КРИЗА ВО БЕЛОРУСИЈА: Светлана Тихановскаја избега во Литванија
Објавено во: Свет 11 Август, 2020
37-годишната поранешна наставничка по англиски јазик, oпозициска кандидатка за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја, која го обвинува за изборен фалсификат, Александар Лукашенко кој по 6-ти пат стана претседател на Белорусија, побегна во Литванија.
„Сама ја донесов одлуката…и знам дека многумина ќе ме осудат, ќе ме мразат“, изјави Тихановскаја.
Таа е без претходно политичко искуство, а влезе во трката откако нејзиниот сопруг, опозициски блогер, кој се надеваше дека ќе се кандидира за претседател, беше уапсен во мај. Сега, вели дека никој, ниту тој не и влијаел на одлуката да ја напушти земјата. Ова се случува во време на тензии во Белорусија. Втора вечер по ред, полицијата ги растера демонстрантите кои протестираа против изборната победа на Лукашенко, кој е на власт од 1994 година.
Земјата се соочи со крвави протести. Граѓаните се сомневаат во изборна измама.
Има стотици повредени, а луѓето велат дека не е важно како гласаат, туку кој ги брои гласовите.
Германскиот министер за надворешни работи Хajко Мас побара од Белорусија веднаш да ги ослободи уапсените демонстранти и новинари. Мас рече дека тие мирно протестирале користејќи ги своите демократски права.
фото Ројтерс