Коѕијас на Твитер со стихови ја образложи оставката?
Објавено во: Балкан 17 Октомври, 2018
Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас кој поднесе оставка, а која премиерот, Алексис Ципрас, ја прифати, со краток твит денеска попладнево се обрати до јавноста.
Тој ги цитира зборовите на грчкиот поет, Дионис Кристијанопулос.
„Доаѓа моментот, како што вели поетот, кога мораш да одлучиш каде ќе одиш и кого ќе напуштиш. Работната група и повеќе министри ги донесоа своите одлуки вчера, а јас ја донесов својата. Како и да е, добро е да се потсетиме на стихот: Се обидоа да ме закопаат, но заборавија дека сум семе“, напиша Коѕијас.
Коѕијас даде оставка попладнево, ден откако имаше тензична дебата со министерот за одбрана, Панос Каменос за Преспанскиот договор.
Како што објави Катимерини, нивни извори потврдиле дека Коѕијас му ја врачил оставката на премиерот Алексис Ципрас откако одбил да го поддржи од нападите на Каменос.
Според истите извори, во вторникот Каменос го обвинил Коѕијас за злопутреба на фондовите и дека е човек на милијардерот, Џорџ Сорос.
Со Mинистерството за надворешни работи, од денеска ќе раководи грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Ројтерс вчера објави дека Ципрас веќе ги обезбедил неопходните 151 пратеник во Собранието, без воопшто да смета на поддршката на тврдиот Каменос.