ЌЕ БИДЕ СЕ ПОЛОШО АКО НЕ СЕ СЛЕДАТ ОСНОВНИТЕ МЕРКИ - Тедрос со нова порака
Објавено во: Свет 14 Јули, 2020
Пандемијата на коронавирусот може да се влоши ако сите нации не се придржуваат до основните здравствени мерки на претпазливост, предупреди вчера Светската здравствена организација.
„Дозволете да бидам отворен, премногу земји тргнаа во погрешна насока, вирусот останува јавен непријател број еден“, изјави генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на виртуелниот брифинг во седиштето на СЗО во Женева, пренесе Ројтерс.
„Ако не се следат основните мерки, единствениот начин на кој ќе се одвива пандемијата е дека ќе биде сѐ полошо и полошо. Но, не мора да биде така“, кажа Тедрос.
„Нема да има враќање на старата нормала во догледна иднина... Има многу нешта за кои треба да бидеме загрижени“, истакна тој. „Има мапа на патот до ситуација во која можеме да го контролираме вирусот и да продолжиме со своите животи“.
„Меѓутоа, ќе биде потребно да се фокусира на намалување на пренесувањето, зајакнување на заедницата и силно државно лидерство, додаде тој.
„Тоа може да се направи, тоа мора да се направи. Веќе го кажав тоа и ќе продолжам да го кажувам. Без оглед на тоа каде земјата се наоѓа на кривата на епидемијата, никогаш не е доцна да се преземат решителни акции“, заклучи шефот на СЗО.