16 Април, 2024
0.0262

ЌЕ ГИ ЧЕСТИМЕ ЛИ СОСЕДНИТЕ МОЛОВИ И РЕСТОРАНИ СО НЕДЕЛНИОТ ПРОМЕТ - власта тивко крои измени, за угостителите неработната недела е утопија

Објавено во: Економија 20 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Ќе нема нов закон со кој неделата би се прогласила за неработен ден, туку ќе има соодветни измени во Законот за работни односи, тврдат за Фактор владини извори. Односно, ќе се направат измени на ЗРО, со кои ќе се утврди дека неделата се прогласува за неработен ден, освен ако со друг закон не е одредено поинаку.

Според нашите сознанија, драфт верзија на овие законски измени веќе била подготвена од Министерството за труд и социјална политика, и била доставена до пооделните министерства. Сега секој ресор посебно ќе треба да ги разгледа измените и да каже што за дејностите кои спаѓаат под нивна капа е прифатливо, а што не е, и да дадат мислење како да изгледаат законските измени кои се однесуваат на нивната област.

АКО РАБОТНИКОТ РАБОТИ ВО НЕДЕЛА, ДРУГ ДЕН МОРА ДА МУ Е СЛОБОДЕН

Секако дека со законот нема да може да се забрани работењето во недела на здравствените работници, полицијата, војската, медиумите, но и во тешката индустрија каде што не смее да се прекине процесот на производство, односно да се изгаснат печките.

Кога станува збор за секторите трговија, угостителство и туризам, тие на пример потпаѓаат под Министерството за економија, па во тој дел овој ресор ќе треба да се изјасни кои измени се прифатливи. Ќе мора да се води сметка за многу работи.

„Дали на пример, во Охрид би смееле да си дозволиме во лето, во сред туристичка сезона, да не работат локалите и рестораните“, велат нашите соговорници.

Инаку, во моментов, Законот за работни односи е така уреден што работната недела треба да трае 40 часа, што значи дека ако работникот работел во недела, тогаш газдата треба да му даде друг работен ден слободен, на пример среда. А доколку, пак, работел во недела и со тоа работната недела му била над 40 часа, тоа треба екстра да му се плати.

УГОСТИТЕЛИТЕ ЌЕ ИЗГУБАТ 25 ОТСТО ОД ВКУПНИОТ НЕДЕЛЕН ПРОМЕТ

Според извори на Фактор од угостителскиот сектор, на средбата која минатата недела ја имале со министерот за економија, тие се пожалиле дека за нив недела како неработен ден ќе предизвика многу штети, по што тој им побарал анализи и пресметки за можните загуби, кои тие треба да ги достават во следниве денови. Така тој би можел да настапи во Владата во заштита на нивните интереси кога ќе се носат измените на ЗРО. Еден од угостителите, како што дознаваме, на тој состанок кажал дека рестораните и локалите во викенд остваруваат дури 50 отсто од својот вкупен промет, што значи дека ако не смеат да работат во недела, тие би изгубиле дури 25 отсто од својата неделна заработувачка. Исто така, имало реакции од хотелиерите дека не е возможно тие да не работат во недела.

„Што би правеле, би ги избркале ли гостите во недела“, прашал на шега некој хотелиер, додавјќи дека не е можно кај нив во недела да се забрани и служење храна, бидејќи тоа е обврска кон гостите.

Фактор за неработната недела побара став и од Независната угостителска комора. Нејзиниот прв човек Здравко Јосифовски вели дека немаат никаква информација што ќе содржат новите законски измени, ниту ја виделе драфт верзијата, така што не знаат дали и како ќе бидат опфатени угостителите.

СЕМЕЈНИТЕ РУЧЕЦИ ОДМНА НЕ СЕ ПРАВАТ СТРОГО ДОМА

„За жал, и покрај официјалната средба што ја имавме во вторникот со министерката за труд и социјална политика, до моментов немаме добиено никакви насоки или препораки од страна на Министерствтото за тоа во која насока размислуваат, односно дали сметаат дека воошто треба угостителските објекти да бидат опфатени со предлог иницијативата со која недела треба да се прогласни за целосно неработен ден...Од страна на Независната угостителска комора јасно и гласно беше кажано во име на сите угостители и целокупната угостителска индустрија дека било какво решение со кое ќе се ограничи или забрани да работи било кој угостителски објект во Македонија во недела, за угостителите е целосно неприфатливо“, дециден е Јосифовски.

Според него, да се иницира закон со кој недела - ден за неделен одмор, ќе се прогласи за неработен, за угостителската индустрија е утопија.

„Не можеме да бараме и да ги примораме фамилиите традиционалниот неделен семеен ручек, неделните прослави, слави, крштевки и останати веселби кои во минатиот век традиционално се одвивале во домовите, претежно кај најстарите во фамилијата, да ги прават и натаму на истиот начин. Денес, во 21 век, тие семејни неделни ручеци и вечери, односно пријателски и фамилијарни т.н. собиранки, наместо во домашна атмосфера, се повеќе семејства се одлучуваат да ги негуваат и оддржуваат во ‘кафеана’ каде што сите ќе можат подеднакво да уживаат во моментот на дружење и почит, наместо во моментот на служење едни на други.Така што, нелогично би било барањето да се забрани или условат угостителските објекти да не работат во недела, а народот да се примора да се враќа на начинот на живеење во минатиот век“, објаснува Јосифовски.

Дали веќе имаат пресметки какви штети би предизвикало неработењето во недела за угостителскиот сектор?

„Ако земеме предвид дека половината од угостителските работници (речиси 20 илјади) кои во просек работат во недела остваруваат по основ на редовни и договорни приходи повеќе од 25 милиони евра годишно, само затоа што работат во недела, е износот кој со закон ќе им биде ускратен на овие угостителски работници кои се согласиле или сакаат да работат во недела. Да не заборавиме дека во угостителската индустрија повеќе од 70 отсто работат лица помлади од 28 година“, нагласува првиот човек на НУК.

АКО ЕКСТРА ТРЕБА ДА СЕ ПЛАТИ, ЌЕ ИМА И ПОВИСОКИ ЦЕНИ

Од друга страна,потенцира Јосифовски, со забраната за работа на угостителските објекти во недела како да кажуваме дека нашата економија е толку силна, што наместо во недела да се поттикнува и поддржува домашниот туризам, ние ќе дојдеме до ситуација да го финансираме, поддржуваме и потикнуваме развојот на познатите туристички и шопинг центри и градови во соседните држави, затоа што кога ќе исчезне нашата викенд понуда, народот масовно ќе се ориентира кон дел од тие центри.

На нашето прашање дали угостителите се подготвени на решение во недела да се работи, но тој ден да му се даде двојно поголема дневница на работникот, Јосифовски нагласува дека и во моментов постојат правилници за награда и работа во неработни и празнични денови со кои угостителските работници ги остваруваат своите права.

„Доколку Министерството за труд и социјална политика донесе препораки или законска регулатива со која овие надоместоци ќе се зголемат двојно, верувам дека истите ќе придонесат угостителите што ќе одлучат да работат во недела, веројатно тоа ќе го прават со различни цени од оние во останатите денови“, вели Јосифовски. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ММФ: Maкедонија годинава ќе има економски раст од 2,7 отсто

ММФ: Maкедонија годинава ќе има економски раст од 2,7 отсто

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПОШТИ СЕ ЗАКАНИЈА СО ШТРАЈК: Доведени се во прашање повеќе од 2.000 работни места

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПОШТИ СЕ ЗАКАНИЈА СО ШТРАЈК: Доведени се во прашање повеќе од 2.000 работни места

ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА - како се плаќа и оданочува, и колку прекувремени часови смеете да имате

ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА - како се плаќа и оданочува, и колку прекувремени часови смеете да имате

Economic Watch: Германскиот добавувач на автомобилски делови со доверба продолжува со инвестициите во Кина

Economic Watch: Германскиот добавувач на автомобилски делови со доверба продолжува со инвестициите во Кина

„КОГА ИЗЛЕГОВ ОД ‚ЗДРАВЈЕ РАДОВО' ИМАВ ВО ЏЕБ ДВА ДО ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА“ - бизнисменот Јован Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„КОГА ИЗЛЕГОВ ОД ‚ЗДРАВЈЕ РАДОВО' ИМАВ ВО ЏЕБ ДВА ДО ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА“ - бизнисменот Јован Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ОВА ПРАШАЊЕ СОЗДАВА РАСКОЛ ВО ЕВРОПА: Кој е за, а кој против нуклеарната енергија?

ОВА ПРАШАЊЕ СОЗДАВА РАСКОЛ ВО ЕВРОПА: Кој е за, а кој против нуклеарната енергија?

Која транспортна фирма ќе ги израдува акционерите со 2,3 милиони евра дивиденда?

Која транспортна фирма ќе ги израдува акционерите со 2,3 милиони евра дивиденда?

ИНДИЈЦИ, НЕПАЛЦИ, ФИЛИПИНЦИ РАБОТАТ ВО ЗЕМJAВА: Дали газдите се задоволни од „увезената“ работна сила?

ИНДИЈЦИ, НЕПАЛЦИ, ФИЛИПИНЦИ РАБОТАТ ВО ЗЕМJAВА: Дали газдите се задоволни од „увезената“ работна сила?

ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА: Колку ќе заработи првиот приватен ветерен парк во Македонија?

ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА: Колку ќе заработи првиот приватен ветерен парк во Македонија?