Конкуренција по 12 години: Нова компанија во вториот пензиски столб
Објавено во: Економија 20 Март, 2019
Нова трета компанија доби дозвола да основа друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови. Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување - МАПАС соопшти дека дала дозвола на Заваровалница Триглав ДД Љубљана, Република Словенија.
Друштвото ќе има дозвола да собира пари и во задолжителниот втор пензиски столб но и во доброволниот односно третиот пензиски столб. Досега, а уште од времето кога се воведе двостолбниот пензиски систем пред повеќе од 12 години постоеја само две пензиски друштва кои управуваа со фонд во вториот столб - КБ Прво и НЛБ Нов Пензиски фонд кој на крајот на 2017 година беше продаден на словенечката компанија Сава Ре од кога стана Сава пензиско друштво.
Од МАПАС велат дека со овој чекор се потврдува стабилноста и сигурноста на пензискиот систем и претставува можност за поголема конкурентност и развој на пензискиот систем, како и повеќе можности за избор во интерес на членовите на пензиските фондови.