29 Март, 2024
0.0310

Љупчо Ристовски: Ургентна е потребата од сериозен пристап кон Извештајот и препораките на Прибе

Објавено во: Македонија 05 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Предизвиците пред новиот премиер и новиот состав на владата се огромни. Од една страна притисокот врз нив ќе биде поради се́ уште ниското ниво на доверба во меѓусебните односи внатре во коалицијата и се́ уште високото ниво на притисок по етноцентристичка линија од коалиционите партнери во владата од албанската етничка заедница, а врзано за очекувањата и ектремизмите по линија на т.н. Тиранска платформа- вели за Фактор, д-р Љупчо Ристовски- претседател на Институтот  за доблесна и вредносна политика ИНТЕГРА.

Очекувањата на јавноста се превисоки, надежите за брзопотезни реформски чекори кои ќе ја променат општата клима во општеството на краток рок вели исто така  се сериозно нараснати, па затоа   смета дека ќе има  дополнителен притисок врз новиот владин состав.

“Постоење притисок по линија на непостоење на идеолошка кохезивна врска која би била гаранција за одржливост на новите релации во парламентарното мнозинство. Секако во овој контекст треба да се земе предвид и фактот што главниот промотор на новата владина коалиција беше странскиот фактор.Но, како и во се́ друго во животот, така и во политиката не смее да постојат нерешливи ситуации и не смее да се дозволи да се остане во зоната на дефетизам, уште помалку во зоната на прокрастинација или постојано одложување на реформските резови кои се нужни во оваа фаза. Оттука, сосема ургентна е потребата од сериозен пристап кон Извештајот и препораките на Прибе” – потенцира Ристовски. 

Неговата проценка е дека во овој сегмент, извонреден политички потег би било кога премиерот веднаш, на една од првите седница на Владата во новиот состав да предложи формирање на Национална Комисија за итни реформски приоритети, под покровителство на премиерот лично, но составот на истата да не е нужно ограничен на владините министри и функционери, туку да се анимира што поголем и поразнолик состав од експертската јавност, интелектуалниот дел на нацијата и докажани успешни луѓе во различни области. 

“Ваквото владино тело би имало за задача веднаш, ургентно да пристапи кон дефинирање на итните реформски цели и стратешки приоритети, како и кон итна подготовка на акциски планови со прецизни рокови и обврски по носители на активности”- додава Ристовски. 

 Во меѓувреме истекува првиот рок во кој СЈО може да поднесе обвинениja поврзани со предметите кои ги доби од скопското обвинителство. Ова обвинителство  презеде повеќе од триесетина предмети, а воспостави надлежност над 34 предмети но до сега има поднесено само три обвиненија. Расветлувањето на како што вели Ристовски, генерацискиот срам нанесен врз нацијата и државата со масовното нелегално прислушкување мора да добие сериозна и доверлива разрешница. 

“Довербата во институциите е важна работа. Оттука, СЈО ќе мора да ја промени или можеби иновира досегашната методологија на работа, да внесе повеќе транспарентност во начинот како ги истражува индициите за евентуално сторени кривични дела поврзано со прислушкуваните разговори. Ќе мора да се отстрани впечатокот кај еден дел од јавноста, независно дали е тоа опозициски настороениот дел или не, дека се применува т.н. селективна правда. Ваквиот впечаток остава сомнеж дека новата власт во ништо не е различна од претходните. Очекувам СЈО да продолжи со своите активности до истекот на крајниот рок од 5 години. Оттука, апелирам до СЈО да преземат чекори на промена во пристапот на активностите кои се од историска важност и да го оправдаат високото ниво на доверба од страна на јавноста во Република Македонија. Доколку продолжат со досегашниот интензитет на започнати истраги и поднесени обвиненија, високите надежи и очекувања на јавноста ќе им се вратат како бумеранг за кратко време”- оценува првиот човек на Институтот “Интегра”.  

Парламентарното мнозинство како што вели  докторот  по политички науки и теологија -Ристовски веројатно ќе изврши и смена на Јавниот обвинител на Република Македонија и согласно таа измена, сите нови истражни постапки и евентуалните нови обвиненија, кои се резултат на индициите од прислушкуваните разговори, ќе бидат преземени од новиот Јавен обвинител. 

“Соработката помеѓу овие обвинителски институции ќе влезе во фаза на нормализирање и тесна соработка. Веројатно, проблемите со судската власт и понатаму ќе бидат една од пречките на патот, поради фактот што таму се тешко остварливи промените во составот на Републичкиот судски совет, оттаму и промените на првите луѓе на судовите, освен ако не се оди по пат на притисок врз судските првенци и изнудување на оставки за евентуално утврдени законски неправилности и несовесност при вршење на нивните функции.Крајната цел која треба да се постигне со овие обвинителско-судски механизми на државата е санирање на последиците од флагрантниот упад во приватноста на македонските граѓани, враќање на довербата во институциите на системот и конечно жигосување и блокирање на секоја можност за идна злоупотреба на дискрециони права во овој сегмент на општеството, но и на секоја идна можност за злоупотреба од позиција на власт и моќ во општеството”- нагласува Ристовски. 

Новото парламентарно мнозинство и старо-новиот владин состав според него ќе бидат уште долго време под стигмата на последиците од двострано - исклучивиот пристап во реализацијата на трансферот или преносот на власта, пристап кој всушност и́ доведе до непријатните настани од фамозниот четврток. 

“Јас постојано велев дека исклучивоста на своите политички позиции, и́ кај тие кои очајно сакаа да ја задржат власта по секоја цена, но и́ кај тие кои се обидуваа најбрзо можно и по секоја цена да го валоризираат парламентарното мнозинство и да го преземат владеењето со државата, води до насилство и отворена можност за крвопролевање, што и́ се случи во нашава политичка криза.Секако, за да се санираат последиците од тоа бреме, ќе треба двојно повеќе напори, ќе биде потребен искрен пристап повеќе од било кога досега во владеењето во Македонија, но ќе биде потребно и нов поинаков отворен и транспарентен однос кон јавноста, однос кој влева доверба”- вели Ристовски. 

Околу спорот за уставното име на Република Македонија додава  дека ќе биде потребно филигрантски прецизна дипломатска акција која ќе работи пред се́ на пораст на довербата во меѓусебните односи и релации со Република Грција.

“Странскиот фактор во случајов има лукративен интерес да се реши спорот за името, како предуслов за брз прием во членство во НАТО и отпочнување на процесот на преговори за членство во ЕУ со отворање на првиот корпус поглавја. Потребна е дипломатска акција која ќе работи пред се́ на пораст на довербата во меѓусебните односи и релации со Република Грција, а потоа ќе работи посветено на елиминирање на стравовите и негативните емоции кај двата народи – кај грчкиот и кај македонскиот, а со крајна цел да обезбедиме erga omnes употреба на придавката македонски/macedonian, значи и́ за домашна, но и́ за меѓународна употреба, што за мене е врвен стратегиски, национален и државен приоритет, секако заедно со членството во НАТО и ЕУ”- додава Ристовски. 

Првите мерки на новата власт за укинување на екстерното тесирање како што вели  беа ургентни поради притисокот од роковите за реализација согласно законските потреби.Но, демократската јавност вели дека очекува брзопотезни политички одлуки, мерки и инструменти на политиките кои првенствено треба да ја повратат довербата во политичкиот систем и кои треба да обезбедат стабилизирање на системот и профункционирање на институциите ослободени од партискиот диктат и постојаниот притисок брз нив.

Процесот на сеопшта општествена пропаст според  Ристовски траеше сериозно долго, повеќе од една деценија. За да се поврати општеството во нормала вели ќе биде потребно најмалку уште толку. Дополнително смета дека ќе биде потребно и́ високо ниво на интегритет и морална чесност кај актерите на политичката сцена, и конечно ќе биде неопходно на политичката сцена да се воведе доблесна политика, да се постават  нови основи на кои со доза на извесност ќе се гази  цврсто кон силно амбициран вредносен модел на општество. Ќе биде потребно и етаблирање на нови вредносни принципи кои ќе востановат нови високи вредносни стандарди на општење во политиката, на одржлива основа.

“Време е потребно за се́, а особено за стабилизирање на системот по сите основи. Секако, дека на краток и среден рок од година две, би требало да се видат првите реални резултати кои би ги почуствувале и граѓаните непосредно. Но, и за ова би било потребно посветеност и доследност во водењето на политики на искрени намери спрема секоја индивидуа која е родена, чекори и твори на ова парче света македонска земја. Вредносните пилари – правдата, слободата и еднаквоста ќе мора да зацарат во полн капацитет во секоја сфера од општествениот живот. Во такви услови општеството системски ќе започне да продуцира среќни и задоволни граѓани, на одржливо ниво и на долг рок. Само на овој начин Македонија ќе може да ја вброиме во редот на просперитетните држави и општества и конечно да создадеме услови за враќање на насмевката на лицата на македонските граѓани”- порачува претседателот на Интегра, д-р Љупчо Ристовски. 

С.Б.

Можеби ќе ве интересира

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ДАЛИ БИ ГО ПОСЕТИЛА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА: Билјана Ванковска даде одговор

ДАЛИ БИ ГО ПОСЕТИЛА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА: Билјана Ванковска даде одговор