Познат бизнисмен ќе гради зграда-„чудовиште" до НИП „Нова Македонија“?
Објавено во: Економија 11 Февруари, 2025 07:50
Сопругата и двете ќерки на покојниот бизнисмен Бојо Андрески, како и нововлезениот претприемач Горјан Максимовски, преку фирмата Евро Принт се сопственици на земјиштето од 5.000 метри квадратни во строгиот центар на Скопје, на кое е предвидено да се гради огромна зграда од 100 метри височина, односно приземје и 25 ката.
Како што претходно објавија медиумите, парцелата е на местото каде што сега се наоѓа Европски универзитет, лоциран на улицата Свети Климент Охридски, во центарот на Скопје. Според посочениот ДУП, изработен од Друштвото за планирање проектирање и инженеринг „Тајфа план“ од Скопје, станува збор за објекти со Б4 намена, односно за деловни објекти, а според јавно достапните информации од Агенцијата за катастар на недвижности, земјиштето со површина од околу 5000 метри квадратни е во приватна сопственост на фирмата „Евро принт“ ДОО од Скопје.
Сопственици на „Евро Принт“ се Елица, Билјана и Александра Андрески, но од декември лани Максимовски станува косопственик со неговата градежна фирма ЕСС Пропертиес. Останува да се види дали во ова Максимовски видел добра можност за брза еднократна заработка преку изградба на габаритен објект во непосредна близина на зградата на НИП „Нова Македонија“.
Максимовски стана познат во јавноста откако во 2019 како косопственик на друштвото “Хемиски Инженеринг“ заедно со фирма партнер од ОАЕ купи дел од објектите и машините на „ОХИС“ за над 7 милиони евра во стечајната постапка. Максимовски, инаку сопственик на уште неколку други фирми во земјата, тогаш изјави дека неговите деловни активности главно се одвиваат во странство и дека одлучил да откупи објекти и опрема во ОХИС со цел да реализира одредени развојни планови.
Инаку дејноста на „Евро Принт“ е печатење на весници, во 2023 имала само еден вработен и приходи од околу 250.000 евра. Уделот на Максимовски во „Евро Принт“ сега е 32 отсто. Тој е еден од двајцата управители на друштвото. Инаку неговата ЕСС Пропертиес се води како градежна фирма формирана во 2019, но во 2023 имала приходи од само 10.000 евра.
Од Општина Центар претходно за „Слободен Печат“ потврдија дека постојниот Детален урбанистички план предвидува изградба на две згради од по 25 и 10 ката една до друга на овој простор, но дека одобрение за градење сѐ уште не е издадено и дека не знаат кој ќе биде инвеститор. Граѓани информирале дека веќе се иселуваат закупците што држат канцеларии или простори за друга намена во подрумските простори на Универзитетот, а меѓудругото има коментар од општината дека Деталниот урбанистички план е променет од 2012 година.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Гоце Димовски:„Аптив“ ќе зи замине од Македонија, но ќе треба да врати пари од државна помош
Компанијата dm drogerie markt забележа уште една успешна деловна година со стабилен раст, вложувања и иновации на домашниот пазар
Дебата во Собранието за оданочување на пратките од „Тему“ и „Али Експрес“
Дали унгарскиот нафтен гигант MOL е најблиску до купување на акциите на НИС
„СЀ ПОВЕЌЕ СЕ ТОНЕ ВО ДОЛГОВИ“: Левица обвинува дека новиот буџет носи сиромаштија и безнадежност
„ЉУПЧО, ТИ ТЕКНУВА КОГА ВРВНО ДОСТИГНУВАЊЕ ТИ БЕШЕ БРОЕЊЕ НА ИСПИЕНИ ЧАШИ ВОДА?“ Трипуновски му возврати на Николовски
„ТРИПУНОВСКИ ВИДНО НЕРВОЗЕН ИЗЛЕЗЕ НА ТЕЛЕВИЗИЈА“: Николовски бара негова оставка
„КАКВИ ДОМАЌИНИ СЕ ОПШТИНИТЕ?“: еве на кои наплатата на даноците им е јака, а на кои слаба страна
Европскиот парламент денес одлучува за судбината на Балканот: Се менува уредбата за трговските односи





