18 Април, 2024
0.0460

Консолидација и комасација на земјоделско земјиште

Објавено во: Колумни 29 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Општо е познато дека еден од најважните проблеми на македонското земјоделство е големата уситнетост на поседот и оддалеченост на неговите делови, бидејќи 91,8% од обработливите површини се сопственост на 180 илјади земјоделски производители,а само 8,2% се во владеење на земјоделски претпријатија и задруги чиј број изнесува 297. Ако ги споредиме големините на земјоделските стопанства и задруги од годината на осамостојување со 2016 година ќе констатираме огромни разлики. 

Имено во 1991 година едно земјоделско стопанство и задруга располагале со 967 ха  обработлива површина, а денес располагаат во просек со 143 ха. За оваа големина може да се постави прашање дали е оптимална, но и без анализи на структурата на обработливите површини може да се каже дека е релативно мала. Но да се вратиме на располагање на обработливата површина кај индивидуалните стопанства, која покрај малумерноста, (според  “Пописот на земјоделство”2007 год.) на парцелите, кои се расцепкани  на оделни делови од 636.911 броја.

Очигледно е дека за македонското земјоделство, во кусорочна и среднорочна перспектива ќе бидат карактеристични две крајности – ситно семејно стопанство определено за самозадоволување и крупно под форма на кооперативи, здруженија и закупувачи, кои поправилно обработуваат не своја туку закупена земја. Уситнувањето ќе продожи да се продлабочува како последица на делбите, купо-продажбата, подароци и други зделки со земјата. Интегрирањето (здружувањето), а потоа ниската платежна способност на македонците, претпоставува купување на мали парчиња земја што ќе делува во иста насока.

Решавањето на тие сложени проблеми свзани со располагањето и користењето на земјата, бара релативно големи финансиски средства. Освен тоа поседовните односи во земјоделството се столбот на земјоделството, бидејќи од нивното оптимално решавање и стабилност зависи  состојбата и развој на целото земјоделство. За да може Државата да спроведува јасна и доследна аграрна политика во однос на сопствените односи, треба да располага со коцептот за нивниот развој во кусорочен, среднорочен и долгорочен план.

Ограничување или запирање на уситнувањето и косолидација на  поседување на земјата

Потребно е државата да ги насочи силите во две основни насоки пред да започне со комосацијата – елиминирање на факторите и причините кои водат до натамошно уситнување на земјоделското земјиште и користење на сите средства и способности за консолидација на поседувањето и користењето на земјата, без да се фаворизира комосацијата. Веднаш треба да се прифатат промени во нормативните акти во насока да се ограничи натамошното уситнување на земјоделското земјиште. Јасно е дека на тие мерки ќе има спротивставување на сопственици. Тоа е меѓутоа неизбежно, ако  државата навистина е решена да го консолидира земјоделското земјиште. Очигледна е потребата од нова регулатива за наследување, подарување на земја, купопродажба и други мерки за земјоделското земјиште наспроти бескрајното уситнување. Во тој  однос, постапката на државата треба да биде аргументирана кон постепено доближување до големините, кои овозможува примена на современа техника и технологија и ефективно и конкурентно производство. Тие големини треба да бидат сообразени со различното ниво на интензивните и екстензивните реони на земјата. Некои методи на окрупнување:

На окрупнувањето на имотот државата може да влијае преку уредби, даноци и регулативи, а префрлање на земја, поделби, подароци, продажби и други манипулации со земјата. Окрупнувањето на земјата може да се постигне со соодветна даночна политика, која ќе да го стимулира ослободувањето на сопствениците од ситната сопственост.

Пазарот на земјоделското земјиште е друг механизам преку кој може да се постигне преструктурирање, рационализирање и окрупнување во земјоделството. Преструкруирањето на сопственоста преку пазарот на земјоделското земјиште треба да се стимулира, регулира и котролира од државата за достигнување на различни големини во земјоделството со помош на погодни економски инструменти и механизми во насока погодни за целото општество. Затоа е потребна соодветна кредитна политика. Државата да ги стимулира купувачите – земјоделски стопанства со долгорочни кредити со пониска камата и продолжен грејс период. Државата мора да  преземе определена одговорност, кога се поволни кредити во прашање како и други актуелни околности, да не доаѓа до продажба, некористење на земјоделското производство, да нема шпекулации со земјата, корупција, изнудување и друго. Во некои земји овие задачи ги преземаат специјално создадени институции. Во Грција и Холандија се формирани специјални земјоделски банки, во други земји агенции за земјата и друго.

Комасација и проблемите поврзани со неа. Комасацијата треба да се разгледува како еден од начините за постигнување на консолидација, но не изолирана од нив. Бидејќи е еден од најскапите и сложени економски проблеми не треба да се определиме за него како самоцел  , туку кога ќе се исцрпат другите можности  или најмалку тоа да се применува заедно со нив. Не треба да се заборави дека со консолидација не можат да се решат проблемите на уситнетоста на земјоделските поседи, нејзината малумерност и нејзината традиционална персонификација, туку само проблем со окрупнувањето на поседот на земјоделските стопанства. Пред да се елиминираат причините за уситнувањето и пред да се изврши предстојното глобално разместување на сопственоста, бесмислено е спроведувње на консолидацијата. Праксата на многу земји во тој однос покажува дека тоа е една многу скапа мерка и најчесто ефектите од неа се делумни. Во една земја членка на ЕУ со средно развиено земјоделство, консолидацијата на земјоделското земјиште започна со шестгодишно доброволно учество, потоа тоа стана задолжително за наводнуваните површини каде се изградени хидромелиоративни системи од  државата.

Оценките  од овој модел не се единствени но за секој случај, резултатите се доста скромни, а трошоците многу високи (Sarris 1997). Сето тоа налага сериозна и продлабочена припрема пред да се пристапи кон комасацијата за да не се повторат грешките  и слабостите кои се покажале во праксата, затоа треба подобро и продлабочено да се проучат искуствата на другите земји, кои го изминале тој пат. Правилно решавање на овој потфат, мора да започне со припреми на закон за комосација, а дејноста комосација треба да започне со изготвување на Програма на комосација. Во неа треба да се определат: целите, принципите, методите и пристапот  за нејзиното спроведување, потоа роковите и стапките на извршувањето и потребните средства. Пред да започне процесот на комасирање на земјата, потребни се сериозни подготовки. Да се спроведе процес на разјаснувачка кампања за предностите на комасацијата, која треба да ги мотивира сопствениците и корисниците на земјоделско земјиште од неопходната потреба за нејзиното спроведување. Комасацијата треба да се базира на добороволни основи. Важна подготовка претставува и припремата на различните видови специјалисти кои ќе бидат ангажирани со комасацијата.

Процесот на  комасацијата во Македонија започна доста скромно со поддршка на Холандија пред десетина години, а во 2017 година  МЗШВ најави сериозни активности во решавање на проблемите со земјишната уситнетост со сериозна поддршка на ФАО. Се надеваме дека долгите, сериозни и обемни подготовки ги направило Министерството, дека се проучени искуства на некои системи во земји со успешно спроведена консолидација и комасација.

Проф.Д-р. Борис Анакиев


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок