19 Април, 2024
0.0265

ИНТЕРВЈУ СО МАЈА СТЕФКОВА ШТЕРИЕВА, КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА

Маја Штериева: Не верувам дека новиот најголем акционер ќе ја смени траекторијата на Комерцијална банка

Објавено во: Економија 17 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Не очекуваме дека  промената во акционерската структура на банката позначајно би ги сменила стратегиските правци за развој на банката, вели во интервју за Фактор, Маја Стефкова Штериева,  главен финансов директор на Комерцијална банка. Банката има нов најголем поединечен акционер, а и промени во надзорниот одбор. Очекува добра финансиска година за банката во која е веќе 25 години. На бизнисмените кои влегоа во политичкиот живот им посакува успех за да има подобар живот за сите граѓани, во економски услови со доста проблеми, но и ограничувања за брзи и ефикасни реформи. По референдумот, политичката неизвесност се зголеми, а Стефкова Штериева вели дека е добро ако има помалку политички турбуленции.

За жал, морам да истакнам дека ако една економија е по дефиниција зависна од политичките случувања, за македонската економија тоа се однесува многу пати повеке од која и да било друга развиена земја. Во последните три-четири месеци пред референдумот можеше да се почувствува извесен оптимизам кај нашите клиенти, што за нас беше сигнал дека ќе се охрабрат и ќе влезат во нови инвестициски циклуси. Со оглед дека од референдумот е изминато кратко време, не можам да коментирам каков е, а уште повеќе каков ќе биде сентиментот по овој настан, но во секој случај добро е да има што помалку политички турбуленции. Неспорно е дека првите знаци по референдумот не се многу оптимистички, цените на акциите на Берзата паднаа, а повторно се појавува воздржаност кај стопанските субјекти.

Двајцата први луѓе во актуелната извршна власт доаѓаат од секторот на големиот бизнис. Тоа значи дека имаат добри познавања за стопанските прилики во земјава. Како дел од тимот на едни од најискусните и водечки банкари во земјава, која има и интернационални признанија, што ќе им препорачате или веќе сте им препорачале да биде во фокус на нивното делување од економски аспект со цел Македонија да стане подобро место за живот?

Многу е тешко да се даваат препораки на толку искусни бизнисмени кои се нашле во политичкиот живот. Познавајќи ги, ценам дека совршено им се јасни економските состојби во Република Македонија, со сите добри и лоши страни на економијата, проблемите со кои се соочуваат сите учесници во економските процеси, како и ограничувањата за брзи и ефикасни реформи. Општествата се несовршени системи во кои дејствуваат различни интересни групи, каде што и најуспешните бизнисмени се исправени пред предизвиците да носат одлуки во услови на комплексни општествени и политички околности. Еден е амбиентот кога управувате со компанија со релативно поограничен број фактори кои влијаат на нејзиното работење, а сосема друг е амбиентот во општество како целина во која се испреплетуваат и судираат политички, етнички и економски интереси, а дополнително на тоа се надоврзуваат бројни поединци со свои лични амбиции, персонални карактеристики и индивидуални интереси. Затоа освен да им посакам успех, кој би значел и подобар живот за сите нас, друго не би порачувала од оваа позиција. Најлесно е да се седи на страна и да се порачува, најтешко е да се одработи.

СЕ БОРИМЕ СО „ЦРВЕН ОКЕАН“

Колкав предизвик за вас беше да се биде дел од тимот што управува со најголемата македонска деловна банка? Досега стекнавте значајно банкарско искуство. Кој е најстресниот момент во вашата богата кариера? И како се справувате со стресот од работа?

Јас работам во Комерцијална банка од 1993 година и оваа година на први октомври се навршија 25 години од мојот прв работен ден. Да не беше вашето прашање, нема ни да помислев на овој јубилеј. Одговорот околу предизвикот да работам во банката лежи токму во овој настан - да доаѓаш на работа и да сакаш да го работиш тоа што го работиш, да тежнееш да направиш повеќе и подобро и да не забележуваш како минува времето. Предизвик е да немаш мајка-банка и сам со својот тим да се бориш кога знаеш дека амбиентот е “црвен океан”, како што во последно време се опишуваат пазарите со силна и бескомпромисна конкуренција,  а македонскиот банкарски пазар се повеќе наликува на таков.

Со стресот се справувам со читање книги, но не само затоа што читањето е начин за справување со стресот, туку затоа што тоа ми е навика која сум ја стекнала како дете. Кога читате излегувате од времето и просторот што ве опкружуваат.  На тој начин ментално се опуштате, се релаксирате и на кратко исчезнуваат сите грижи и проблеми.


БАЛАНС МЕЃУ СЕМЕЈСТВОТО И РАБОТАТА

Вие сте една од двете жени кои се во управувачките структури на двете најголеми банки во земјава. Колку трае вашиот работен ден? Дали е тешко да се биде жена и мајка на толку висока и одговорна позиција и како балансирате меѓу семејните обврски и работата?

Јас немам класичен работен ден. Дури и кога би го дефинирале работното време во одредена временска отсечка, работата не завршува туку така. Ако дома  ги читате службените мејлови во било кој период од денот, ако и дома размислувате за одредени предизвици од работа  и си ги запишувате потенцијалните решенија за наредниот ден да може да ги проверите со соработниците,  вие не сте завршиле со работата. Настрана од тоа што понекогаш си носам домашна, се случува во ниедно време да седнам да пребарувам нешто што ми е важно, а поврзано со работата, или некогаш попладне, откако сите ќе си отидат дома, да им се јавам на соработниците за да им  кажам нешто што не сум успеала во текот на денот.

Како и да е, не е лесно да се балансира меѓу домот и работата. Како што децата растат и се осамостојуваат тој баланс станува полесен. Моите деца се веќе пораснати, постариот син е возрасен и веќе четврта година не живее во Македонија, а помалиот е доволно голем да може релативно самостојно да функционира.  Можеби затоа е добро жените да бидат на повисоки и одговорни раководни функции кои бараат повеќе ангажман, тогаш кога малку ќе ги пораснат децата, доколку веќе се одлучиле за семејство. Се друго помалку е имитација на родителство со баби, тетки и дадилки.

МИЛЕНИУМЦИ И ПЕНЗИОНЕРИ

„Комерцијална банка“ оваа година има одлични резултати кои акционерите го очекуваа подолго време. Растечката цена на акцијата на банката е одраз на нивната емпатија и очекувања за раст и веројатно за дивиденда. На што во најголема мерка се должат резултати? Како ја гледате 2018 година низ призмата на директор што е одговорен за финансиите во банката во која штедачите имаат најмногу доверба?

Оваа година секако ке биде добра година споредено со претходните години.  И покрај бројните ограничувачки фактори, менаџерскиот тим на банката успеа да го постигне тоа што ги вети на акционерите во поглед на портфолиото на банката, што од своја страна има голем позитивен импакт на резултатите од работењето. Кредитното портфолио е стабилизирано во поглед на квалитетот, трошоците од работењето се под добра контрола, а оперативната добивка бележи континуиран пораст. Очекуваме да го оствариме планираниот финансиски резултат за 2018 година.


Кој е приоритетот на менаџерскиот тим чиј дел сте на среден рок?

Приоритетите на менаџерскиот тим мора да бидат во согласност со стратегиските целите и приоритетите на банката усвоени на акционерско собрание. Со оглед дека за тоа може да се прочита на нејзината официјална веб страна, во оваа прилика би сакала да се осврнам на поконкретните приоритетите кои треба да се реализираат за да можат да се остварат оние цели кон кои се стремат акционерите на банката. Во услови на македонскиот банкарски пазар коишто веќе ги опишав, сметам дека е особено важно да се задржи профитабилно пазарно учество, да се задржат среќни и задоволни клиенти на кои постојано им се нудат нови производи и услуги, а притоа да се работи целосно транспарентно и “без ситни букви во договорите”.  Во моментот банкарство е најрегулирана дејност во земјата со многу регулаторни барања и ограничувања. Во такви околности, истовремено се соочувате со предизвикот на дигитализацијата како вовед во банкарството на новите генерации, таканаречени милениумци, а се уште ги имате и пензионерите со нивните очекувања пред вашите шалтери. Мора да се признае дека маневарскиот простор и селектирањето на профитабилните клиенти и производи, во вакви услови, е многу тешко.

Секако, еден од главните приоритети останува поддршката на реалниот сектор, зголемувањето на кредитирањето на населението, зголемувањето на нивото на дигитализација на производите и услугите преку развој на каналите како електроската и мобилната банка и, нормално, одржување и зголемување на капиталот и добивката.

„Комерцијална банка“ во акционерската структура има нов најголем поединечен акционер. Тоа е компанија што извесен период е присутна на македонскиот градежен пазар и успешно работи и расте. Веројатно вложувањата во акции на банката што ја водите е признание за вашата досегашна работа, но и доказ за амбициите на нејзините сопственици. Реално е да се очекува дека акционерот ќе ги користи правата за канализирање на своите интереси во деловното работење на банката. Подготвени ли сте како менаџерски тим за овој нов предизвик?

Не очекуваме дека  промената во акционерската структура на банката позначајно би ги сменила стратегиските правци за развој на банката. Присуството на нови членови во надзорниот одбор може само позитивно да влијае на начинот на перцепирање на бизнис реалноста, со оглед  дека новите акционери се многу подобро упатени во тоа што се случува на терен, односно во реалниот сектор.  На сите сериозни аналитичари, како и на сите кои се разбираат во работењето на банките, познато им е дека акционерите со квалификувано учество имаат право на помала кредитна изложеност во однос на останатите корисници на услуги, дека регулативата за поврзување на правните и физичките лица е исклучително строга, а акционерите според актите немаат право на повластен третман во однос на останатите корисници на услуги, така што навистина не гледам предметност на дискусијата за специфичните интереси на овој или кој и да било друг поголем акционер. Верувам дека нашиот најголем акционер, како искусен стопанственик, во ова вложување видел добра инвестиција за поврат на вложените средства преку дивиденда или капитална добивка на среден или  подолг рок.

НАТО Е БРАНИК

Како влезот во НАТО алијансата ќе влијае врз пазарот на капитал, врз финансискиот систем и конкретно врз банкарскиот сектор во земјава?

Најчесто на влезот во НАТО алијансата се гледа како на средство за подобрување на безбедносната состојба на земјата, односно НАТО се смета за браник од различни внатрешни или надворешни безбедносни предизвици. Ако живеете на трусно подрачје, со подобрување на сеизмиката на градбите ќе сметате дека сте се заштитите, па ке живеете покомотно, ќе инвестирате, ќе се опуштите. Најчесто така се гледа и на членството во НАТО. Се очекува дека со тоа ќе се намалат перцепциите за политичкиот ризик, па секој инвеститор ќе се чувствува порелаксирано и попросперитетно. Оттука, несомено е дека сето тоа позитивно би вилјаело на пазарот на капитал, банкарскиот и општо финансискиот систем.

На микро ниво, актуелно е прашањето и расплетот на деловните односи меѓу „Топлификација“ и „ТЕ-ТО“. Како деловен партнер на двете страни кој е интересот на „Комерцијална банка“? Дали имаше и друг начин на кој „ТЕ-ТО“ и „Топлификација“ можеа да извлечат вин-вин ситуација или барем компромис во кој двете страни ќе изгубат по нешто, но ќе бидат задоволни?

Од позиција на сериозна банка, а и како член на Управниот одбор на банката, не би сакала да ги коментирам тековните настани поврзани со нашите клиенти и тоа не само поради обврската за банкарска тајна, туку, пред се, поради етиката на нашето однесување и довербата која секој клиент треба да ја има во банката. Единствено што не интересира во кој и да е правен спор, и помеѓу кои и да се наши клиенти, е да биде испочитувана законитоста, за да се избегнат какви и да било идни процеси и последици кои може да имаат негативно влијание врз сите инволвирани страни.

Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите