29 Март, 2024
0.0278

КОЈ ЌЕ ДОЈДЕ, КОЈ ЌЕ ОСТАНЕ, А КОЈ ЌЕ СЕ ЗБОГУВА – социјалдемократите во недела ги бираат своите раководни органи

Објавено во: Македонија 12 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Нови и надежни лица или добро познати и не баш свежи ликови. Кој се ќе ги заслужи највисоките позиции на владејачкиот Социјалдемократски сојуз ќе се знае многу бргу. Најголемата партија во власта, СДСМ, на Конгресот кој е закажан за недела, 16 мај, ќе ги избере своите раководни органи.

Дали претседателот Зоран Заев, чија лидерска позиција беше „зацементирана“ на претходниот Конгрес кој се одржа на 21 март, ќе има нов свој заменик во партијата, и доколку има, кој ќе седне на таа позиција, е прашањето на кое засега во СДСМ не сакаат многу да зборуваат, но тоа дефинитивно ќе се знае после неколку дена. Она што е извесно е дека долгогодишната заменичка Радмила Шекеринска со сигурност нема да се кандидира за втората по важност функција во СДСМ, бидејќи, како што и самата изјави во јавноста, ред е да им се даде простор на младите кадри.

Во недела ќе биде многу појасно и дали и колку потпретседатели ќе има партијата, со оглед што сега такви функции имаат четворица социјалдемократи, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири, Мила Царовска и Коста Петров.

Од СДСМ засега не сакаат многу да откриваат, освен дека Конгресот ќе се одржи онлајн, односноќе биде дигитален Конгрес, заради заштита од коронавирусот. Конгресот, како и сите досегашни, ќе има отворен и работен дел, но за повеќе детали, како што велат од партијата, јавноста навремено ќе биде информирана.  

Прво што треба да изгласаат околу 700 делегати на Конгресот, се членовите на Централниот одбор, всушност највисокиот орган на партијата меѓу два конгреса, каде се одлучува за сите битни партиски прашања кога не заседава Конгресот, како и членовите на Надзорниот одбор на партијата, орган што ја следи работата на другите органи во партијата.

Актуелниот состав на Централниот одбор на партијата брои 129 членови, а меѓу нив може да се сретнат имињата на речиси сите видни социјалдемократи, почнувајќи од лидерот Зоран Заев и заменичката Радмила Шекеринска, како и оние на Диме Велковски, Рената Дескоска, Александар Кирацовски, Фросина Ременски, Петре Шилегов, Миле Зечевиќ, Пеце Мирчевски, и многу други социјалдемократски имиња. Претседавач на Централниот одбор е Соња Карапец. 

Постапката за кандидатите за членови на Централниот одбор почнува од најниско ниво, односно од месните одбори на партијата, па завршува на општинско ниво, односно на т.н. општински конференции, на кои се утврдуваат кандидатите за членови на Централниот и Надзорниот одбор од таа општина.

Членови на Надзорниот одбор, пак, се Горан Сугарески, кој е претседател, како и Дарко Радески, Стефанија Стафила, Даниела Велковска, Петар Здравковски, Марјан Спасовски, Милена Трифковиќ, Мерита Мемети и Војислав Марјановиќ.

Сите што од општинските конференции ќе бидат предложени за членови на ЦО и НО, одат на Конгрес, и за нив делегатите ќе го кажат конечниот збор.

Исто така, партискиот статут дозволува и самокандидирање, а може и на самиот Конгрес некој од делегатите да се јави и да предложи одредено лице за член на ЦО или НО. Кандидати за овие органи може да предложи и Извршниот одбор на партијата. Но, од каде и да се дојдени предлозите, за тоа кој ќе членува во ЦО и НО ќе одлучи Конгресот и тоа со мнозинсатво, односно 50 отсто плус еден глас.

Едно од прашањата кое деновиве многу ја заинтригира јавноста е кој ќе дојде на местото на заменичката Шекеринска, и дали ќе продолжи да постои таа функција во партијата, откако самта таа најави дека нема да се кандидира.

„Заменик претседателот се бира на предлог на претседателот на партијата, односно лидерот Зоран Заев треба да му предложи на Конгресот заменик претседтел, а самиот Конгрес гласа дали ќе го прифати или не таквиот предлог, секако со мнозинство од делегатите“, објаснуваат од СДСМ.

Од партијата велат дека постојат и други опции, на пример, лидерот може да предложи веќе да ја нема таа позиција – заменик претседател, за што повторно ќе одлучува Конгресот.

Наши извори од СДСМ очекуваат дека тоа нема да се случи, односно дека партијата ќе продолжи да има заменик, но не се открива кој ќе биде предлогот на претседателот Заев. Предлогот за заменик не мора нужно да биде од редовите на новиот Централен одбор кој ќе се изгласа, односно, како што велат од партијата, лидерот може било кого да предложи за свој заменик, бидејќи во тој дел нема статутарни или било какви други ограничувања, но конечниот збор ќе го има Конгресот.

Истите извори велат дека повторно ќе има заменик претседател на партијата, исто како што сметаат дека повторно би било добро на оваа функција да се најде жена.

Затоа, пак, потпретседателите ќе се бираат од редовите на новиот Централен одбор, односно тие мора да се оттаму, бидејќи се всушност потпретседатели на Централниот одбор.

Во принцип, партискиот претседател ги предлага потпретседателите, но постојат статутарни определби дека и други можат да ги предложат,.

Лидерот Заев на Конгресот во март најави дека партијата, веќе од пролет нема да има повеќе од тројца потпретседатели. Дали ќе се смени комплетниот состав Спасовски, Зекири, Царовска и Петров, или, пак, дел ќе останат, а некој ќе мора да си замине, ќе се знае веќе в недела.

Централниот одбор треба да го избере и Извршниот одбор на партијата, тело кое е практично егзекутивен борд на партијата, односно тој е практично она што во јавноста е познато како партиско раководство и каде се носат клучните одлуки, кои подоцна најчесто се аминуваат на Централен одбор.

Во моментов членови на Извршниот одбор се министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, пораненешната министерка за правда Рената Дескоска, партискиот портпарол и пратеник Костадин Костадинов, Есра Салихи, поранешниот директор на Царина, Ѓоко Танасоски, Весна Гершан, Васко Талевски, Тања Стојановска Иванова, Фросина Ременски, Љатифа Шиковска, Стефан Богоев, Кети Василевска, Нина Велкова, Петре Шилегов, и Маринела Ојлеска.

Како што е познато, на 21 март Зоран Заев беше реизбран за претседател на СДСМ, на првите внатрепартиски непосредни избори, освојувајќи апсолутно мнозинство од сите членови. За Заев гласале 60.840 социјалдемократи со право на глас, 888 биле „против“ и имало 249 неважечки ливчиња. Право на глас имаа 68.999 членови на партијата кои го ажурираа своето членство а се гласаше на 237 места во 80 општини низ државата. Заев немаше противкандитат.

Нина Нинеска-Фиданоска



Можеби ќе ве интересира

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ДАЛИ БИ ГО ПОСЕТИЛА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА: Билјана Ванковска даде одговор

ДАЛИ БИ ГО ПОСЕТИЛА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА: Билјана Ванковска даде одговор