Коѕијас со исцрпен брифинг кај Кумуцакос за спорот за името
Објавено во: Балкан 05 Април, 2018
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас имал исцрпен и долг брифинг со министерот за надворешни работи во сенка Јоргос Кумуцакос од опозициската Нова Демократија за напредокот во разговорите за решавање на спорот за името и што досега е договорено и постигнато меѓу двете земји.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, средбата што се одржа во грчкото МНР, беше затворена за медиумите, а Кумуцакос по завршувањето само кусо коментираше дека опширно разговарале. Меѓутоа не постојат информации за деталите и што точно си кажале Коѕијас и Кумуцакос.
– Имавме опширен разговор за кој ќе го известам претседателот на партијата – кусо рече одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, излегувајќи од грчкото МНР.
Со средбата со Кумуцакос, заврши циклусот брифирање на грчките партии од министерот за надворешни работи.
Никос Коѕијас, како што веќе објави МИА, во понеделникот се сретна со генералниот секретар на Комунистичката партија, Димитрис Куцубас и со лидерот на Река, Ставрос Теодоракис, во вторникот со првиот човек на Сојуз на централисти, Василис Левендис и со претседателката на Движење за промена, Фофи Генимата.
Откако претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис побара да биде избрифиран од премиерот, а не од министерот, со Никос Коѕијас се сретна одговорниот за надворешна политика во партијата.