КОЈ ЌЕ ИЗГУБИ НАЈМНОГУ ВО ЦАРИНСКАТА ВОЈНА МЕЃУ ТРАМП И СВЕТОТ – како ќе се одразат овие даноци врз македонската економија

Објавено во: Економија 12 Февруари, 2025 08:03
Колкави штети може да предизвикаат царините кои ги воведе старо-новиот претседател на САД, Доналд Трамп е неизвесно, но сигурно е дека овие мерки ќе водат кон уште попроблематични периоди, кон нов раст на цените на засегнатите сектори, а може да се очекуваат и нови отпуштања на работници.
Домашните експерти за Фактор потенцираат дека враќањето на даноците од страна на САД, за бројни земји, меѓу кои и за производи од Европската унија ќе влијае и врз домашната економија.
- Уште Бенџамин Франклин во 18-тиот век рекол „Ниедна нација не била уништена со трговија.“ Ние живеевме во свет на глобализација, односно бевме сведоци на пропагирање и практична примена на слободната трговија, преку договорите за слободна трговија и другите повисоки форми на здружувања како царинска унија и заеднички пазар на европскиот континент. Тектонските промени кои се случуваат во последниве неколку години, особено настаните околу Руската инвазија врз Украина, а сега и најавите на Трамп за воведувањето царини се удар на глобализацијата – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Тој за Фактор укажува дека воведувањето царини од страна на САД кон Кина, како и контрамерките од Кина, имаат значајни импликации врз светската економија, бидејќи станува збор за двете најголеми светски економии. Петрески појаснува дека очекувано ваквите мерки предизвикуваат зголемена неизвесност, што може да доведе до значително намалување и наручување на тековите на глобалната трговија и удар врз глобалниот раст.
- Една важна одлика на глобализацијата се секако мултинационалните компании и нивното учество во глобалните синџири на снабдување. Протекционистичките политики, како што се царините, ќе ги нарушат глобалните синџири на снабдување (кои и онака беа афектирани од пандемискиот период), ќе ги зголемат трошоците за производство и може да предизвикаат инфлациски притисоци. Дополнително, веќе зборуваме за трговски војни, бидејќи реципрочни мерки се воведуваат инстантно. ЕУ рече дека тоа ќе го стори во рок од еден час!, што дополнително го комплицира глобалниот економски пејзаж – укажува Петрески.
Професорот објаснува дека со најавените царини од страна на САД кон Европската Унија, европската економија би можела да се соочи со значителни предизвици.
- ЕУ е значаен трговски партнер на САД, и воведувањето царини би можело да доведе до намалување на извозот на европски производи на американскиот пазар. Ова, пак, би можело да резултира со намалување на производството, зголемување на трошоците за потрошувачите и потенцијално губење работни места во засегнатите индустрии. Ако тоа го ставиме во контекст на грижата за недоволната конкурентност на ЕУ, како што кажа Драги во неговиот извештај, тогаш ефектите за ЕУ би можеле да бидат уште понеповолни – објаснува Петрески.
Но, секако клучно во целата приказна е што ќе се случува со македонската економија, и како овие мерки и контрамерки ќе влијаат врз нашата економија. Професорот вели од влијанието на овие потези не можеме да избегаме.
- Што се однесува до македонската економија, како земја со доминантна трговска размена со земјите од Унијата, воведувањето царини од страна на САД кон ЕУ индиректно ќе влијае и врз нас. Прво, намалувањето на економската активност во ЕУ ќе доведе до намалена побарувачка за македонски производи, особено во индустриите кои се ориентирани кон извоз. Второ, ние имаме значајна изложеност кон европскиот пазар и индиректно кон американскиот пазар преку компаниите кои работат во ТИРЗовите. Таму, веќе има и други неповолни трендови, релокација кон земјите од Северна Африка, па намалениот извоз од ЕУ кон САД се заканува да ја влоши таа состојба. Но, мерата во која нашите компании и нашата економија би биле засегнати од царините на Трамп кон ЕУ допрва треба да се испита и квантитативно да се процени. Она што досега е во јавниот дискурс е сепак во голема мера произволни очекувања – заклучува професор Петрески.
П.О.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
Можеби ќе ве интересира
Украинска телекомуникациска компанија излегува на Берза

ДИЗАЈНЕРОТ КОЈ ЗАРАБОТУВА 60 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ГОДИШНО - тој го тврди она што на многумина нема да им се допадне, а особено на жените

ДАЛИ НИТУ НАЈБЛИСКИТЕ ПОВЕЌЕ НЕ МУ ВЕРУВААТ - братот на Илон Маск продаде акции вредни речиси 30 милиони долари

ПЛАТИТЕ ВО ХРВАТСКА НИКОГАШ ПОВИСОКИ - но само една третина заработува повеќе од просекот

ЗЕМЈА КАДЕ РАБОТАТ МНОГУ МАКЕДОНЦИ: До 2030 година ќе им требаат половина милион работници

УШТЕ ЕДНА ЗЕМЈА ОД РЕГИОНОТ „УВЕЗУВА“ РАБОТНИЦИ: Им требаат градежници, заварувачи, бравари...

ДЗС ОБЈАВИ НОВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува просечната плата во земјава?
