28 Март, 2024
0.1492

Курдите ги мешаат картите на големите играчи

Објавено во: Колумни 29 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Доцна синоќа  во Анкара претседателите Реџеп Таип Ердоган и неговиот гостин од Русија Владимир Путин заседаваа, а во понеделникот неделава имаа и телефонски разговор. Што беше толку се случило, па двајцата претседатели да мораат да седнат еден спроти друг? Во најавата на посетата во Москва главен акцент беше даден на ситуацијата во Сирија и меѓусебната соработка на Турција и Русија. Но како што се виде по средбата во четири очи, обајцата разговарале и за уште едно битно прашање. Курдското.

Референдумот за независност на Курдите од Ирачки Курдистан како да им ги измеша картите на двата големи играчи на Блискиот Исток. На прагот на победата над силите на Исламската држава во Ирак и Сирија, сега се отвора ново спорно прашање, кое може да доведе до нови судири во Сирија и Ирак. Но овој пат противник нема да биде ИД, туку воените сили на Турција и на Сирија  против таканаречените „пешмерги“-вооружени сили на Курдите.

Ердоган, по средбата со Путин, на новинарите им изјави:„ Денеска ги разгледавме Сирија и Ирак. Се совпаднавме вo мислењето дека треба да се сочува територијалната целосност и на Ирак и на Сирија. Референдумот не е законит“. И додека за Сирија работите треба да се појасни, тоа не може да се каже и за Курдите. Рускиот претседател е дури оптимист за Сирија. Според него создавањето на „зони за ескалација“ е вовед за прекратување на војната во таа земја. „Создадени се неопходни услови за прекинување на братоубиствената војна  во Сирија, за конечно уништување на терористите и враќање на Сиријците кон мирниот живот и кон своите родни огништа“, смета Путин. Убаво би било да е до крај така. Но, разурнатите домови и инфраструктурата од страшните бомбардирања во изминативе години плачат за обновување или нова изградба, па дури потоа во нив да можат да се вратат Сиријците во мирниот живот.

А за такво нешто ќе требаат пари, многу работа и време. А парите се на теренот, работата е во рацете на вооружените сили и време има се помалку. Теренот се богатите наоѓалишта со нафта кон кои денес итаат силите на Сириската армија, но и силите поддржувани од Американците, а во кои влегуваат „умерената“ опозиција и неизбежните „пешмерги“. Сириската армија деновиве беше зафатена со ослободувањето на градот Деиз аз Зор, но наместо тоа го преплови Еуфрат и тргна кон пустинските делови кои се богати со нафта. Слично се однесуваат и силите на американската коалиција. И тие ја оставаат Рака и заминуваат кон нафтените извори. Во нив главни се курдските борци. Прашање на време е кога ќе ги прогонат силите на ИД од таму. Но очигледно е дека останува се помалку време, а никој не може да гарантира дека нема да дојде до судир меѓу Сиријците под чадорот на САД и оние поддржани од Русите. Но и Турците кои жестоко се заканија дека ќе одговорат на референдумот-дури и со оружје.

Американците традиционално ги поддржуваат Курдите. Но и Русите не се ништо помали поддржувачи. Во Русија има голема курдска дијаспора уште од 19. век. Односот на САД кон последниот референдум на Курдите во Ирак беше исклучителен. Американците се противат на било каква незвисност на Курдите во Ирак. Русите пак малку се понедиректни. За нив е најважно да се одбегнува се’ што може да го дестабилизира и да усложни регионот, кој и онака е преоптоварен со конфликтни ситуации. Истовремено повикуваат на внатрешен дијалог и го поддржуваат Ирак цел и суверен. Од друга страна за лидерот на Курдите, Масуд Барзани се вели дека е нелигитимен на чело на ирачки Курдистан, а целата работа со референдумот ја прави да се покаже голем патриот, бидејќи наскоро ќе треба да се одржат избори во курдската автономија. Или, пак, за здобивање со пододбра позиција во преговорите со легалната ирачка влада. Како и да е сето ова навестува интересна разврска на ова прашање кое може да стане актуелно во иднина на просторот на Блискиот исток.

Путин и Ердоган годинава се сретнуваат седум пати, а Ердоган најави нивна средба во Турција одново во март-април идната година. Што ќе се случува до тогаш на теренот, на кој има народи без држави, и држави без народ? Нема место за голем оптимизам. Се зависи од големите играчи. Турција не смее да дозволи независен Курдистан, ниту во Ирак, ниту во Сирија. Зашто следнијот чекор ќе биде битка за независност на Курдите во Турција со опасност од здружување на сите Курди во една држава. Русите по секоја цена сакаат да ја заджат целосноста на Сирија, со сегашниот нејзин претседател, Асад, кој ќе им биде гарант за нивното присуство во регионот не само политички. А Американците конечно ќе мора да се изјаснат кого поддржуваат. И ним не им се дава тој дел од светот да падне под руско или друго влијание. Па затоа ќе продолжат да го дестабилизираат се до оној момент кога ќе бидат сигурни дека работите одат во нивна полза.

Сето ова е многу познато, особено нам од овие простори. Еднаш направениот преседан за некого ќе претставува правило. Па ќе имаме референдуми за независност, како овој во Курдистан во многу делови на светот. Тоа прашање е болно и ќе биде болно за многу народи без држави и држави без народ. Но не и за големите играчи. 

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?