КРИЗА ИЛИ НЕ, ПАРИТЕ СЕ НАЈСИГУРНИ ВО БАНКА - во мај раст на штедењето и кредитирањето
Објавено во: Финансии 19 Јуни, 2020
И покрај корона кризата, граѓаните во мај не престанале ниту да штедат во банка, ниту да се задолжуваат.
Народна банка соопшти за раст на депозитите и кредитите.
„Во мај вкупните депозити продолжија да растат на месечна основа. Годишната стапка на раст изнесува 7,8 отсто, при поголем раст на депозитите на домаќинствата. Вкупните кредити продолжија да растат на месечна основа. Годишниот раст на вкупните кредити од 5,9 отсто се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства“, се вели во соопштението од централната банка.
Оттаму нагласуваат дека на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор и на секторот „домаќинства“ се зголемени за 9,8 и 8,2 отсто, соодветно. На годишна основа, кредитирањето на корпоративниот сектор бележи раст од 3,3 проценти. Вкупните кредити на домаќинствата забележаа годишен раст од 8,6 проценти, се вели во соопштението од Народна банка на Македонија.