Кровови од згради се разлетаа низ Скопје, Шилегов вели дека веднаш ќе бидат собрани
Објавено во: Македонија 27 Февруари, 2020
Паднати дрвја, превртени контејнери и разлетани кровови од згради и други објекти, како и полициски контроли кои го пренасочуваа сообраќајот беше сликата од синоќешното невреме предизвикано од силниот ветар што го погоди Скопје.
Паднати лимови имаше на секаде, особено по најпрометните улици и булевари, а измерената брзина на ветерот беше поголема од 70 километри на час. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов ги повика граѓаните да внимаваат на себе и порача дека градските служби веднаш започнале со собирањето на паднатите лимови.
„Екипите се веќе излезени на терен и започнавме со отстранување на одлетаните кровови и паднатите дрва. Ве замолувам, секој поединечно, да внимава пред се’ за својата лична безбедност, но и безбедноста на другите луѓе и имоти. Состојбата се следи и се превземаат соодветни мерки“, објави Шилегов.