Кој е Исмаил Хани, првиот палестински премиер и дали неговиот атентат е вовед во хаос на Блискиот Исток?
Објавено во: Свет 01 Август, 2024
Политичкиот лидер на „Хамас“, единствен избран премиер на Палестинците и главен преговарач за ослободување на израелските бегалци од актуелната војна во Газа, беше убиен во атентат во Терехан, главниот град на Иран. Хани во Техеран бил на церемонија на инаугурацијата на новиот ирански претседател Масуд Пезешкиан која се случи завчера. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хомнеи по атентато изјавил дека „осветата за убиството на Хани е должност на Техеран“. Аналитичарите се во консензус дека ова ќе значи нова и посилна ескалација на судирот Израел – Иран и дека нема ништо од ослободување на стотина Израелци кои „Хамас“ ги киднапираше пред 300 дена
Блискиот Исток е неминовно исправен пред можеби најголемиот предизвик од голема војна која под водсто на Иран може да ги обедини Сирија, Катар, Јемен и парамилитантните радикални групи од Палестина против Израел. Тригерот за многумина е атентатот на Исмаил Хани, за кој во светот постоеше консензус дека е политички лидер и клучен преговарач на милитантната организација Хамас. Во ова време и не мора, но не е на одмет да повториме дека бруталниот напад на „Хамас“ врз израелски цивили на 7 октомоври лани беше повод за најбруталната и досега најдолга војна на Израел против Палестинците. Теророт во кој Појасот Газа е срамнет со земја до денеска трае 300 дена и се убиени 40.000 лица од кои половина се малолетни деца.
Кој е Исмаил Хани? Прв и единствен демократски избран премиер на независна Плаестина
Хани е роден 1962 година во бегалскиот камп „Шати“ кој се наоѓа на периферијата на градот Газа во истоимената област. Неговите родители се бегалци од градот Асхлан сегашен Ашхелон по основањето на израелската држава во 1948 година.
Бил истакнат студентски активист на Исламскиот универзитет во градот Газа на кој студирал арапска книжевност. Како студент во 1983 година се приклучил кон здружението Исламски студентски блок – организација од која, според многумина познавачи на приликите, произлегол „Хамас“.
Во декември 1987 година за време на првата палестинска Интифада (востание против израелската окупација н.з) Хани бил еден од најистакнатите предводници на протестите кои стануваат насилни. Воедно тоа е и годината во која е основано палестинското движење Хамас во кое активно се приклучува и Хани.
Хани од израелската држава е затворан три пати, а најдолгата казна затвор ја издржувал 3 години по што е депортиран во Либан во 1992 година заедно со челниците на Хамас, Абдил Азиз Ал Рантиси и Махмуд Захара.
По потпишувањето на мировен договор меѓу Палестина и Израел познат под називот „Осло 1“ Хани се враќа од Либан во Појасот Газа. Тогаш е клучниот момент за неговиот политички подем затоа што станува човек од доверба на шеикот Ахмад Јасин, кој за многумина аналитичари на палестинското прашање е духовен водач и главен идеолог на Хамас. Откако Израел во 1997 година го пушта од затвор шеикот Јасин, Хани станува негов помошник и човек од највисока доверба.
Израелските сили го прогласиле Хани за врвна опасност по израелската безбедност заедно со шеикот Јасин. Хани преживеал поеќе од 20 атентати. По атентатот врз шеикот Јасин и убиството на идеологот Ал Рантиси Хани ја зголемува својата популарност меѓу палестинското население.
Палестинската власт предводена од Фатах (движењето чиј лидер долги години бил Јасер Арафат) во 2006 година ги организира првите слободни и демократски избори во независна Палестина. На тие избори радикалниот „Хамас“ извојува убедлива победа над умерениот Фатах. Дел од западните демократии клучни во актуелниот светски поредок никогаш не го признале „Хамас“ за победник на изборите. По победата на „Хамас“ токму Исмаил Хани станива прв и досега единствен премиер на државата Палестина (поточно палестинската самоуправа н.з.) која уште води битка за свое меѓународно признание.
Следува изразена поларизација на односите со Израел и западните демократии, употреба на насилство од двете страни, цивилни жртви, киднапирања по што западниот свет „Хамас“ го става на листата на терористички организации.
Откако Хамас ја превзеде власта Израел со помош на Египет физички ја изолира Газа и таков статус на „затвор на отворено“ овој појас има до сега, повеќе од 17 години.
Фатах предводен од Абаз до ден денеска е само номинална власт на Западниот брег и источен Ерусалем, кој дефакто е под опсада и воена управа на израелската армија.
Хани на окупираните територии станува илегален затоа што неговата глава е уценета и престојува најчесто во Катар, но повремено и во Турција. Од 2017 година од „Хамас“ бил назначен за политички лидер на организацијата и за главен дипломат.
Атентатот го затекна како главен преговарач во процесот на индиректни преговори со Израел за ослободување на живите цивили кои беа киднапирани во нападот на „Хамас“ врз Израел на 7 октомври лани.
Која слика на Исмаил Хани го смрзна целиот цивилизиран свет?
Во април годинава Хани престојувал во посета на болница во Катар каде престојувале ранети Палестинци. На видео запис на социјалните мрежи се гледа како за време на посетата еден член на неговото опкружување добива телефонски повик и го пушта соговорникот на интерфон. Тој на Хани му соопштува дека пред неполн час во напад на израелската армија биле убиени три негови синови и четири внучиња. Хани го ислушал рекол Бог да ги помилува и ја продолжил посетата на болницата.
По тој настан во едно интервју на прашање за убиството на синовите и внуците рекол „Сите наши луѓе и семејствата во Газа платија висока цена со крвта на нивните деца. Јас сум само еден од нив“.
Користени извори: https://edition.cnn.com/2024/07/31/middleeast/ismail-haniyeh-death-hamas-profile-intl-hnk/index.html
https://www.bbc.com/news/live/c4ng7g74xppt
https://apnews.com/live/hamas-haniyeh-iran-israel-live-updates
https://www.aljazeera.com/news/2024/7/31/life-of-defiance-ismail-haniyeh-hamas-political-boss-killed
Р.Ф.Фото: Принтскрин/Х