Ќе „пукне“ Владата на Ципрас поради Преспанскиот договор?
Објавено во: Балкан 03 Јануари, 2019
Партијата „Независни Грци“ се закани дека ќе излезе од Владата доколку се изгласа Преспанскиот договор.
Велат дека ова е многу важно национално прашање.
Заменик-министерката за одбрана на Грција, Марија Коља-Царуха, изјави дека претставниците на нејзината партија „Независни Грци“ ќе ја напуштат Владата доколку грчкиот Парламент го усвои договорот од Преспа, пренесува „Танјуг“.
Таа во интервју за радиото „Фокус ФМ“ рекла дека министрите од таа партија може ја напуштат Владата поради потегот на грчкиот премиер, Алексис Ципрас во врска со овој договор.
„Сакам да верувам дека ќе одлучи одново да го преиспита ова прашање, кое има големо политичко и национално значење“, изјави заменик-министерката.
Таа додала дека другата страна не се придржува до она што е договорено, истакнувајќи дека станува збор за прелиминарен договор меѓу двајца министри, но не и спогодба бидејќи, како што објаснила, документот сè уште не е ратификуван од парламентите на двете земји.
„Не сакав да се заклучи овој договор. Ние се најдовме во Влада со еден министер, Коѕијас, за кого верувавме дека ќе се ангажира за некои работи, но подоцна се појавиja различни елементи во договорот со кои не се согласуваме, генерално со терминот Македонија“, рекла Коља-Царуха.
За нејзиниот партиски колега и пратеник Танасис Папахристопулос, кој јавно изјави дека ќе го поддржи договорот со Македонија и ќе даде оставка од пратеничкото место, Коља-Царуха вели дека се вложени големи напори тој да го промени своето мислење, но безуспешно.