Ќе порасне ли сивата економија: Бектеши „ги откачи“ пазарџиите-пазарите се празнат
Објавено во: Економија 16 Јануари, 2019
Пензиoнери, хонорарци и вработени лица повеќе не смеат да продаваат на пазарите . Ова станува јасно од новиот Закон за пазари кој почнува да прави хаос на пазарите ширум државата.
Дали ќе куртулат пазарџиите од лиценците засега не е познато.
Министерот за економија Крешник Бектеши „ги откачи“ и ги препрати чарето да го бараат кај пратениците кои го предложиле законот.
Негодување за овој закон неодамна побараа и од Стопанската комора од каде посочуваат на раст на сиваната економија и преполовување на прометот. Групацијата на пазари бара овој закон да се пролонгира бидејќи е на штета на пазарџиите кој согласно истиот треба да плаќаат годишна лиценца од 60 евра за тезга, а за дополнителна тезга плус 40 евра.
-Комората на трговци е подготвена и веќе издава лиценци.Законот е донесен согласно потребите и со согласност од претставници на сите пазари. Засега интересот е слаб и лиценци имаат побарано околу 50-тина пазарџии-информираше Екрем Долек, претседател на Комората на трговци на Македонија.
Во неколку градови ширум земјава се забележуваат празните тезги. Велес и Делчево останаа пусти а новиот закон ги избрка оние кои печалеа за парче леб.
-Еве веќе две саботи не излегуваме на пазар. Не смееме , страв ни е. Пазарот ми е единствена егзистенција, со сопругата сами се мачиме и работиме. Јас сум пензионер а таа оваа година ќе влезе во пензија. Но пензијата ми е мала не стасува, како да преживееме , како да им помогнеме на децата и внуците, со кои пари да платиме сметки. Тешко е , многу тешко. Надлежните не гледаат воопшто за обичните граѓани, секој си го гледа интересот-се жали дедо Митко од Делчево.
Повеќе купувачи отколку продавачи е сликата која ќе ја видите и на пазарот во Велес.
-Новиот Закон за трговија, ги избрка земјоделските производители од пазарите а велешкиот пазар кој има 115 тезги кои се нудат под закуп може да остане без 79 пазарџии кои најавиле дека ќе си заминат.