25 Април, 2024
0.0271

Курто од петни жили се обидува да се качи, ама никако да му успее

Објавено во: Колумни 26 Февруари, 2018

Добивај вести на Viber

Неспорно е дека голем број од граѓаните на Република Македонија, имаа големи очекувања од новата влада, но за жал од силно најавуваниот живот за сите имаме се поголеми секојдневни разочарувања. За многу кусо време граѓаните се осведочија дека големите и гласни критичари на претходниот режим, кои ветуваа брзи промени, ветуваа живот сега, особено во водењето на внатрешните политики, не само што ништо не променија, туку самите се заплеткаа во сопствената неспособност да се носат и да изменаџираат обични ординарни работи, што создава апатија до степен граѓаните да се прашуваат дали воопшто имаме политичка елита која ќе може работите да ги постави на свое место.

Пред неколку дена, после четири враќања со изговор дека изводот од матичната книга за родени се уште не е готов (по поминати 20 работни денови) по пети пат се појавив на шалтерот. Пред мене имаше жена која чекаше ред, а службеникот од таа страна на шалтерот го немаше. После десетина минути конечно се појави господинот и на госпоѓата и кажа дека изводот не и е готов, и треба да помине наредната недела?! Госпоѓата со насолзени очи се обиде да објасни дека изводот и е потребен да го однесе сопственото дете на операција во Турција, замолувајќи изводот да го добие до крајот на неделата, бидејќи операцијата веќе е закажана за наредната среда, а парите за тоа се уплатени. Службеникот згрчи раменици и онака безчувствително и повтори, не можам ништо да сторам, дојдете наредната недела.

Морав да интервенирам, прашав дали тој има некој раководител со кој би можело да се разговара за случајот, одговорот беше дека нема таков, немаме ни директор, ниту имаме земено плата?! Тогаш прашав дали има некој човек тука во службата што од мајка е роден?! Добив одговор што ме олади - нема таков. Жената со солзи во очи си замина, велејќи дека ќе дојде и утре.

Дојдов и јас на ред, го предадов ливчето со мојот број, службеникот ги пребара готовите изводи, не го најде таму, погледна од кога е поднесено барањето, виде дека се поминати повеќе од дваесет работни денови и замоли да причекам за да провери каде е проблемот. Чекав десетина минути, кога се врати, ми го подаде ливчето и ми рече дека изводот не е готов, дојдете наредната недела, исто како и на госпоѓата пред мене?! Не можев да се воздржам, простете господине, му реков, јас не аплицирам ниту за членство во НАТО, ниту за членство во ЕУ, мене итно ми е потребен Извод од матична книга на родените за да можам да закажам регистрација на ќерка ми, ако ги броиме и деновите од викендот, излегува дека чекам цел месец за нешто што треба веднаш или за ден, два да го добијам. Службеникот ме погледна и онака без чувство на непријатност ми одговори дека од горе така му е кажано. Е драги мои, што да се заклучи, ако за еден обичен извод треба да појдете и некому раче да му баците и се што оди со тоа, што се треба да сторите за се останато?!

Дома пуштам вести, секојдневно исто па исто, се вели дека се прават анализи, но и после повеќе од половина година не се знае бројот на административците, ниту бројот на оние што седат дома а на крајот од месецот примаат полна плата; се промовираат кое какви стратегии; ветувања дека се ќе се среди, дека е завртен друг лист во нашата историја; готова е работата со приемот во НАТО; дека проблемот со Грција до јули ќе се реши; дека ќе се деблокираат процесите за отпочнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ; дека тие претходните правеле криминал, што е факт, но позицијата никако да го докаже тоа; ги подобривме односите со сите земји од опкружувањето; дека само што не сме го средиле судсвото (а патем оние од кои најмногу се очекуваше да ги креираат тие процеси, си поднесоа отставки) и што уште не, фалби од дома, пофалби од надвор, од сите страни.

Меѓутоа, се заборава тоа што е најсуштествено, ние сме граѓани на Република Македонија, живееме сега и тука, во држава која има обврска пред се ефикасно да одговори и да ги реши секојдневните, ординарни потреби на своите граѓани. Факт е дека државата има гломазна и инертна администрација, како што рече службеникот од матично, во која "нема човек од мајка роден", а нашите политичари запнале од петни жили да ги убедуваат авторитетите од НАТО и ЕУ, дека сме зрели да бидеме дел од нивното семејство?! Најнапред примете не, а потоа ќе се завртиме и сите наши внатрешни проблеми преку ноќ ќе ги решиме.

За таков крупен чекор, драга господо од сите власти и од сите нивоа, најнапред треба на дело да покажете дека сте кадарни да се носите со обврските пред се кон сопствените граѓани, а дури потоа да одете во белосветските метрополи и да ги убедете тамошните авторитети дека може да не прикачат како приврзок во големото семејство, но до тогаш, наместо прошетки по белиот свет и барање трпение од сопствените граѓани, треба да се завртете кон сопственото буниште, ќе има да видите многу нешта, од корупција на сите нивоа на власта, непотизам, мегаломанија, нихилизам, незнаење, нестручност, нечовечност и секако, некадарност да решите прашања што дури глупаво е да кажете дека се проблем, како што е вадењето извод од која било матична книга, дури и во случаите кога се работи за итни и сензитивни случаи. 

Функционерската фотеља не смее да биде удобна се додека не се разрешат домашните задачи, ординарни, сложени, посложени, најсложени...удобноста во неа треба да дојде потоа или дури ни тогаш. Надвор може и да ве сакаат, да ве тапкаат по рамо, да ве прогласуваат за нечии херои, но се додека граѓаните стварно не го почувствуваат ветениот живот, тука и сега, верувајте не сте направиле ништо квалитетно за граѓаните на чиј грб вие живеете! Едноставно заклучокот ќе биде - се симна Мурто, а Курто од петни жили се обидува да се качи, ама никако да му успее!

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД