Коѕијас утре ќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО
Објавено во: Балкан 24 Јуни, 2018
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас за денеска најави дека ќе ги потпише, а утре наутро ќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО, дека Грција нема да се противи за европска и евро-атлантска интеграција на Македонија, што е исполнување на нејзинот дел од обврските од Договорот за решавање на спорот за името.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас говорејќи пред новинарите на крајот од конференција на грчкиот остров Родос во петокот, потврди дека ја добил нотата од македонското МНР дека Договорот е ратификуван.
„Во мојата дипломатска канцеларија ги имаме од завчера подготвени писмата. Одбрав да ги потпишам самиот во Брисел во недела за во понеделник наутро да се достават до Европската унија и НАТО. Тоа се писма кои велат дека бев известен од другата страна за ратификацијата на Договорот во Собранието и дека врз основа на обврските и предусловите кои ги имам поставено, може да продолжат напред“- вели Коѕијас.
Тој објасни дека за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“, бидејќи, како што рече, има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.