Лајен: ЕУ да ја ограничи цената на гасот и да ја заштити инфраструктурата
Објавено во: Свет 05 Октомври, 2022
Европската унија
треба да воведе привремена горна линија на цените на природниот гас и да ја
зајакне заштитата на виталната инфраструктура, изјави денеска претседателката
на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
Воведувањето ограничувања на гасот во целина е привремено решение, додека не развиеме нов индекс на цени на ЕУ, кој ќе обезбеди подобро функционирање на пазарот, а Комисијата веќе почна да работи на тоа, рече претседателката на ЕК во Европскиот парламент, пренесува Ројтерс.
Таа наведе дека во своето писмо до лидерите на ЕУ, кои од четврток се состануваат во Прага, предложила Унијата да воспостави заеднички систем за купување енергетски производи.
Фон дер Лајен нагласи дека земјите од Европската унија треба да ја зајакнат заштитата на нивната витална инфраструктура со спроведување на стрес-тестови и користење на сателитски надзор за откривање на потенцијални закани.
Саботажата на гасоводот Северен тек покажа колку е ранлива нашата енергетска инфраструктура. Во интерес на сите Европејци е подобро да се заштити оваа витална инфраструктура, рече претседателката на ЕК во своето обраќање пред пратениците.
Фото: МИА