Кривична пријава против лица кои ограбуваа продавници за оружје
Објавено во: Македонија 18 Март, 2018
Кривична пријава против Б.З. (27) за тешка кражба, и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи, како и за А.Ј. (23) и А.Б. (25) за истите дела, поднесе Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство. Пријава за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи е поднесена и против Б.Ј. (57) од Скопје.
Со стореното дело осомничените се здобиле со противправна имотна корист од околу 4.800.000 денари.
Според информациите од МВР, тие првата кражба ја извршиле во периодот меѓу 11.11.2017 и 13.11.2017 година во продавница за ловна опрема и пиротехнички материјали лоцирана на улицата Васил Ѓоргов во Капиштец. Од таму одзеле 52 пиштоли и револвери од разни марки и калибри, како и три гасни пиштоли.
Втората кражба Б.З. ја извршил заедно со А.Ј. и А.Б. на 09.12.2017 година во продавница за оружје и пиротехнички материјали лоцирана на улица Кеј 13 Ноември, од каде украле 19 пиштоли од разни марки, девет пушки од разни марки, од кои пет ловечки, три малокалибарски и една воздушна пушка. По кражбата осомничените со автомобилот „Ауди караван“, управуван од А.Б. го напуштиле местото на настанот.
По претходно добиена судска наредба извршен е претрес на дом и други простории кај пријавените лица, при што кај А.Ј. и Б.Ј. е пронајдена поголема количина на оружје и муниција, а оружје било откриено и во угостителски објект, сопственост на А.Ј.