Но наделжните не направија никаков потег. Според експертите за инфраструктура, ваквите големи кинески корпорации вообичаено таргетираат мали земји кои немаат големо искуство со работа со такви корпорации и доаѓаат во земјите за да заработат, а не да губат или да и помогаат на државата. Кинезите ги користат земјите од регионот за влез во Европа, и тоа се случува не само преку Македонија туку и преку другите земји од Балканот. Која е Синохидро? Според достапните информации од веб страната, „Синохидро“ е компанија која има градежни проекти низ цел свет, особено во Африка, Азија, Европа и Јужна Америка. Се јавува како  директен изведувач или учествува во проектирање на хидроцентрали, брани, патишта, аеродроми, пристаништа, згради. Но и покрај бројните проекти, Синхидро во светот ја пратат низа контровезрии. Така според пишувањата на странските медиуми, “кинезите се омилени инвеститори на корумпирани владини функционери затоа што нивните инвестиции доаѓаат со многу малку услови за теми како етика, еколошка заштита, корупција, владеење на правото“ изјави за „Зимбабве индипендент“ во февруари лани економскиот експерт Максвел Саунгвеме. Во 2014 година токму оваа компанија како што пренесуваат странските медиуми за бизнис зделка во Пакистан,  била под суспензија од Светска банка поради сомнеж за корупција. Т.С

Можеби ќе ве интересира

ЕУ НЕ ЖАЛЕЛА ПАРИ: Еве каде и во што се вложени 27 милијарди евра

ЕУ НЕ ЖАЛЕЛА ПАРИ: Еве каде и во што се вложени 27 милијарди евра

ЧЕТВРТА ГОДИНА ПО РЕД „ШВАЈЦАРЕЦОТ“ Е БРОЈ ЕДЕН: Оваа компанија е најугледна во цел свет!

ЧЕТВРТА ГОДИНА ПО РЕД „ШВАЈЦАРЕЦОТ“ Е БРОЈ ЕДЕН: Оваа компанија е најугледна во цел свет!

Познато колку Македонци добиле работна дозвола лани во Германија. Повеќе од Албанија, а и Србија изгледа помала

Познато колку Македонци добиле работна дозвола лани во Германија. Повеќе од Албанија, а и Србија изгледа помала

Во Германија живеат 11 милиони странци без германски пасош, Македонците се зголемуваат

Во Германија живеат 11 милиони странци без германски пасош, Македонците се зголемуваат

Електричните автомобили всушност повеќе загадуваат дури и од дизелашите?

Електричните автомобили всушност повеќе загадуваат дури и од дизелашите?

Исклучените од парно да пополнат формулар

Исклучените од парно да пополнат формулар

Светска банка: Решеното име отвара простор за поголем раст

Светска банка: Решеното име отвара простор за поголем раст

Кој е црепот што прави профит 30 отсто од приходите?

Кој е црепот што прави профит 30 отсто од приходите?

Случај Топлификација: Има ли причина за молкот на институциите

Случај Топлификација: Има ли причина за молкот на институциите