Косово веќе не го користи српскиот телефонски код
Објавено во: Балкан 24 Март, 2018
Косово по подолго време на лобирање и правни процедури конечно ќе престане да го користи српскиот телефонски меѓународен код +381 и сега ќе примени сопствен код за повикување на косовски телефонски броеви од странство.
Државната компанија „Телеком на Косово“ соопшти дека прекинува со користење на меѓународниот код на Србија за фиксните телефонски повици и дека од сега во употреба ќе биде само новиот косовски код со цифрите +383.
Косово досега за телефонски повици од странство ги користеше меѓународните кодови на Србија (+381), на Монако (+377) и на Словенија (+386). Со новата одлука, за сите повици од странство на фиксната или мобилната телефонија ќе се користи кодот +383.
Одлуката за доделување посебен косовски меѓународен телефонски код е донесена пред две години, откако Србија се согласи Приштина да добие сопствен код, иако не ја признава независноста на Косово и и натаму официјално го смета за дел од својата територија.