Косово со санкции кон Србија - што вели ЕУ за ова?
Објавено во: Балкан 06 Ноември, 2018
Соседно Косово ги зголеми таксите за увоз на производи од Србија.
Владата во Приштина денеска на седница донесе одлука да воведе дополнителни 10 отсто на таксите за производите кои се увезуваат од Србија. Ова го соопшти косовскиот премиер Рамуш Харадинај и додаде дека од денеска, па натаму во Косово ќе се донесуваат одлуки во врска со однесувањето на Србија без за нив да се расправа во Брисел.
„Дел од ЕУ смета дека се треба да оди на маса со Србија, и за либерализацијата на визите и за војската мислат дека треба да се стават на маса, меѓутоа Србија има непријателски однос. А, кон земјите кои имаат непријателско однесување следуваат санкции. И ние така ќе дејствуваме. Процесите ќе се драматизираат, но измени на косовскиот Устав нема да има“, вели Харадинај.
Рече дека тие не бараат милост, туку партнерство.Австрискиот канцелар, Себастијан Курц денеска во Приштина изјави дека Виена го поддржува секој мировен договор кој би го поддржале Србија и Косово, не исклучувајќи ги опциите за менување на границите. Тој не го криеше својот скептицизам во врска со формирањето на косовската армија и визната либерализација. Косовскиот претседател Хашим Тачи вели дека дијалогот со Србија треба да продолжи додека не се постигне сеопфатен договор кој, според него, ќе донесе меѓусебно признавање и членство на Косово во Обединетите нации.
Европската унија побара од косовските власти итно да ја објаснат одлуката за зголемување на даноците од 10 отсто за увозни стоки од Србија и од БиХ и очекува Приштина тие мерки да ги прекине.