ЌЕ СЕ РЕШИ ХАОСОТ ВО АВТОБУСКИОТ ПРЕВОЗ? Дали приватните превозници ќе се вратат на линиите?
Објавено во: Македонија 28 Март, 2023
Откако градските власти и приватните превозници си подадоа рака и се договорија приватниците да учествуваат во повикот објавен од Град Скопје, вчера се одржа и отворање на пристигнатите понуди.
Превозниците аплицирале со три новорегистрирани фирми, за трите пакети линии за кои има потреба од дополнителен автобуски превоз.
Останува да видиме дали конечно ќе се реши автобускиот хаос во главниот град, кој со месеци ги измачува скопјани. За конечните одлуки ќе се знае за некоку дена, кога градот ќе одлучува по пристигнатите понуди.
Град Скопје бараше превозници за три пакети линии. Во првиот пакет се опфатени линиите со броевите „23“, „45“, „61“, „63“ и „73“, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76-мина возачи. Вториот пакет е за превоз на линиите „9“, „11“, „11а“, „12“, „47а“ и „55“. За овој пакет се потребни 39 автобуси и 83 возачи. Третиот пакет ги опфаќа линиите „19“, „20“, „22“, „52“ и „54“, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87-мина возачи.