19 Април, 2024
0.0295

Клубот го превртуваме наопаку, сега со телефоните таква атмосфера не е можна - Интервју со првиот македонски ДЏ

Објавено во: Македонија 18 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Имам пуштано музика за два живота, а нова музика знам и сега да откријам, вели во разговорот легендарниот македонски диџеј и радио водител Михаил Бошковски. Повеќе познат како ДЏ Мице, тој е првиот македонски диџеј кој ја забавувал скопската публика во годините по земјотресот од 1963 година кога се отвораат и првите скопски дискотеки.Тој сега ужива во пензионерските денови, но повремено на социјалните мрежи објавува приказни за значајни артисти, песни и композитори на светската музика. Со ДЏ Мице разговаравме за едни други времиња, како луѓето се забавувале во минатите декади, како се формира музичкиот вкус на публиката и младите генерации и како размислува еден диџеј додека ја "вози" публиката.

ДЏ Мице долго време сте во пензија, но тоа не ве спречува да сте активен на социјалните мрежи каде објавувате серија на текстови за музичките хитови од минатиот век. Како новите генерации и новата публика реагира на овој фактографски начин на претставување на музиката?

Бошковски: Да, веќе 17 години сум во пензија. По пензионирањето целосно се повлеков од обврските со музиката во радиото и дискотеките.  Само повремено на неколку наврати седнав на пулт  со истата страст што ја имав порано. Го правев тоа што сум го правел илјадници пати пред тоа. А се повлеков затоа што мислев дека ми е доста работа и затоа што сметав дека човек треба да знае кога да се повлече. Но, тоа не значи дека се откажав од музиката. Таа ме следела цел живот, ме следи и сега. Секојдневно слушам музика, компјутерот ми е најдобар другар кој ми овозможува да ја чујам која песна сакам. А на социјалните мрежи не сум баш многу активен. Најчесто сакам да се пошегувам со моите пријатели и да си размениме по некоја песна. А ова што го објавувам во последно време ми дојде како идеја затоа што тие материјали ги носам во себе со години и сакав на некој начин да ги споделам со оние што сакаат таква музика. Тоа се всушност приказни со многу податоци за некои песни, пејачи, настани, кои оставиле трага во светската музика. Возрасните, секако реагираат позитивно бидејќи тоа е музика на нивната младост. А младите мислам дека не реагираат, барем таков впечаток имам, бидејќи не ги интересира таква музика, тоа за нив е „де моде“. Јас сосема ги разбирам затоа што и  јас сум се однесувал исто така кога сум бил млад. И мене постарите ми велеле: „Како можеш да слушаш таква музика, па тоа не е музика, тие не знаат да пејат, само се дерат“. А јас упорно занесен по Битлси, Ролингстонси, Цепелини...

Фактор: Да ве вратиме малку наназад, на првата вистинска забава на која сте настапиле како ДЏ. Што помислувавте, дали луѓето навистина ќе се забавуваат и танцуваат, како ќе изреагираат. Што од тоа ве натера да се заљубите во правењето забави?

Бошковски: На првата забава не се баш сеќавам, тоа мора да е во Работнички дом, каде што проработе првото  диско во Скопје, неколку години по земјотресот. Имав многу плочи, од сите жанрови. Сите ги знаев напамет па затоа не ми беше тешко да ја забавувам публиката. Ние всушност сите сакавме слична музика. Ја држев атмосферата под контрола. Најважно беше да ги имаш песните кои се актуелни. Ако публиката не игра  како што им свириш, значи не е добар диск-џокејот.

Ви недостасува ли пуштањето музика пред публика, да го осетите пулсот на забавата, да го диригате расположението на тие кои се дојдени на журката?

Бошковски: Пуштањето музика не ми недостасува. Сум се изнапуштал плочи за два живота. Во Мусандра каде што работев од отворањето па во наредните 12-13 години секојдневно сум доживувал овации од воодушевување во вид на врискање после секој почеток на новата песна. Имаше моменти кога клубот се „вртеше наопаку“ на некои песни. Публиката сака песни кои ги знае и да ги пее додека танцува. Сега таква атмосфера не знам дали е можна, бидејќи сегашниве млади се преокупирани со телефоните.

Имавте бројни радио емисии и на некој начин го формиравте музичкиот вкус на повеќе генерации. Што мислите за денешниот однос на медиумите кон музиката, кон начинот на кој се формира музичката култура, и се создаваат трендовите?

Бошковски: Да, имав многу емисии на радио. Првата ми беше во 1967 год. Тоа е една година пред да почне да се емитува „Три гонга“. Тогашниот уредник на редакцијата Ѓоко Ѓеоргиев одлучи наместо емисијата „Клуб на дискофили“ што ја работев со тројца мој другари, во истиот термин да ја почне „Три гонга“, а мене ме ангажира за негов соработник во наредните 4 години и ми даде плус моја авторска емисија „Поп парада“. Паралелно работев на уште две емисии „Програма за млади“ и „Најмаксимално максимален топ-тен шоу“ што всушност беше топ листа од 10 песни според Радио Луксембург со 10-тина дена задоцнување. Тогаш имав се од музика. Добивав од Англија по 50-60 синглови и 10 албуми секој месец. Како излегуваа новитетите така секоја недела ги добивав. Медиумите се важна алка за формирањето на вкусот на публиката. Ако ги „бомбардирате“ со неквалитет таа ќе го прифати како квалитет. А за да го протнете вистинскиот квалитет треба малку повеќе време и умешност. Тоа време имаше малку медиуми и полесно се контролираа. Сега колку што имате публика толку имате и медиуми. Трката по профит никогаш не била на страната на квалитетот.

Сметате ли дека се случи еден застој во едукацијата на публиката преку медиумите, преку културните институции. Запре ли преносот на знаење и искуство од постарите генерации кон младите, зошто ни се случи таков дисконтинуитет?

Бошковски: Реков дека ги разбирам младите, знам што им се случува, знам и што ќе им се случи понатаму, бидејќи тоа веќе сум го видел и доживеал. Како ќе созреваат  така и ќе го сменат односот кон се па и кон музиката. Не ќе слушаат се и сешто како сега, туку ќе прават селекција и се повеќе ќе се насочуваат кон поквалитетна музика во која има и мелодија и емоција. Нема музика и воопшто уметност без емоција. А тоа што мислат дека светот и музиката почнува со нив, ќе им стане јасно кога ќе подостарат кога тогашните млади ќе размислуваат како што тие сега го прават истото.

Дали и денес имате потреба од откривање на нова музика, на нови изведувачи. На кој начин ја слушате сега музиката, што ве предизвикува и води низ пензионерските денови?

Бошковски: Сега има многу музика, секаде е присутна и многу лесно достапна. Невозможно е се да се следи се. Не се ни трудам бидеќи во голем процент не вреди да и се обрне внимание. Јас живеам со музиката од „моето“ време.Но, се радувам кога ќе откријам некоја нова песна што е по мој вкус. Тогаш веднаш ја преснимувам и ја складирам кај „добрите“ песни. А има такви, обично се таму каде што не се популарните.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите