Кризата со Катар може да го „спушти на земја“ Qatar Airways
Објавено во: Свет 08 Јуни, 2017
По избувнатата криза на Блискиот Исток, поради која веќе осум држави (Саудиска Арабија, Бахреин, Египет, ОАЕ, Јемен, Либија, Малдиви и Мавританија) ги прекинаа дипломатските односи со Катар следеше дури затворање на граници.
Токму овие околности ја ставаат под огромно прашање работата на една од најпознатите авионски компании во светот - Qatar Airways. Причината - Катар е опкружен од сите страна на воздушниот простор на држави кои ги прекинаа дипломатските врски со емиратот. Станува збор за Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, кои веќе им воведоа забрана на авиони на Катар ервејс да се приземјуваат на нивна територија.
Проблемот е што ќе се случи, ако воопшто биде наложена забрана на Qatar Airways да навлегува во воздушниот простор на овие три држави. Всушност, Бахреин и ОАЕ се дел од Меѓународниот транзитен договор според кој не може да се наметне забрана на граѓански летови да прелетуваат во воздушниот простор на земјата, ако таа го потпишала договорот и ако граѓанскиот лет е од друга држава што го потпишала договорот. Саудиска Арабија не е дел од транзит договорот и веќе го затвори воздушниот простор за Qatar Airways.
Всушност, Qatar Airways има повеќе летови до Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Египет отколку авиолинии од овие четири држави кон Катар.